Вести

Гугл статистика: Јавните простори се испразнија пред мерките

Движењето низ земјава значително се намали по прогласувањето вонредна состојба | Фото: БИРН

Македонските граѓани што користат Гугл, и на кои им е вклучена опцијата да им се чита локацијата и движењето, поради корона вирусот, во просек за 74 проценти ја намалиле посетеноста на рестораните, кафулињата, трговските центри и другите затворени објекти што нудат некаква услуга. Ова е споредено со периодот од пред 8 март.

Тоа се дел од податоците што Гугл денеска почна да ги објавува за секоја држава одделно и се однесуваат на периодот од 16 февруари до 29 март. Имено, компанијата соопшти дека ќе им помогне на владите во светот, во борбата за сузбивање на вирусот, со тоа што ќе почне да споделува дел од огромните бази на податоци што се собираат од корисниците на нивните услуги.

Според нивното соопштение, нема да се споделуваат лични податоци или информации за движење на поединци, туку врз основа на севкупните податоци што доаѓаат од електронските уреди на корисните на Гугл ќе се презентираат трендови на посети на одредени подрачја или сектори, со цел да им овозможи на институциите на државите подобар увид во движењето и промените во однесувањето на луѓето, како резултат од мерките што се преземаат.

Податоците за Македонија велат дека по 8 март, за 41 процент опаднала посетеноста на маркетите, продавниците за храна, аптеките и пазарите.

За 44 проценти е намалена посетеноста на јавните простори, како паркови и плоштади. Во овој сегмент е интересно да се забележи остар пад во посетеноста на овие јавни простори веднаш по 8 март, но тоа не трае долго, односно во следните денови таа веќе се враќа на вообичаеното ниво. Сепак, неколку дена потоа доаѓа до постојано намалување на фреквенцијата на луѓе, за некаде пред 29 март, во некои денови да се намали во просек за до 60 проценти. 

За 69 проценти е намалена фреквенцијата на станиците за јавен транспорт, како автобуски и железнички станици и аеродроми. Според податоците на Гугл, за 51 процент опаднало одењето на работните места од страна на нивните корисници, а единствено зголемување споредено со претходниот период има во посетеноста на домовите.

Графиконите покажуваат дека острото намалување на посетеноста на јавните простори почнува околу 9 март. Од важните информации, кои тогаш ѝ беа соопштени на јавноста, беше обелоденувањето дека директорката на Кожната клиника е позитивна на вирусот откако била во странство и не се изолирала, што доведе до испраќање на сите вработени од Клиниката и други лекари со кои таа била на симпозиум во 14-дневна изолација.

На 14 март се донесе одлука за затворање на сите трговски центри, молови, кафулиња, ресторани, обложувалници и казина, а вонредната состојба во земјава се воведе на 18 март. По овие два настана, дополнително се намалува посетеноста на сите јавни локации во државата.