Бајка за личната карта

Деновиве слушнав добра, но горчлива шега. Оди отприлика вака: Во овој период почнува расправата за промената на Уставот за да се дефокусира јавноста од главниот проблем – вадење нови лични документи!

Како што во секоја вистина има многу шега, така и во секоја шега има многу вистина. Реално гледано, за обичниот граѓанин на Република Северна Македонија, многу помал проблем е дали Бугарите ќе влезат во Уставот и така ќе почнат преговорите за влез во Европската Унија и ќе траат којзнае колку или, пак, нема да влезат, па така ќе се закочат европските интеграции и тој период ќе трае којзнае колку, од закажувањето термин за фотографирање за лични исправи во МВР.

На крајот на краиштата, проблемот со личните документи е сега и тука. И е  реален и го чувствуваат речиси сите граѓани на државава, за разлика од апстрактните објаснувања на аналитичарите, кои се „за“ и „против“ промените на Уставот.

Но, да почнам од почеток. Јас ги извадив мојата лична карта и мојата патна исправа некаде во 2020 година. Се фотографирав во времето на најголемата корона-криза, кога МВР работеше со четврт капацитет. Документите ги подигнав во истата таа епидемиолошка криза. Го ризикував, значи, сопственото здравје, а потенцијално и животот, со идејата да докажам дека сум лојален државјанин на мојата држава.

И тогаш, како и сега, ги помнев раскажувањата на еден мој пријател, Македонец што живее во Австралија, а има новозеландско државјанство, како новозеландската држава му го пратила продолжениот пасош на домашната австралиска адреса.

Не сум правник, ама лично мислам дека постои сериозна основа, група граѓани пред домашните судови да ја тужат државата Република Северна Македонија за намерна измама

Јас, се разбира, лично ги подигнав документите среде епидемија, со важност до 2030 година. Односно, барем така пишува на нив.

Сепак, како лојален граѓанин на Македонија, уште пред две недели се обидов да закажам термин за да извадам валидни документи. Велам, се обидов, затоа што како и сите други обични смртници – не успеав. Некој ме посоветува да пробам да закажам термин преку сајтот uslugi.gov.mk и дека преку нив се добивал првиот слободен термин, за разлика од сајтот на МВР, кој бил „наштелуван“ само на 60 дена од моментот на закажувањето.

Јас имам свој профил на „ниско ниво“ на uslugi.gov.mk. Го отворив минатата година за некои други потреби што македонската администрација ги имаше од мене. И знам како го отворав.

Го отворав два дена, со помош на најдобрите хакери и компјутерџии што ги познавав, со луѓе што веќе отвориле и со редовни јавувања на телефонот за поддршка. На крајот ми го отворија луѓето што беа крај телефонот за поддршка. Претпоставувам дека им здодеав со бескрајните телефонирања.

Како и да е, аплицирав преку овој сајт и добив термин – на 23 ноември! Меѓутоа, не добив никаква потврда дека сум резервирал термин, ниту, пак, ме има на сајтот на МВР со закажан термин. А веќе го заборавив часот кога треба да одам на фотографирање.

Жена ми проба да отвори профил на uslugi.gov.mk. И го отвори. На „основно ниво“. А за да може да аплицира за лични документи, морало да има „ниско ниво“. И по неколку неуспешни обиди да се искачи на „ниското ниво“ – крена раце.

Колку што знам, повеќе не постои категоријата „трајна лична карта“ за повозрасните граѓани. Искрено, не сакам ни да проверувам, односно не сакам ни да помислам каков хорор ме чека со мајка ми, која, да е жива и здрава, наполни 89 години и е многу тешко подвижна.

Ние, условно кажано, „здравите“ не можеме да закажеме ни термин, а камоли да очекувам „мобилна екипа“ да дојде да ја фотографира. Истото важи за сите возрасни, за неподвижните, за болните итн. За жал, сите знаеме што се случува, ако, не дај Боже, некој почине без валидна лична карта.

Но, да се вратиме на реалниот проблем на државата (не на нејзините граѓани), која се обврзала во Преспанскиот договор да ги промени сите лични документи во рок од пет години. Не знам точно од каде е земен тој февруари 2024 година како краен рок, дали тогаш, пред пет години, се изгласани уставните измени или е ратификуван Договорот, сега веќе не е ни битно.

Прашањето е зошто и по тој датум 2019 година се издавани валидни исправи за кои се знае дека ќе застарат за некоја година?

Ако е веќе рокот пет години за промена на документите и ако државата почнала да ги издава „новите“ документи во 2021 година (како што некои ме уверуваат), тогаш рокот за промена треба да биде до 2026 година.

И, натаму, ако во таа 2020 година, кога јас ги вадев личната карта и пасошот, се знаело дека тие ќе траат до февруари 2024, зошто тогаш не ми издале документи до тој фамозен датум, туку ми ги дале до 2030 година?

Па, по ѓаволите, тоа се службени документи на една држава на која јас ѝ верувам. И, ете, верувам дека мојата држава нема да ме лаже така што ќе ми издава лажни лични исправи, односно исправи чија важност е многу покуса од она што е наведено на нив.

Не сум правник, ама лично мислам дека постои сериозна основа група граѓани пред домашните судови да ја тужат државата Република Северна Македонија за намерна измама за добивање противправна имотна (буџетска) полза.

Ако треба, нека се оди и до Стразбур. Човековите права се секогаш над колективните, а уште повеќе над државните права. На крајот на краиштата, граѓаните се државата, а не обратно. А државната администрација, иако ги претставува интересите на граѓаните, сигурно не е држава.

И, ете, верувам дека мојата држава нема да ме лаже така што ќе ми издава лажни лични исправи, односно исправи чија важност е многу покуса од она што е наведено на нив.

Но, ако државата Македонија не сака да се бламира на овој начин (иако не сум сигурен дека знае што сака), постои едно релативно едноставно решение. Дали МВР има евиденција на сите активни лични карти, возачки дозволи и патни исправи? Би требало да има. Или барем тоа би требало да биде нормално во една европска држава. Дали, ако не беше тој фамозен член од Преспанскиот договор, моите исправи ќе важеа до датумот што е означен на нив. Во „нормална“ држава ќе важеа.

Зошто тогаш МВР, според својата евиденција, не изготви нови лични документи за сите оние што поседуваат важечки исправи? Зошто не ја искористи истата фотографија (која, во мојот случај, е важечка до 2030 година) и истите податоци, кои се исто толку важечки? И зошто само не ни соопшти каде треба да ги подигнеме „новите“ документи. И нека имаат иста важност како досегашните.

Што ќе се смени кога јас ќе извадам нови документи, освен што ќе се додаде придавката „Северна“? Па, додајте ја, бре! Што имам јас со тој ваш проблем? Ниту сум ги издавал документите, ниту сум носел закони, ниту некој ме прашал нешто. Зошто мене (нам) ми наметнувате додатен проблем?

Ако е точно (како што велат многумина) дека целата идеја е да се наполни буџетот, еве, јас сум подготвен (иако не би требало) да ги платам трошоците за новите исправи. Само, ајде, признајте ја грешката, поправете ја и одиме да менуваме Устав.

Едно време навистина верував дека ќе станеме некоја „сајбер“ држава на „ниско ниво“. Отприлика, на истиот начин како што банките нѐ известуваат за истечени платежни картички и ни кажуваат каде да ги подигнеме, дека ќе дојде време и државата така да се однесува. Без оглед дали Бугарите се влезени во Уставот или не се.

А бајката на мојот македонско-новозеландски пријател од Австралија, што добил новозеландски пасош на австралиска адреса, останува – бајка!

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија