Вести

Ќе се протестира ако не се повлечат плаќањата за хонорарците

Синдикати, здруженија и граѓани бараат средба со министерот Диме Спасов и повлекување на измените за наплата на придонеси. Ако средбата не се одржи до вторник, ќе има протести.

Ќе има протести доколку до 16 декември не се одржи средба со министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Потписниците на Повелбата за солидарност, Синдикатот на новинарите и медиумските работници (ССНМ), Конфедерацијата на синдикални организации КСОМ, синдикатот на УПОЗ, левичарското движење „Солидарност“ и Движењето за социјална правда „Ленка“, по вчерашниот проширен состанок со претставници на повеќе здруженија и граѓани, усвоија заеднички став за измените за задолжително социјално и здравствено осигурување на лицата на кои им се исплаќа хонорар.

Тие бараат итна средба со министерот за да се одложи стапувањето на сила на измените на законите на први јануари, со кои се воведува плаќање придонеси за хонорарите, со цел да се отвори простор за нивна измена и повлекување.

Потписниците на Повелбата за солидарност му даваат рок за средба на министерот Спасов до вторник

Потписниците на Повелбата за солидарност му даваат рок за средба на министерот Спасов до вторник

„Има голема опасност оние лица кои се во редовен работен однос да бидат префрлени како хонорарци. Во тој случај тие би биле чисти пред државата – би плаќале придонеси, но тука воедно ќе се кршат многу права од материјална и нематеријална природа“, рече Здравко Савески од „Солидарност“.

Во барањето за средба со Спасов нагласено е и укинувањето на највисоката месечна основица за пресметување и уплата на придонесите од плата која сега изнесува 6 просечни плати.

„Бараме и преку засилени инспекции да се отстранат случаите на прикриен работен однос, односно на наметнато вршење работа без договор за дело, при што за работниците не се плаќаат придонеси од задолжително социјално осигурување“, рече Савески.

Владата во јули 2014 година по скратена постапка измени пет закони: за работни односи; за придонеси од социјално осигурување; за пензиско и инвалидско осигурување; за здравствено осигурување и Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.

Со оваа владина реформа, оние кои имаат примања врз основа на договори на дело и авторски договори ќе треба да плаќаат, не како досега само персоналниот данок од 10 отсто туку и придонеси за пензиско и инвалидско и за здравствено осигурување. Според пресметките, заедно со персоналниот данок, оптоварувањето на хонорарите ќе изнесува над 35 отсто од сумата.

Придонеси ќе се плаќаат за хонорарите кои го надминуваат износот на минималната плата, односно од околу 9.500 денари, без разлика дали лицето е вработено на друго место или не е. Оваа реформа нема да важи за функционерите.

„Овие измени се налудничави. Владата ја иззема онаа структура граѓани кои имаат големи плати и тие не се вклучени во законот, а еден обичен смртник, работник кој сака да заработи хонорар за да преживее, ќе треба да плаќа“, вели Марјан Ристовски од КСОМ.