Насканските линии во Перу, шифрите на Томас Џеферсон Бејл, случајот Зодијак, Бермудскиот триаголник, бродоломот на Небесната Мери, каменот од Розета, шумот од Таос, идентитетот на Џек Трбосек, Биг Фут, Чудовиштето од Лок Нес, Колегиумот на МРТВ… Најголемите мистерии на светот.
Една од нив вчера е разрешена. Колегиумот на МРТВ. Со помош на соопштение е докажано дека постои. Според непотврдени верувања, тоа е тело кое, слично како и чудовиштето од Лок Нес, живее во најтемните длабочини на мочуриштето наречено македонско новинарство и многу ретко ја вади главата над површината на водата.
На пример, кога интервју за МРТВ дава државниот непријател број еден – специјалната обвинителка Катица Јанева. Тие неколку секунди на воздух на ова тело, составено најверојатно од наши колеги по што и го добило името колегиум, беа доволни за да се докаже неговото непобитно постоење.
Сега кога мистеријата е разрешена, научници од целиот свет и од Репортери без граници ќе треба да утврдат како ова тело успеало да ги преживее долгите и мрачни години на пропагандата, како го преживеало Бермудскиот триаголник Мартин Протуѓер-Илија Димовски-Иво Котевски, со што се хранело, дали сериски убивало сечејќи го мевот на вистината, дали се размножувало со сродни слични тела и со други проститутки, дали има положено јајца во кукавичкото гнездо МРТВ и колку слични мали чудовишта ќе се испилат наредните години.
Во меѓувреме, расчистена е и најголемата актуелна дилема на македонската јавност: Не! Катица Јанева не може да ја изрецитира „Илијада“ пред камера! Па макар тоа било снимено стих по стих и монтирано од Сергеј Ајзенштајн и Џига Вертов заедно!
Во меѓувреме, расчистена е и најголемата актуелна дилема на македонската јавност: Не! Катица Јанева не може да ја изрецитира „Илијада“ пред камера! Па макар тоа било снимено стих по стих и монтирано од Сергеј Ајзенштајн и Џига Вертов заедно!
Јанева има трема и колку и да монтираш, ќе ги испомеша третиот стих од деветото пеење „Тука не ја најде тој Андромаха белолакта дама“ со деветиот стих од истото пеење: „Кај пошла од дома зар Андромаха белолакта сега?“. Да му ја дадеш, на пример, на Марко Зврлевски, ќе ти ја изрецитира и „Илијада“ и „Одисеја“ и Македонска банка пред камера и тоа без гледање, но Јанева не ја бива, тремата ја убива.
Сега откако оваа дилема околу капацитетите и елоквенцијата на Катица е отстранета, пред да поминеме на некои помалку важни прашања, како на пример, дали власта направила криминал од епски размери последниве десет години и други слични тривијалности, мора да ја разрешиме втората голема дилема на ова општество – дали Ана Ивановиќ и Бастијан Швајнтајгер смеат да имаат деца.
Да, драги мои, во седмицата во која ги имавме првите обвиненија за двајцата братучеди што ја јаваат Македонија кон апокалипсата, сосема очекувано најчитана вест на најсериозните информативни портали во земјава беше текстот „Ана Ивановиќ не смее да забремени“. Тоа е така, зашто ние сме спортска, а не правосудна нација. Од спортови, најмногу ги сакаме оние на кои можеме да се обложуваме, оттаму и билтените во спортските обложувалници ни се подебели од учебниците.
И затоа, најкрупниот реформски зафат што го објави премиерот во сенка, Никола Груевски, за да го фрли во сенка првото обвинение против него беше ништо друго ами грандиозниот проект: Четири мерки за спортот. Конечно. И тоа, не една, не две, не три туку четири мерки. Доста беше веќе попуштање.
Тешко ми беше да се одлучам која од овие мерки ќе ни донесе повеќе олимписки медали, но сепак, некако, најскокотлива ми е оваа: приредувачите на игри на среќа во обложувалници, на месечна основа, за финансирање на спортот ќе издвојуваат 3% од добивката. Фала богу некој да се сети!
Сега и најбројната етничка заедница во Македонија – обложувачите, ќе можеме да се чувствуваме корисни за заедничкото добро. Нам не ни треба двојазичност – сите ние комуницираме на тринарен јазик – кец, икс, нула; не ни треба ни прочистен избирачки список – нашиот се чисти пред секој викенд, најтранспарентно во билтен со нови парови за обложување; не ни треба ни нов изборен модел – сите сме една изборна единица, добро распоредени по бројните гласачки места со огромна излезност за време на викендите, и тоа особено на машкото гласачко тело.
Немаме ние големи барања. Дај ни ги, брате, тие три отсто да учествуваме за македонскиот спорт и ќе бидеме среќни. Додека плачеме над нашите недобитни ливчиња, ќе пуштиме и некоја солза радосница за македонскиот спорт.
Тежок е животот обложувачки секаде во светот. Но, еве, во Македонија сега на тоа можеме да гледаме и од светлата стана – со секој поарчен денар во кладилница го помагаме македонскиот спорт. Односно, македонските клубови. Односно, нивните газди. Односно, Самсоненко, Минчо, Орце…
Најинтересно е кога газдите на клубовите се истовремено и газди на обложувалници. Тогаш се случува трансформација на пасивниот капитал во активен, преку обрт на средства. Знам дека ова звучи малку сложено, во секој од нас чучи еден дудук за економија како министерот Кирил Миноски, па еве упростено звучи вака – се обложуваш во „Бет сити“ на Сергеј Самсоненко, а три отсто од парите одат за „Вардар“ на Сергеј Самсоненко.
