По сведочењата на сопружниците Јордан и Ана Камчеви веќе се насетуваат верзиите на настаните што секој од инволвираните сака да ги презентира пред судот и пред јавноста за аферата која ги донесе Боки 13 и шефицата на СЈО, Катица Јанева на обвинителна клупа за рекетирање на бизнисменот Јордан Камчев.
Камчеви цврсто стојат на верзијата дека тие не се ништо друго освен жртви на Бојан Јовановски, Зоран Милески – Кичеец и на Катица Јанева, коишто ги уценувале со истрагата „Империја“.
„Сите истраги по истекувањето на рокот за поднесување на обвиненија од страна на СЈО, а кои се однесуваат на бизнисмени, се за рекет“, обвини Камчев во петокот наведувајќи имиња и на други бизнисмени за кои тврди дека платиле рекет на истата тројка.
Првообвинетиот Бојан Јовановски со прашањата и со дофрлањата од место се обидува да го прикаже спротивното – дека Камчеви ги иницирале средбите со него и оти воопшто не се однесувале како жртви. Постојано го потенцира посредништвото на Зоран Милески со цел да докаже оти го наместиле.
„Тие милион и пол евра се во Вашата глава“, ѝ дофрли Јовановски денеска на обвинителката Вилма Русковска, реферирајќи на сумата за којашто таа го товари.
Најтивки се второосомничената Катица Јанева и нејзината одбрана. Јанева не го користи правото да се соочи со сведоците, а се добива впечаток дека нејзините адвокати преку вкрстено испрашување сакаат да потенцираат дека Катица Јанева немала директен контакт со Камчеви.
„Јанева не ми побарала пари, Боки го направи тоа“, одговори Ана Камчева на конкретно прашање на одбраната дали е точно оти специјалната обвинителка никогаш не ѝ побарала пари.
Камчеви ја рушат „Империја“
За Камчеви нема сомнеж оти случајот „Империја“ е наменски создаден заради уцена. Тоа го покажуваат нивните квалификации за „Империја“ и изјавите против обвинителката, Лиле Стефанова, којшто го истражуваше случајот во рамките СЈО.
Јордан Камчев твтди дека „Империја“ е конструкција и тоа ќе го докажел ако предметот дојде до суд, а неговата сопруга, која е и адвокат, денеска неколку пати потенцираше дека не видела ниту еден доказ против сопругот во случајот на Специјалното јавно обвинителство.
Камчев од судската говорница обвини дека пред да биде отворена истрагата за „Империја“ обвинителката Лиле Стефанова преку бизнисменот Ванчо Чифлиганец барала од него деловен простор од 200 метри квадратни и оти тој го одбил барањето. Наводно таа била една од причините зошто подоцна се отворила истрагата за „Империја“, што Стефанова и Чифлиганец категорично го демантираа.
Денеска, пак, Ана Камчева сведочеше оти Стефанова недолично се однесувала кон еден од адвокатите на одбраната вечерта кога нејзиниот сопруг бил приведен и изведен пред истражен судија.
Сопружниците ја поврзуваат Лиле Стефанова и со судијката на претходна постапка Весна Димишкова, инаку сестра на адвокатот Васил Димишков кого тие, пак, го обвинуваат дека им барал шест милиони евра за да издејствува поблаги мерки во случајот „Империја“. Ана Камчева откри дека во една прилика ѝ било кажано дека Весна Димишкова е блиска со Лиле Стефанова.
„Во овој случај треба да има и други луѓе, но тоа не е моја работа“, потенцираше Јордан Камчев во петокот.
Стефанова летоска беше на разговор кај обвинителката Русковска, меѓутоа таа не е меѓу обвинетите. „Империја“ остана во нејзини раце и покрај тоа што и Стефанова и предметите се преселија во регуларното обвинителство.
