Регион

Караџиќ побара дозвола да добие лаптоп и да користи интернет и скајп

Поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ, побара од судот во Хаг, да му биде дозволено да користи лаптоп во притворот, бидејќи има болки во грбот поради седење пред статичен комјутер.

Радоша Милутиновиќ, Белград

Радован Караџиќ. Фото: МКТЈ

Радован Караџиќ, за време на статусната конференција, која се одржа во понеделникот, побара од судиите на Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ) во Хаг, да му дозволат да користи лаптоп, затоа што имаат болки во грбот, поради повеќечасовното седење пред статичен комјутер.

Караџиќ го повтори и барањето да му се дозволи користење на интернет и на скајп, со цел полесно да дојде до работни материјали и да комуницира со неговото семејство.

Судијата Теодор Мерон, претседател на MМКТ, рече дека за барањата на Караџиќ, наскоро ќе се огласи секретаријатот на судот.

Караџиќ, исто така, нагласи дека, поради изолираноста во притворот, се чувствува како да е осуден на смрт.

Зборувајќи за своето здравје, Караџиќ рече дека се чувствува подобро и дека е задоволен од односот кој кон него го има персоналот во судскиот притвор.

На претходните статусни конференции, Караџиќ во неколку наврати се жалеше дека неговата здравствена состојба се влошила, поради годините поминати под притворскиот режим на живеење.

Караџиќ е во притворот во Шевенинген од неговото апсење во 2008 година.

Хашкиот трибунал во март минатата година, го осуди Караџиќ на 40 години затвор, прогласувајќи го за виновен за геноцид во Сребреница, прогон на муслиманите и Хрватите низ цела Босна и Херцеговина, за тероризирање на цивилите во Сараево и за земање на припадници на УНПРОФОР како заложници.

Со истата пресуда беше ослободен од обвинението за геноцидот извршен во 1992 година.

И Караџиќ, и обвинителите, поднесоа жалба на оваа пресуда. Караџиќ со жалбата побара да биде ослободен, а обвинителите побараа да биде осуден на казна доживотен затвор.