Регион

Иницијатива за изградба на споменик на Виталиј Чуркин во Сребреница

Здружение на граѓани од босанскиот ентитет, Република Српска, РС, предизвика лути реакции со својата најава дека покренало иницијатива, во Сребреница да му се подигне споменик на поранешниот руски амбасадор во Обединетите нации, кој гласаше против резолуцијата за геноцидот во овој град, Виталиј Чуркин.

Пишува: Данијел Ковачевиќ, Бања Лука

Виталиј Чуркин, поранешен руски амбасадор во ООН. Фото: ООН, Еван Шнајдер

Претставници на Здружението „Источна алтернатива“ од РС, најави дека на 8 јули, во градскиот парк во Сребреница, ќе биде подигнат споменик на Виталиј Чуркин, во знак на благодарност, што пред две години, го спречи донесувањето на британската резолуцијата за Сребреница во ООН.

Претседателот на здружението, Војин Павловиќ, за БИРН изјави дека споменикот е готов и дека под името на Чуркин, на руски јазик ќе пишува, „Ви благодариме за руското НЕ“.

„Ова е наш скромен знак на благодарност за принципиелната политика на Русија, за поддршката на вистината за војната во Босна и Херцеговина и за заштитата на РС, како и за храбриот руски амбасадор Виталиј Чуркин, кој стави вето на срамната резолуција“, рече Павловиќ.

Чуркин почина во февруари оваа година. Тој беше рускиот претставник во мировните преговори што се водеа за време на конфликтот во поранешна Југославија, 1992-1994.

Во 2015 година, тој стави вето на резолуцијата на Советот за безбедност предложена од британската влада, за осуда на масакрот во Сребреница како геноцид.

Со усвојувањето на резолуцијата беше планирано да се одбележи 20-годишнината од масакрите што ги извршија силите на босанските Срби над околу 8.000 бошњачки мажи и момчиња.

Кина, Нигерија, Ангола и Венецуела беа воздржани, а останатите 10 членки на Советот за безбедност, гласаа за.

Чуркин изјави дека резолуцијата не е „конструктивна, дека е конфронтирачка и политички мотивирана“.

Дали „Источна алтернатива“ ќе може без одобрение да го постави споменикот, не се знае.

Павловиќ истакна дека барањето за изградба на споменикот до локалните власти го поднеле уште во февруари, но дека сѐ уште не добиле дозвола, иако тоа што нема одговор, во здружението го толкуваат како знак на одобрување.

Откривањето на споменикот е предвидено три дена пред 11-ти јули, кога се одбележуваат 22 години од масакрот во Сребреница.

Здруженијата што ги претставуваат семејствата на жртвите, остро ја осудија иницијативата, нарекувајќи ја обид за провокација.

„Секоја година на 11 јули, тие прават нешто. Не знам што друго ќе измислат за да ги испровоцираат повратниците и преживеаните на геноцидот“, изјави за БИРН, претседателката на здружението „Жени на Сребреница“, Хајра Чатиќ.

Мунира Субашиќ, претседателка на здружението „Мајки од енклавите Сребреница и Жепа“, рече дека нема да ја изненади ако во Сребреница почнат да се поставуваат споменици на воени злосторници.

„Тие се горди на она што го направија во Сребреница. Тие никогаш не покажаа каење“, рече Субашиќ за медиумите.

Хашкиот трибунал во 2004 година, во случајот против поранешниот генерал на Восјката на РС, Радислав Крстиќ, пресуди дека масакрот во Сребреница е геноцид.

Оваа одлука беше потврдена и од Меѓународниот суд на правдата во 2007 година.