Тешко може да се пресмета времетраењето на обраќањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на Конгресот во Куманово. Државната агенција МИА со преку 30 вести напиша точно 32 страници само од неговите говори.
Премиерот, според она што го пренесе МИА, најмногу го споменуваше својот омилен збор „инвестиции“, дури 43 пати, а зборовите „слобода“ и „демократија“ двојно помалку. Опозицијата ја спомена дури 26 пати, а „вработувања“ девет пати.
БИРН пренесува дел од клучните поенти на Груевски од своето излагање пред делегатите на Конгресот. Тој рече дека не се нафатил на оваа работа за некој да му се заблагодари, туку единствено за да ѝ помогне на својата држава.
Зборот „фала“ наиде на интересни дискусии на социјалните мрежи, па твитерџиите почнаа масовно да му се заблагодаруваат на премиерот.
Според Груевски, ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ имаат различни видувања за тоа што е слобода.
„Ова што го прави СДСМ нема никаква врска со слобода и демократија, апсолутно никаква. Тоа е злоупотреба и монополизирање на термини и кампања со само една цел – нивна политичка, доаѓање на власт по секоја цена“.
Во неговиот говор, тој прецизно подели колку медиуми наводно поседува опозицијата, воедно споменувајќи ги и невладините организации и интересните групи што се под контрола на опозицијата. Самото тоа што опозицијата имала невладини и медиуми, според Груевски, е доказ дека постои слобода и демократија во земјава.
Како Груевски гледа на неговите политички опоненти и објавувањето на политичките бомби?
Тој апелираше дека треба да има истрага за опозициските бомби, но повтори дека станува збор за „креирани материјали“ со цел Заев да оствари лична амбиција и да стане „премиер без заслуга“. Ако во таа истрага се покаже и докаже дека некој нешто погрешил, нека одговара пред законот и институциите, но ако не погрешил, треба и тоа да се објави, за да се тргнат валканиците кои Заев секојдневно ги фрла врз нас, смета Груевски.
За безбедносниот план, Груевски оценува дека имало неколку ситуации кои ја зголемиле загриженоста кај граѓаните, но полицијата и институциите одлично се справиле со нив. Дијалог и толеранција за него е единствениот начин за справување со проблемите, но најавува жестоко справување со секој оној што ќе се обиде да ја загрози безбедноста.
Премиерот сака со опозицијата да разговара само на пет теми и да постигне консензус за повисок квалитет во образованието, иновациите и претприемништвото, стабилност и безбедност на земјата, прашањето за името, напорите за отворање работни места и воведување повисоки стандарди во секоја сфера.
За Груевски, Скопје 2014-та е одличен проект, со значајна суштина, поврзан со македонскиот „толку многу негиран идентитет и историја“. Единствената грешка во проектот, вели тој е дека „сакавме да направиме сè што се пропуштило во 50 години“. Тој рече дека од сите проекти, останала уште изградбата на спомен обележјето на Мајка Тереза, чие проектирање е при крај.
Образложувајќи дека „тие не се ништо посебно“, Груевски најави и можна смена и функционерски места, но не даде детали за тоа за кои места станува збор.
Според Груевски, влезот во НАТО и во ЕУ останува стратешка цел за Македонија, а во својот говор тој даде е многубројни ветувања за нови вработувања и инвестиции. Тој вели дека и покрај сите турбуленции, партијата се држи, односно „како партија внатре дебатира силно, а надвор настапува единствено“.