Со други зборови, деведесет и седум отсто одат во џебот на газдата на обложувалницата Самсоненко, а три отсто во џебот на газдата на „Вардар“ – Самсоненко. Што значи ти како обложувач си жив ќар, а покрај тебе ќе живуркаат и луѓето како Сергеј, тие скапоцени мецени кои од толку многу земји за перење пари во светот ја одбраа токму нашата прекрасна Македонија. Зошто детергентот да не е на наша сметка? Што не е јасно?
Просто е ко Кире Миноски. Или ко речникот на Катица Јанева, ако повеќе сакате така.
– Македонскиот спорт со ова многу ќе добие – ми вели вчера Перо вмровецот, додека уплаќаме по едно ливче за да го помогнеме спортот колку можеме. – Дури и кога губиме, добиваме.
– Е? Како тоа? – прашувам.
– Е па гледај сега. Значи Македонија губи од Луксембург, така?
– Се дешава – одговарам.
– Е, и кладилниците лапаат пари кога Македонија губи од Луксембург, така?
– Мора и тие да живеат од нешто.
– Е сега, од тие пари, три посто идат у ФФМ. За развој на македонскиот фудбал. За да може утре пак да загубиме од Луксембург. Сфаќаш? Тоа ти е генијален систем во кој добиваш и кога губиш. Притоа, гледај колку е голем генијот на законодавецот, односно на предлагачот Груевски – колку е послаб противникот од кој губиш, толку повеќе лапаш. Товариш?
– Товарам. Туку, дај кажи некој сигурен сингл да го товариме, остај политика – бегам од темата, зашто сум слаб со аргументи, отприлика ко Катица со синоними.
Обложувалниците, таа македонска агора, тоа свето место каде што се одвива најважната политичка дебата во земјава, така доби нова димензија. Во нив ќе се преродува македонскиот спорт, ќе се таложат долари и евра за утре да можеме пак да си купиме некој Дагестанец како Магомед Ибрагимов, за да ни донесе уште некоја бронза од Олимпијадите.
Со новата мерка, се очекува бројот на обложувачи да ни порасне повеќе и од индустриското производство. Ќе се појават нови сопрузи кои одеднаш по неколку пати во денот ќе прашуваат да не треба да се фрли ѓубре, ќе се појават нови познавачи на сите местенки во спортот, нови сезнајковци кои ги имаат сите дојави, но секогаш промашуваат за една, ќе се појават нови телевизиски гледачи кои од телевизија гледаат исклучиво телетекст, по пазарите ќе чуете сѐ повеќе луѓе како го даваат оксиморонскиот завет од насловот на колумнава, и ќе ги гледате истите тие како го губат тој облог, не престанувајќи да го сонуваат македонскиот сон.
Американскиот сон е да отидеш во Америка по партали, да почнеш да заработуваш и да станеш милионер. Македонскиот сон е да отидеш во кладилница по партали и да излезеш од неа како милионер. Има мала разлика. Некој ќе рече – каква држава, таков сон.
Клиентелата на Груевски не се разликува од клиентелата на обложувалниците. Влезете таму во десет претпладне и ќе слушнете човек како држи банка на маса и им објаснува на тројца околу него дека Барселона ќе го здроби Алавес. „Кој е тој Алавес, бе! До вчера беа у втора лига, ќе се уплашат кога ќе видат сто илјади публика ко Катица пред камери!“, им објаснува стручњакот на тие околу него.
Да, тоа се истите луѓе кои зборуваат везден дека се претерало со криминалот, дека Груевски и Мијалкови се наполниле ко брод, а потоа на избори гласаат за него, зашто во последните минути од мечот им вработил некого од фамилијата во канадски кол– центар или на лента во фабрика за девет илјадарки чиста пара.
Поминете вечерта во истата обложувалница и ќе го чуете истиот стручњак како објаснува: „Се знаеше. Јас уше од вчера зборам – Барса треба да се избегава дур’ не изгуби дома, после може пак да се игра“, а оние тројцата што утрото го впиваа секој негов збор, сега ги гледате како си ја маваат главата од кафематот и се спремаат за неколку недели домашен притвор од кој, за разлика од Владе Талевски, на пример, не може да ги спаси ни скопска Апелација.
Да, тоа се истите луѓе кои зборуваат везден дека се претерало со криминалот, дека Груевски и Мијалкови се наполниле ко брод, а потоа на избори гласаат за него, зашто во последните минути од мечот им вработил некого од фамилијата во канадски кол-центар или на лента во фабрика за девет илјадарки чиста пара. Кец у два.
Но, тоа што за вас се само девет илјади, за тие луѓе е многу повеќе. Не потценувајте ги тие тешко заработени 9.000 – тоа се 90 ливчиња од по 100 денари. Максимална добивка во некои обложувачници е и до 10.000 евра, што значи, ако паметно ја вложиш платата, можеш да заработиш 900.000 евра само од една плата. И како утре тој да не гласа за Грујо со потенцијална плата од 900.000 евра. За кого да гласа, за СДСМ кој нема ни програма, а не пак, билтен за кладење.
А вие, да не се чудите! Кога главниот реформски зафат во земјата ви е од сферата на обложувањето, тогаш знаете дека единственото нешто што можеме да го прокоцкаме е Македонија. А коцката е веќе фрлена!