Во прилог на тезата дека најбогатиот Македонец според „Форбс“ постојано бил мета на Бојан Јовановски, Камчев ги спомнува и двете понуди што тој ги добил од Боки 13 пред да се отвори истрагата за „Империја“. Според сведочењето Бојан Јовановски понудил, а Камчев одбил да учествува во изградба прво на шопинг-мол, а подоцна и на старечки дом.
Боки се оградува од парите
Наспроти тврдењата на сопружниците-сведоци, Бојан Јовановски преку прашањата што денеска ѝ ги поставуваше на Ана Камчева сакаше да покаже оти Камчеви воопшто не се однесувала како жртви и оти тие ги иницирале средбите со него.
За да илустрира пријателство со Камчева, тој бараше таа пред судот да каже како изгледале нивните средби и што таа нему му се доверувала за сопругот и за неговото семејство. Ја прашуваше дали заедно со сопругот му давале подароци, дали го посетувала во болницата „Систина“ откако се оперирал и дали му приготвувала вечери.
По реакцијата на обвинителката Русковска, судот не дозволи Камчева да одговори на овие прашања со образложение дека не се релевантни за случајот „Рекет“. Со истото образложение беа одбиени поголем број од прашањата на првообвинетиот.
И покрај тоа Бојан Јовановски ја праша Камчева дали помни оти таа ја иницирала првата нивна средба преку Бане Поповиќ.
„На колку места и каде одевте заедно со Зоран Милески за да го извадите Јордан Камчев“, продолжуваше Јовановски со прашањата.
Во овој контекст тој праша и дали пријателката на Ана Камчева, сопственичка на ресторан Лидија Јаневска самоиницијативно се обратила кај Катица Јанева и дали претходно Камчева барала помош од Лидија околу притворот на нејзиниот сопруг.
На популарниот Боки му беше важно Камчев во петокот и денеска неговата сопруга да одговорат дека им биле вратени Луј Витон-чантата со милион евра и H&М-несесерот со првичните 350.000 евра. Камчев не се сеќаваше што се случило со Луј Витонот, додека неговата сопруга потврди оти си го зела несесерот откако му ги дала парите на Бојан Јовановски.
Јовановски побара Ана Камчева да каже каква е, според неа, улогата на Зоран Милески-Кичеец во целиот случај. Со истото образложение, дека се нерелевантни за случајот судот не го дозволи и ова како и наредните прашања поврзани со Кичеец.
„Дали сметавте дека сите работи ги правевте по наредба и по укажување на Зоран Милески?“
„Зошто ги следевте сите напатствија од сега осуденото лице Зоран Милески“, упорен беше Бојан Јовановски.
Јанева ќе докажува злоупотреба
Адвокатите на Катица Јанева со одбраната одат по линија на нејзината првична изјава пред медиумите, кога после снимките на „Ла Верита“ таа изјави дека е злоупотребена.
Ним им беше битно Јордан Камчев да одговори оти таа лично не му понудила да се спогодат или да го направи заштитен сведок во „Империја“. Исто така, важно им беше да се потенцира оти Камчев не е сигурен дека потписот што го видел на проектот за шопинг-моловите бил на синот на Јанева, Лазар.
„Под договорот пишуваше Лазар Јанев и под него имаше потпис. Дали е негов треба да докажат графолози“, одговори Камчев во петокот на директното прашање на адвокатите.
Ана Камчева денеска за прв пат проговори за средбата на Катица Јанева во домот на Боки 13 во скопската населба Орман и затоа нејзините бранители ја прашаа дали со сигурност може да каже оти Јанева знаеле со кого ќе се сретне во домот на Бојан Јовановски.
За Камчева немало сомнеж оти сите што биле во просторијата – Боки, Кичеец, Сергеј Варошлија и Катица Јанева знаеле зошто се таму.
На одбраната на поранешната специјална обвинителка исто така ѝ беше важно Ана Камчева да каже дека Јанева не била присутна кога се предавале парите и никогаш ништо таа не им побарала на сопружниците Камчеви.
Судењето продолжува на 25 декември.