Актуелно

Гошинце – сценарио или тероризам

Во кумановско Липково е мирно, со видливо присуство на полиција, која спречи дел од медиумите да ја посетатат караулата што, според МВР, ноќеска била цел на терористички напад од страна на 40 вооружени лица. Настанот отвори сомнеж дека станува збор за намерно иницирање на безбедносна криза и меѓуетнички тензии за дефокусирање од политичките бомби на опозицијата.

Нападот, според МВР, се случил во 2.30 часот утринава во близината на селото Гошинце, Липковскo | Фото: Зоран Ричлиев

Нападот, според МВР, се случил во 2.30 часот утринава во близината на селото Гошинце, Липковскo | Фото: Зоран Ричлиев

Нападот на 40 вооружени лица, со униформи на УЧК, кои меѓусебно зборувале на албански јазик, на караулата во близина на селото Гошинце, се случил во два часот и триесет минути по полноќ, објави македонската полиција.

„Република Македонија, односно државните институции, утринава беа цел на терористички напади“ изјави портпаролот на МВР Иво Котевски, објавувајќи ги деталите за ноќешниот инцидент.

Косовската полиција не забележала сомнителни движења

Од косовската полиција за БИРН изјавија дека досега не забележале никакво сомнително движење на косовската граница на било какви индивидуалци или криминални групи.

Имињата за кои се шпекулира дека се дел од имињата на вооружените лица не ѝ се познати на косовската полиција.

„Овие имиња ништо не ни значат. Не сакаме да коментираме изјави од македонските институции“, изјавија од косовската полиција, додавајќи дека ќе продолжат да ја
мониторираат ситуацијата со цел да се спречат меѓугранични инциденти.

Портпаролот на МВР пак, Иво Котевски за МИА изјави дека се направени и контакти со косовските власти и оти за утре се очекува да се одржат состаноци на највисоко ниво. Комуникација и состаноци ќе има и со српските безбедносни структури.

Според МВР, напаѓачите ги разоружиле четворицата гранични полицајци Ј.А., Џ.З., Г.С. и М.В., тројца врзале со лисици, а М.В. го тепале, со клоци и тупаници. Тие го зеле оружјето што било во караулата, како и радиостаниците на полицајците, а им ги скршиле и мобилните телефони.

Според МВР, напаѓачите на полицајците им се обратиле преку преведувач со пораката „ние сме од УЧК и пренесете на сите дека ниту Ахмети, ниту Груевски не може да ве спаси. Ние сакаме наша држава и не сакаме никакви охридски договори“.

Целиот настан, според МВР, бил снимен од страна на напаѓачите кои по извесно време заминале, а полицајците се ослободиле и пеш тргнале кон Липково.

Забранет влез за новинарите, слободен за цивилите

Два часа по прес конференцијата на Котевски, односно 12 часа по настанот, кај Липковската брана, на 15 километри од Гошинце, пред влезот на селото беа поставени полициски блокади.

Полицајците не им дозволуваа на новинарските екипи да влезат во селото, поради „безбедносни причини“. Сепак, тие дозволуваа да поминуваат цивили во автомобили, а половина час претходно други новинарски екипи веќе се имаа упатено кон Гошинце. На нашите прашања зошто не ни е дозволен влез, полицајците пред Липковската брана кратко одговараа: „Зошто таква е наредбата“.

На новинарските екипи, 12 часа по настанот и два часа по прес-конференцијата на Котевски, им беше забранет пристап до селото | Фото: З. Ричлиев

На новинарските екипи, 12 часа по настанот и два часа по прес-конференцијата на Котевски, им беше забранет пристап до селото | Фото: З. Ричлиев

Во меѓувреме, полициското присуство се зголемуваше, со неколку хермелини, конвои на џипови на граничната полиција и надлетување на областа со хеликоптери. На лице место дојдоа и претставници од ОБСЕ, кои не влегоа во селото бидејќи, како што нè известија, нивните возила не биле блиндирани.

На патот кон Липково евидентно беше и присуството на возила и обезбедувачи од агенцијата Секјурити Груп Сервисис (СГС).

Новинарските екипи што влегоа во селото пред полициската блокада, информираа дека таму е мирно и оти населението не знае за инцидентот.

Полициското присуство се зголемуваше, со неколку хермелини, конвои на џипови на граничната полиција и надлетување на областа со хеликоптери | Фото: З. Ричлиев

Полициското присуство се зголемуваше, со неколку хермелини, конвои на џипови на граничната полиција и надлетување на областа со хеликоптери | Фото: З. Ричлиев

Ова претпладнето во изјава за БИРН го потврди и генералниот секретар на општина Липково Неџат Османи, дека не забележале зголемено полициско присуство ниту пак присуство на неидентификувани вооружени лица.

„Сè што знаеме е она што го слушаме од полицијата. Многу од луѓето не се информирани што се случило. Можам да гарантирам дека меѓу населението не постои етничка омраза. Преживеавме војна и најдобро знаеме како таа изгледа. Не сакаме да поминеме повторно низ тоа“, изјави Османи за БИРН.

Партиите повикуваат на воздржаност

Паралелно со информациите за инцидентот во јавноста се артикулираше сомнежот дека станува збор за намерно иницирање на безбедносна криза и меѓуетнички тензии за дефокусирање од политичките бомби на опозицијата.

Во соопштението на владејачката ДУИ по повод инцидентот се апелира на воздржаност и „ненаседнување на провокации“

„Граѓаните не треба да бидат вознемирени, но истовремено не треба да дозволат да паднат во замка на таквите провокации“ се вели во соопштението на ДУИ.

Од СДСМ изјавија дека „нерасветлувањето на инцидентите од безбедносен карактер за коишто информира власта последниов период отвора можност за различни шпекулации и тензии“.

„Сериозно се сомневаме во капацитетите на институциите кои се партиски испостави на власта“, се вели во соопштението на партијата која ги повика граѓаните на воздржаност.

Во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ пак, се повикуваат институциите одлучно и решително да постапат во расчистувањето на случајот.

„Граѓаните на Република Македонија треба да останат смирени и да не дозволат реализација на сценарија чија цел е дестабилизација на земјата и загрозување на редот и поредокот“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно, аналитичари и активисти предвидуваа дека е можно сценарио на вештачко предизвикување безбедносни закани, за дефокусирање од политичката криза.

Ниту претставниците на ОБСЕ не успеаја да влезат во селото Гошинце | Фото: З. Ричлиев

Ниту претставниците на ОБСЕ не успеаја да влезат во селото Гошинце | Фото: З. Ричлиев

„Колку подолго чекаме да се реши кризата, толку е поголем ризикот некој ‘да најми’ ситни криминални албански групи кои би исценирале конфликт“ изјави неодамна за БИРН политичкиот аналитичар Мерсел Биљали.

Лидерот на „Достоинство“ Стојанче Ангелов пак, на почетокот на месецов предупреди дека „некој во нашата држава направил монструозен план за меѓуетнички судир“.

„Имам информации дека се дадени два милиони евра на Албанци кои немаат врска со УЧК, кои се некои криминалци во Липковскиот регион. Нивната задача била да се претстават како УЧК и да извршат убиство на неколку припадници на полицијата или армијата и така да предизвикаат меѓуетнички конфикт”, рече Ангелов.