Регион

Изложба за воената „Алеја на снајпери“ во Сараево

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Фото: Пол Лоу

„Внимавај, снајпер“ е називот на мултимедијалната изложба која преку фотографии, истражување на архивите на Хашкиот трибунал, изјави на сведоци и 3Д моделирање, ја документира воената опсада на Сараево. Изложбата ќе биде отворена утревечер, во Историскиот музеј на Босна и Херцеговина.

Изложбата е заснована на истражувањата на Пол Лоу, наградуван фотограф кој живее во Сараево, кој известувал за војната во БиХ и чии дела, меѓу другите, се објавени и во Тајм, Њузвик, Лајф и Д Сандеј Тајмс Магазин.

Изложбата, историски и географски, ја реконструира зоната во Сараево, која за време на опсадата 1992-1995  била позната како „Алеја на снајпери“ – неформално име за зоната во улицата Змај од Босна и булеварот Меша Селимовиќ, главниот булевар во Сараево, која, за време на војната во БиХ, била под постојан надзор од снајперски гнезда, поради што минувањето на цивилите на ова место било многу опасно.

Планините кои го опкружуваат градот биле, исто така, користени за снајперски позиции од страна на силите на босанските Срби.

„Пол Лоу ги фотографираше југословенските војни од самиот почеток, тој беше тука во Сараево за време на опсадата и од прва рака виде што се случува, не само во Алејата на снајперите, туку генерално во Босна и Херцеговина. Тој остана тука, и ги виде последиците од војната“, изјави регионалната директорка на БИРН, Марија Ристиќ.

На изложбата ќе бидат претставени не само делата на Лоу, туку и работата на други фотографи како Рон Хавив, Енрик Марти, Рикард Ларма и Жервасио Санчез.

„Лоу користеше свои фотографии и фотографии на други, но и документи, уметнички инсталации и технологија за да создаде привлечна приказна за настаните. Се надеваме дека преку оваа комбинација на новинарство, судски наоди, сведочења на сведоци, 3Д моделирање и уметност, ќе ѝ донесеме нови техники за раскажување на приказни на јавноста, не само во Сараево, туку и во другите места во регионот“, додаде Ристиќ.

Изложбата се отвора на 18 ноември, на годишнината од смртта на Нермин Дивиќ, момчето кое тој ден во 1994 година било убиено од снајперист.

Изложбата е дел од проектот на БИРН, Балканска транзициска правда, кој има за цел да ги охрабри професионалците од различни области, да ги истражуваат архивите на судовите, кои судат воени злосторства на Балканот.

Изложбата е поддржана и од Центарот за истражување на фотографијата и архивите, од Универзитетот за уметност во Лондон и од Фондацијата VII.

Изложбата „Внимавај, снајпер“ ќе биде поставена во Историскиот музеј на БиХ во Сараево, до пролет следната година.