Енергија Икс, една од двете микрофирми што во јуни минатата година беа избрани да увезуваат јаглен за РЕК Битола, веќе го нема во сопственичката структура мистериозниот 45-годишен тетовец Алибер Ибраими. Тој го продал неговиот удел на гостиварецот Сеат Елмази, чие семејство се занимава со транспорт и со ископување минерални суровини.
Сеат Елмази е син на Хекри Елмази, бизнисмен од Гостивар и сопственик на компанијата Ел Транс. Оваа фирма е основана во 1998 година и се занимава со транспорт и со експлоатација на камен-доломит од каменоломот во Чајле, кој го има под концесија. Ел Транс редовно го снабдува државното јавно претпријатие Железници Инфраструктура со толчаник што се користи под пругите.
Таа, исто така, произведува готов бетон за градилишта. Според податоците од нејзината фејсбук-страница, оваа фирма има десетина транспортни камиони и уште толку бетономешалки, како и други возила и опрема.
Во разговор за БИРН, Хекри и Сеат Елмази потврдија дека ја презеле фирмата, но поради презафатеност не можеа да откријат повеќе детали околу нејзината работа.
Алибер Ибраими останува косопственик на другата микрофирма што доби дел од истиот тендер – Куантум Солушнс.
Тој, заедно со уште една бизнис-партнерка, ги основаше двете фирми пролетта 2022 година, едната на денот кога државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) го распиша огласот за набавка на јаглен – 31 март, а другата два месеца подоцна, на 5 мај. Ниту имаа вработени (освен управителите), ниту канцеларии на наведените адреси, ниту опрема и механизација, ниту, пак, некој од луѓето што беа вклучени од нив имаше видливо искуство во енергетскиот сектор.
И покрај тоа, на 13 јуни беше соопштено дека добиле бизнис вреден над девет милиони евра – околу шест милиони за Куантум Солушнс и три милиони за Енергија Икс, за да увезат вкупно 150 илјади тони јаглен од Албанија и од Грција.
Најмувањето на овие фирми отвори многу прашања во врска со тоа како ЕСМ ги избира бизнис-партнерите што треба да помогнат да се зголеми домашното производство на струја за државата полесно да ја преброди актуелната енергетска криза – како фирми без капацитети добиваат работа во енергетскиот сектор, дали некој друг стои зад нив итн.
Сепак, и покрај законските обврски за пристап до информации од јавен карактер, ЕСМ не овозможи увид во договорите за овие набавки. Единствено, генералниот директор Васко Ковачевски, во деновите откако БИРН објави дека неговата компанија купува јаглен од две микрофирми со ист газда, во неколку телевизиски интервјуа нагласуваше дека компаниите целосно ги исполнувале обврските и навреме доставувале јаглен со соодветен квалитет.
Во меѓувреме, се сменија сопственичките структури и во двете фирми откако тие ги добија тендерите, покажуваат податоците од Централниот регистар. Куантум Солушнс беше основана само од Ибраими, но во август како косопственик му се придружи извесен Лазар Кимов. Енергија Икс, пак, Ибраими ја основаше заедно со бизнис-партнерката од Скопје, Ана Христовска, но во август 2022, нејзиниот дел премина во сопственост на ракометниот менаџер Ристо Чокрев, а во ноември косопственик наместо Ибраими стана Елмази.