Во Народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов врамен стои Манифестот на четвртиот Илинден на иницијативата „За заедничка Македонија“. Народната канцеларија, освен со Манифестот, е збогатена и со логоата на иницијативата „За заедничка Македонија“ кои се залепени од внатрешната страна на прозорците, а се гледаат однадвор.
БИРН во петокот ја посети народната канцеларија на Иванов во центарот на Скопје, за да добиеме одговор на прашањето зошто симболи од оваа иницијатива, чии што приврзаници ги предизвикаа инцидентите во Собранието од 27 април, се поставени во канцеларијата.
„Не знам, јас сум практикант тука, но најверојатно некој додека се потпишувал во книгата за поддршка на претседателот, ги залепил и симболите“, ни рече вработената од Народната канцеларија.
Во книгата за поддршка на Иванов потпишани беа 2.344 луѓе, од кои дел само со имиња и презимиња, а дел имаа оставано и пораки до претседателот. Веднаш до масата на која се наоѓаше книгата за поддршка, на ѕидот, врамен стоеше Манифестот, со потписот од иницијативата „За заедничка Македонија“.
Во петокот се обративме и до кабинетот на Иванов, со прашања од кои причини симболите на иницијативата „За заедничка Македонија“ се поставени во Народната канцеларија, кој ги поставил таму, зошто не се отстранети и дали претседателот ја поддржува оваа иницијатива. Одговор на прашањата не добивме.
Според објавените фотографии во медиумите од 4 март годинава кога иницијативата „За заедничка Македонија“ го достави т.н. Манифест на четвртиот Илинден до канцеларијата на Иванов, може да се види дека тој е само оставен на масата во канцеларијата и дека не е врамен. Кој и зошто го врамил во меѓувреме и го закачил на ѕидот, останува непознато. Инаку, претседателот има склоност кон врамување и знамиња со кои изобилува Народната канцеларија што се гледа и од неговиот годишен буџет.
Претседателот Ѓорге Иванов, на прес-конференцијата што ја одржа по инцидентите во Собранието на 27 април, не го осуди насилството што започна откако претставници од неформалната иницијатива, влегоа во Собранието и брутално претепаа пратеници.