Свештеникот Пуљиќ ја напушта својата позиција во Германија, откако на Фејсбук објави повик за финансиска поддршка на загрепската организација, Друштво за истражување на тројниот логор Јасеновац, која ги доведува во прашање утврдените факти за злосторствата извршени во Јасеновац, концентрациониот логор од Втората светска војна во Хрватска.
Од бискупијата Хилдесхајм, во чии рамки делува хрватската католичка мисија, за БИРН изјавија дека „непогрешливо му ставиле на знаење на свештеникот, оти сметаат дека ширењето на апелот на Фејсбук е сериозна грешка“.
„Апелот доаѓа од здружение кое го доведува во прашање фактот дека концентрациониот логор Јасеновац од Втората светска војна, бил логор за истребување“, изјави портпаролот на бискупијата Хилдесхајм.
Тој додаде дека според мислењето на бискупијата „постои опасност убиствата на бројни луѓе во овој логор, да бидат тривијализирани“.
„Свештеник кој јавно дели таков апел, дава впечаток на сочувство со фашизмот, што, според мислењето на Хилдесхајмовата бискупија, апсолутно не доаѓа предвид, бидејќи фашизмот во никој случај не е компатибилен со евангелието“, нагласи тој.
Според Меморијалниот центар Јасеновац, од 1941 до 1945 година, хрватското фашистичко усташко движење, во логорот Јасеновац, убило над 83 000 Срби, Евреи, Роми и антифашисти, но десничарските ревизионисти тврдат дека бројот на убиени е многу помал.
Друштвото за истражување на тројниот логор Јасеновац смета дека усташите во Јасеновац воделе работен логор за непријателите на режимот и дека концентрациониот логор бил основан дури по војната, од страна на комунистите, кои, во него, до 1948 година, ги затварале усташите и домобраните, а потоа, до 1951, наводните сталинисти.
Ова нивно мислење не наоѓа поддршка во повеќето историски документи, ниту меѓу историчарите истражувачи.
Во 2017 година, Министерството на бранители, на Друштвото му одобри 6.600 евра, за истражување на архивскиот материјал за Јасеновац.
На 12 септември оваа година, Пуљиќ го сподели апелот за донации објавен од Друштвото, со цел „утврдување на реалната слика за настаните во логорите Јасеновац и Стара Градишка, како и за другите настани од Втората светска војна и повоениот период“.
„Од основањето на Друштвото во 2014 година, нашите членови силно во јавноста ги предизвикаа црните митови за логорот Јасеновац, преку серија книги, написи, фељтони и јавни настапи“, се вели во соопштението на Друштвото.
Од бискупијата Хилдесхајм нагласуваат дека Пуљиќ ги отфрлил обвинувањата против него, но дека „најдоброто решение го гледа во враќањето во неговата матична бискупија“.
„Тој рече дека ги смета обвиненијата против него за неправедни. Тој, исто така, истакна дека во сите форми се дистанцира од фашизмот, национализмот и од комунизмот и дека на ниту еден начин не ги поддржува“, нагласи портпаролот на бискупијата.