На листата помилувани од претседателот се наоѓаат повеќе бизнисмени, сопственици на медиуми, полициски службеници, градоначалници и лица поврзани со оф-шор компании од Белизе, Лугано и од САД
Според одлуките на Иванов, објавени во „Службен весник“, можат да се видат имињата на Коста Крпач, директор на Финзи ДОО, фирма основана од оф-шор компанија во САД. Компанијата Финзи ДОО, пак, е основач на веб-порталот Нетпрес.
На листата е и Владислав Стајковиќ, првиот човек на фирмата НВСП, која се споменуваше во аудио-снимките, како фирма на која треба да легне израелската донација. Фирмата НВСП е првиот сопственик на агенцијата за обезбедување СГС, која во јавноста се поврзува со поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков. Оваа фирма воедно е сопственик на Радио Слободна Македонија и на Три Телевизија Куманово.
И Жарко Луковски, главниот и извршен директор на Т-мобиле, чиј кум е Мијалков, се најде на листата помилувани. Помилуван е и Мирослав Јовановиќ, главен директор за техника и информатичка технологија на Македонски Телеком.
На листата се најде и Живко Пејковски, директорот на затворот „Идризово“, кој најверојатно се нашол на оваа листа поради објавената „бомба“ на опозицијата што се однесуваше на гласање во затворите. СДСМ лани го обвини Пејковски дека во договор со тогашниот министер за транспорт Миле Јанакиески вршеле притисок за тоа како треба да гласаат затворениците.
Помилуван е и Трајко Трпевски, лицето кое беше спомнувано во една од бомбите на опозицијата. Од партијата лани објавија разговор меѓу Јанакиески и Трпевски, на кој министерот му вели дека треба да плати 150.000 евра за трошоци за два авиони со кои ќе бидат пренесувани иселеници за гласање.
Претседателот Иванов аболирал и еден странски државјанин – Хаим Хакијни од Израел. Станува збор за лицето кое што во објавените аудио снимки на опозицијата, ја договара провизијата за набавката на опрема за специјалните единици на МВР.
На листата помилувани има и тројца градоначалници, на Гази Баба, Битола и Пустец, Тони Трајковски и Владимир Талевски и Едмонд Темелко.
Меѓу помилуваните се и две лица од компании со швајцарски и со капитал од Белизе. Помилуван е Тодор Мирчевски, директорот на скопската фирма со анонимен швајцарски капитал „Ексико“, која е сопственик на повеќе големи македонски компании и акционерски друштва. Во истата „група“ помилуван е и Ристо Новачевски, поранешен директор на фирмата со капитал од Белизе, Сирах, и кум од првиот брак на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Оваа фирма се јавуваше како купувач на вредно земјиште на Водно, а подоцна истата беше продадена на бизнисменот Орце Камчев и преименувана во Систина лајф кеар.
На листата помилувани е и Мунир Пепиќ, вработен во Агенција за разузнавање, осомничен во акцијата на СЈО. Toj се сомничеше за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање и уништување на изборен материјал.
Осомничениот Пепиќ, според СЈО, во изминатите години работел во управните служби на МВР од каде посредувал издавање на документи за лична идентификација без соодветни документи, односно впишувал жители на адреси во кои не живеат, издавал државјанства спротивно на закон и друго.
Помилувана е и Анета Станчевска, шеф на одделот за внатрешна контрола во МВР, која беше на распит во Специјалното јавно обвинителство за случајот со убиството на Мартин Нешковски.
На листата е и Божидар Јанковски, директорот на Дајнерс клуб и сопруг на потпретседателката на СДСМ Радмила Шекеринска.
Претседателот Иванов аболирал и еден странски државјанин – Хаим Хакијни од Израел. Станува збор за лицето кое што во објавените аудио снимки на опозицијата, ја договара провизијата за набавката на опрема за специјалните единици на МВР.
Нејасно е според која методологија се водел Иванов кога ги помилувал овие лица, ниту пак како претседателот знаел за кого се води предистражна постапка, која треба да биде тајна.
„Од Специјалното јавно обвинителство сигурно не ги добил, има над педесет аболирани лица кои се наоѓаат на подрачје на повеќе судови. Тоа сигурно некако организирано му било дадено, а тој од друга страна вели дека со никој не се консултирал за вчерашната одлука. Како ги добил информациите, преку гулаб?“, вели Калајџиев.
Иванов вчера се извини доколу некого навредил со аболицијата, но потенцираше дека доколку пропуштил некого да помилува, накнадно ќе го стори тоа.