Ако не сакате да се вакцинирате, седете си дома!

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Признавам: пушам над 40 години, во просек нешто повеќе од една кутија цигари на ден. Никогаш во животот не сум се обидел да се откажам од овој порок. Никогаш во животот не сум се обидел да убедам некого дека пушењето носи некакво задоволство или дека не е штетно. Дури напротив.

Сепак, сево ова ми дава за право да се сметам себеси за страстен пушач. И, како човек што ја почитува кафеанската институција, се сметам за еден од оние најпогодените со актуелниот „пушачки“ закон. Јас би рекол: закон против пушачите.

Значи, активно учествував во дебатите што се водеа кога се носеа овие законски решенија. Се повикував на правото на избор, на слободната волја на поединецот, предлагав решенија за отворање кафеани за пушачи, објаснував дека наметнатата забрана (апстиненцијата) од пушењето може повеќе здравствено да му наштети на зависникот отколку ако пуши, дека станува збор за дискриминација и сегрегација во исто време, ја обвинував државата за лицемерие бидејќи од една страна го прогласува тутунот за стратешки (субвенциониран) производ, а од друга го забранува, тврдев дека нема убедливи научни докази дека чадот во толкава мера го загрозува здравјето на непушачите за да се забрани пушењето, се повикував на традиција, на историски факти итн. И бадијала.

Разбирливото отсуство на недвосмислен научен одговор го отвора просторот за ширење теории на заговор, кои на нестрпливите и исплашени луѓе им даваат каков-таков мисловен ориентир за снаоѓање во новата ситуација

Про-пушачкото движење, едноставно, немаше шанси да го победи „светскиот заговор“ против пушачите. На крајот на краиштата, антипушачите беа силно поддржани од естаблишментот (сериозна пропагандна машинерија и сериозно високи казни) и тука стапи на дело познатата максима дека „сила бога не моли“. Со еден збор, заговорниците на слободно пушење цигари немаа ниту општествена сила, ниту, пак, општествен капацитет да се изборат за своите права.

Зошто тогаш успева таканареченото антиваксерско движење? Зошто антиваксерите добиваат поддршка и од вакцинираните во битката за своите права? Зошто излегува дека ширењето заразна (смртоносна) болест среде пандемија е помалку опасно, отколку ако зачади некоја цигара во некоја кафеана?

За да се разбере антиваксерското движење, неопходно е да се тргне од веќе познатите карактеристики на сите општествени движења. Нивното „родно место“ е, пред сѐ, во чувството дека ја губат контролата над сопствениот живот. Ненадејната појава на вирусот и неговото глобално ширење ја создаваат таа ситуација.

Разбирливото отсуство на недвосмислен научен одговор, пак, го отвора просторот за ширење теории на заговор, кои на нестрпливите и исплашени луѓе им даваат каков-таков мисловен ориентир за снаоѓање во новата ситуација.

Појавата на вакцините, нивното релативно брзо производство, нивното различно дејствување… исто така се фактори што не се доволно разбирливи, односно се надвор од личната контрола. Разнишаната доверба во експертското знаење (во последните неколку децении), како и губењето на свеста за јавниот интерес (солидарноста) сега стануваат круцијални проблеми.

Лукот и мантрата од типот: „Пу, пу… далеку било“ или, во најдобар случај, хомеопатите и спиритуалистите, стануваат реална алтернатива на вакцината, додека свеста дека само со колективни заложби може да се застане на пат се повлекува пред индивидуалните стратегии на закопување на главата во песокот.

За антиваксерите, проблемот, сепак, не е во вирусот, туку токму во вакцините. Вирусот, дури и кога се признава неговото постоење, остава познати последици, а во помал процент предизвикува и смрт. Од друга страна, дејствувањето на вакцините е релативно непознато, па со самото тоа и спектарот на катастрофалните последици е многу поголем.

Се разбира, не заговараме тука задолжителна вакцина, затоа што тоа (инаку разумно) решение (бидејќи во некои случаи колективното добро е над индивидуалните слободи) само ќе го радикализира антиваксерското движење

Што се однесува до етичноста на мерките што треба да стапат во сила денес (понеделник, 16 август) и наводната дискриминација на невакцинираните, односно неформалната забрана за нивно влегување во угостителски објекти и на други јавни настани, најчесто ќе го слушнете „антиваксерскиот“ аргумент дека и вакцинираните подеднакво се заразуваат и подеднакво ја шират заразата, со поттекст дека мерките се донесени како одмазда за „непослушните“, па и „бунтовниците“ против системот. Со други зборови, ако „послушните“ (вакцинираните) се исто толку опасни, зошто само на невакцинираните да им се забранува пристап на јавни настани.

Колку и да изгледа логичен овој аргумент, едноставно, не е точен, а тоа можеме да го видиме и деновиве со најавата на нова ескалација на пандемијата. Не станува тука збор само за зараза и можности за заразување. Факт е дека болниците се главно полни со невакцинирани ковид-пациенти. Преполнетите болници, знаеме, го ограничуваат пристапот до болниците и до здравствениот систем на болните од хронични или акутни болести. Со други зборови, невакцинираните директно влијаат врз животите и здравјето на своите сограѓани, кои се вакцинирани, или кои, ете, не заболеле од ковид 19, ама имаат свои здравствени проблеми.

Натаму, во ситуација кога цели економии и стопански гранки пропаѓаат поради пандемијата, оние што одбиваат да се вакцинираат директно ја загрозуваат егзистенцијата на останатите, затоа што не сакаат да го направат она што е во нивна моќ за да ѝ помогнат на државата во која живеат што побргу да се врати во нормала.

Се разбира, не заговараме тука задолжителна вакцина, затоа што тоа (инаку разумно) решение (бидејќи во некои случаи колективното добро е над индивидуалните слободи) само ќе го радикализира антиваксерското движење. Меѓутоа, многу држави во светот, и тоа од оние што ги сметаме за цивилизирани, веќе пропишаа задолжително вакцинирање на вработени од одредени општествени сектори: здравството, социјалата, образованието, полицијата, администрацијата, трговијата итн.

Реално гледано, ни во ваков случај не може да се зборува за дискриминација, туку за потребите на професијата. На пример, на еден куп вработени не им е дозволено уставното право за избор на облека, туку мора да бидат облечени според прописите на фирмата. Пилотите, надвор од своја волја, мораат да подлежат на редовни здравствени прегледи од кои им зависи професионалната кариера. Професионалните возачи не смеат да се напијат ни капка алкохол. И така натаму. Меѓутоа, уште никој никаде не рекол дека станува збор за дискриминација на одредена категорија професионалци.

Или, да ја парафразираме Ангела Меркел, која отприлика вака вели: „Во ред, кој не сака да се вакцинира, тој можеби некои работи нема да може да ги прави“. На крајот на краиштата, во моите дебати за пушењето, извесен антипушач ми рече нешто слично: „Во ред, ако ти се пуши, седи си дома“. Во истиот стил може и сега може да се извлече заклучок: Во ред, господа, ако не сакате да се вакцинирате, седете си дома!