Артим и Столе

Kапитенот на РК Вардар, ракометарот Столе Стоилов, демонстративно си заминал од манифестацијата „Спортист на годината“ организиран од Агенцијата за млади и спорт, во моментот кога еден од добитниците на наградата за училишен спорт на присутните им се обратил на албански јазик. Ваква вест пренесоа голем број медиуми, објаснувајќи дека манифестацијата за првпат била „двојазична“.

Не знам што е попоразително: фактот што со таква неодговорност се пласираат невистини во пакет со потегот на ракометарот, или срамниот гест на Стоилов. Но, и двата доаѓаат во време кога зборот „помирување“ е во топ-десет најупотребувани зборови во последниве два месеца.

Ја изгледав „спорната снимка“ што го натерала капитенот на Вардар да си замине, a ја прочитав и веста дека на негови колеги им напишал порака дека се почувствувал „срамно и понижено“. Го оправдувам Столета ако навистина така се чувствувал. Навистина е срамно за еден врвен спортист, миленик на генерации од 7 до 77 години, да нема слух за една реченица на албански јазик во мултиетничка земја каква што е Македонија.

По поздравот „Добра вечер на сите“ искажана на албански и на македонски јазик, следеше една реченица во која претставникот од средното училиште „Осми септември“ од Тетово се обрати од името на добитниците на наградата – учениците што стоеја зад него, по што продолжи да говори на македонски.

Ете, тоа беше „страшното“ што го натерало Столета да си замине. Ќе му треба време да сфати дека со заминувањето од манифестација, тој си замина и од пиедесталот на кој можат да останат – не само освојувачи на врвни резултати, туку, пред сѐ, луѓе, кои спортот не го сфаќаат и третираат како алатка на најниските страсти на националистички и екстремни политики. Столе, нашиот миленик, ни покажа дека не спаѓа во таа висока класа на спортисти. Не спаѓа во луѓе неоптоварени од национализам. Не спаѓа во личности кои преку спортот се и општествена авангарда во форсирањето на фер плеј и на теренот како поле за спортски, а не националистички натпревари.

Каква Македонија сака Столе? „Чиста“? Скандирањата за таква Македонија може да ја однесат земјата во таков амбис, каде што единствениот „спорт“ ќе биде – кој ќе ги преживее ужасите

Каква Македонија сака Столе? „Чиста“? Скандирањата за таква Македонија може да ја однесат земјата во таков амбис, каде што единствениот „спорт“ ќе биде – кој ќе ги преживее ужасите. Па, зар никогаш не се прашал колку Албанци имаше во шпалирот од луѓе, кои во два наврати како „богови“ го пречекуваа Столета и неговите колеги од скопскиот аеродром до славеничката бина во центарот на Скопје? И тие навиваа за него, и тие му аплаудираа, и тие се радуваа по секоја победа на ракометарите, за сега, не само на неспортски, туку и на нечовечки начин, ним да им сврти грб. Но, тој им сврти грб и на сите оние што веруваат во живот без поделби и национализми.

Исто колку и потегот на Столе, разочара молкот од клубот за неговата постапка, со што во заднина останува впечатокот за премолчена поддршка на гестот на ракометарот, но и на оние кои по социјалните мрежи го пофалија за скандалозниот чин. И потоа се чудиме за инцидентите што ги прават навивачките групи. Тие прават тоа што гледаат. Ако нивните идоли демонстрираат став дека немаат слух за албанскиот јазик, го прифаќаат тоа како порака за одобрен и посакуван модел на однесување: да го мразат албанскиот јазик и тие што го говорат – Албанците.

И ова не е од вчера. Проблемот трае долго, и исто толку долго се игнорира. Како што хрватската фудбалска репрезентација успесите на Светското првенство ги прослави со јавно „нострифицирање“ на песните на Томсон, така овде предолго се толерираше онаа тераса од која треба да ја поздравуваме „Гоцевата раса“, во пакет со националистички фолклор.

Како резултат на кокетирањето или дејствувањето за интересите на партиски субјекти под параванот на спортот, навивачките групи станаа речиси параполитички организации, наместо спонтани асоцијации на љубители на разни спортови. Политиката што ја промовираат тие наводни фанови на спортот е политика задоена со екстремен национализам и се совпаѓа со политиката што ја застапуваат некои политичари и партии на домашната сцена.

Тоа значи дека процесот на помирување меѓу навивачките групи ќе мора да почне, пред сѐ, со справување со национализмот во политичките елити. Помирувањето меѓу навивачките групи и партиските подмладоци, кое досега беше на „листата на чекање“, премиерот Заев го најави меѓу приоритетите за 2019 година. И нема да биде едноставно.

Како резултат од кокетирањето или дејствувањето за интересите на партиски субјекти под параванот на спортот, навивачките групи станаа речиси параполитички организации, наместо спонтани асоцијации на љубители на разни спортови

 Истражувањата на политичките и идеолошки заднини на девијантното навивачко однесување ќе нѐ однесат до многу поразителни податоци за нивните директни врски со најголемите партии, клупските елити, па и верските заедници. Сите тие во младите навивачи наоѓаат база за дистрибуција на пароли за традицијата, верата, каузата, „патриотизмот“, со што заткулисно го хранат, а потоа и легитимираат нивното навивачко однесување како „автентичен глас“.

Потегот на Стоилов е дел од тој и таков фолклор. Во општеството што го градиме, нема место за такви националистички испади. Во спортот најмалку. Македонија победува кога е сплотена. Зар не требаше да се радуваме кога еден од најдобрите македонски репрезентативци на сите времиња, Артим Шакири, го постигна историскиот гол од корнер на Саутемптон против Англија (2-2)?

Според „логиката“ на Столе, дали затоа што Албанец го даде голот, радоста требаше да биде помала? Дали беше „пораз“ што голот не го даде „чисто наш“ играч од „Гоцевата раса“?

Не, драг Столе. Цела Македонија – Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми и Бошњаци беа на нозе од радост на тој 16 октомври 2002 година. Колку за потсетување, на настанот му претходеа текстови во англиските весници „дека публиката и не знае каде е Македонија, дека не можат да ја најдат на картата на светот…“.

Артим Шакири од корнер им одржа и фудбалска лекција, а индиректно и брза лекција по географија. Англиските весници бргу го сменија речникот – одеднаш сите знаеја и каде е Македонија, и кој е „херојот од Саутемптон“ и кој е „кралот на корнерите“.

Тоа што Артим Шакири го говори албанскиот јазик, кој му е мајчин, не му одзема ништо на мојот мајчин македонски јазик, кој јас го говорам. А она што сите нѐ спојува во успеси и резултати и нѐ прави достоинствени и зрели граѓани, е кога зборуваме со јазикот на почитта едни кон други, со јазикот на пријателството и соработката. Тој јазик допрва треба да го научиме, но не со станување од столчето драг Столе, туку со останување, со слушање и почит. Никој не губи од тоа, сите добиваме.