Регион

Хрватска бара да учествува во постапката против Прлиќ и останатите

Хашките власти му поднесоа на Хашкиот трибунал жалба, во која бараат да им се дозволи учество во предметот против Јадранко Прлиќ и уште пет други лица обвинети за злосторства во Херцег-Босна, на што се спротивставија обвинителите.

Пишува: Денис Џидиќ, Сараево

Шестмината обвинети во судница во месец март, кога ја поднесоа жалбата

Хрватска, до Апелацискиот совет на Хашкиот трибунал поднесе барање за измена на одлуката со која беше одбиено нејзиното барање да се појави како пријател на судот, во случајот што се води против Јадранко Прлиќ, Бруно Стојиќ, Слободан Праљак, Миливој Петковиќ, Валентин Чориќ и Берислав Пусиќ, се вели во соопштението што во петок го објави судот на ООН.

Хрватските власти во поднесокот до хашките судии велат дека наводите на обвинителите, оти Фрањо Туѓман, Гојко Сушак и Јанко Бобетко биле учесници во здружен злосторнички потфат на територијата на Босна и Херцеговина, се „новите факти“.

Затоа, тие побараа да им биде дозволено да му се обратат на Апелацискиот совет, пред донесувањето на правосилната одлука за шестмината обвинети за злосторства во Херцег-Босна.

Како што се вели во жалбата, што Хрватска ја поднесе на почетокот на овој месец, нивното појавување во случајот против Прлиќ и останатите, би помогнало во премавнување на „правните грешки“.

Хашките обвинители се спротивставија на оваа жалба, нагласувајќи дека првостепениот судски совет донел правилна одлука кога го одбил барањето на Хрватска да се појави како пријател на судот.

„Првостепениот совет донесе фактички заклучоци за улогата на тројцата хрватски функционери, но не донесе никакви заклучоци за нивната кривична одговорност. Тие тројца не беа прогласени за виновни за никакви злосторства“, се вели во реакцијата на обвинителите.

„Исто така, Апелацискиот совет веќе укажа дека во овој случај не се носат заклучоци за одговорноста на државите за злосторствата“, се вели во одговорот.

Обвинителите, исто така, наведоа дека жалбените постапки во Хаг обично се однесуваат на „прашања од законот“ и дека улогата на Хрватска би била да ги оспори „фактичките заклучоци“, па поради тоа жалбата треба да се орфрли.

Трибуналот минатата година го отфрли првичното барање на Хрватска да се појави како пријател на судот во случајот против Прлиќ, Стојиќ, Праљак, Петковиќ, Чориќ и Пусиќ, кои беа осудени на вкупно 111 години затвор, за злосторства извршени во Босна и Херцеговина, во периодот од 1992 до 1994 година.

Тие се обвинети за учество во здружен злосторнички потфат, чија цел била прогон и етничко чистење на Бошњаците од територијата на Херцег-Босна, кои сакале да ја приклучат кон „Голема Хрватска“.

Со пресудата, Прлиќ беше осуден на 25 години затвор, Стојиќ, Праљак и Петковиќ на 20 години, Чориќ на 16, додека Пусиќ беше осуден на 10 години затвор.

Пресудата во март оваа година ја обжалија и одбраната и обвинителството.

Одбраната бара пресудата да се поништи или да се измени и да се поништат заклучоците за заеднички злосторнички потфат и за учество на Туѓман, Сушак и Бобетко.

Хашките обвинители бараат построга казна за обвинетите и потврда на заклучоците за здружен злосторнички потфат.

Апелациониот суд се очекува до крајот на оваа година.