Регион

Хашим Тачи сослушан во Хаг

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг

Тачи беше сослушан во Специјализираното обвинителство на Косово (СОК), кое води истраги за воените и повоените злосторства.

Да потсетиме, СОК објави дека до Специјализираните совети на Косово (ССК), поднело обвинение од десет точки, со кое Тачи, политичарот, Кадри Весели, и други личности, се товарат за низа злосторства против човештвото и за воени злосторства, кои вклучуваат убиства, присилно исчезнување, прогон и мачење.

„Никој не може да ја преработи историјата. Ова е цената за слободата“, изјави Тачи, пред да разговара со обвинителите.

Доколку се потврди обвинението, на Тачи ќе му се суди пред Специјализираните совети на Косово (ССК) во Хаг. Тачи негираше дека сторил нешто незаконско и истакна дека ќе си даде оставка, доколку судијата го потврди обвинението против него.

Мала група Албанци протестираа пред зградата на ССК. Тие држеа транспаренти на кои пишуваше „Ова е расизам“, пееја песни и извикуваа „УЧК“.

Весели, лидер на опозициската Демократска партија на Косово, денеска на Фејсбук напиша дека Тачи е неговиот „воен пријател“ и дека „оваа битка за Косово ќе биде триумфална“.

Рамуш Харадинај, поранешен косовски премиер кој поднесе оставка во 2018 година, откако специјализираните обвинители го повикаа на сослушување, ја пофали подготвеноста на Тачи да разговара со обвинителите.

„Во сите околности низ историјата, покажавме зрелост, храброст, корисност и соработка. Ова е докажано со нашата подготвеност, дури и од позиција на жртва, да одговориме на повиците за правда, без разлика колку и да се тие неправедни“, напиша Харадинај денес на Фејсбук.

Над 100 поранешни припадници на ОВК беа сослушани од специјализираните обвинители, кои ги истражуваат наводите за убиства, тортура, нелегален притвор и други дела.

СОК соопшти дека минатиот месец го обзнанило обвинението против Тачи и Весели, затоа што тие „спровеле тајна кампања со цел да се укине законот со кој се формираа Специјализираните совети како суд, како и со намера на друг начин да ја опструираат работата на судот, сѐ со цел самите да не бидат изведени пред лицето на правдата“.

Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство на Косово, се дел од косовскиот судски систем со седиште во Холандија, во кои е ангажиран меѓународен персонал.

Тие беа формирани под притисок на западните сојузници на Косово, кои се плашеа дека судскиот систем на Косово не е доволно подготвен да ги истражи ваквите чувствителни случаи.

Косовските Албанци се против овој таканаречен специјален суд и го сметаат за навреда на војната на ОВК за ослободување.