Битката на марама

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Македонија нема буџет за расфрлање, но на Ѓорге Иванов не му е гајле за тоа. Иако на 12 мај заминува од функцијата, не се откажа од намерата да спроведе годишна набавка на репрезентативни подароци што ќе ги користи до крајот на мандатот.

Во целата ситуација, сепак, најмал проблем е сумата што ќе биде потрошена за набавката. Поголем проблем е што со неа Иванов ја пакува неговата последна политичка провокација, која може да ѝ нанесе огромни штети на државата.

Покрај разни пенкала и книги, набавува 50 марами и 100 вратоврски, на кои, според барањето, со златно-жолти букви треба да стои испишан следниов текст: „With Compliments HE Dr. Gjorge Ivanov President Republic of Macedonia“.

Од неговиот Кабинет соопштија дека марамите и вратоврските „се наменети како протоколарен подарок за странски делегации и гости, до завршување на мандатот на претседателот Иванов“.

Последниве години, неговата резиденција во широк лак ја заобиколуваа многу значајни политичари. Но, не исклучувам дека, сепак, некој може и да го посети, само за да се увери дека „заминува – навистина заминува“.  

Но, ако утре, на пример, во посета дојде грчка делегација, дали Неговата Екселенција, Ѓорге Иванов, навистина планира with compliments да им подари вратоврски токму со името, кое 27 години беше предмет на спор, небаре никој не го известил дека спорот е завршен, а името сменето!?

Оваа скандалозна набавка не беше пречка неговиот Кабинет да се обиде да ја потцени интелигенцијата на „почитуваниот народ“. Оттаму објаснија дека со оваа набавка „и следниот претседател на Република Македонија на почетокот на својот мандат ќе има на располагање репрезентативни подароци“. Добро, навистина ли мислат дека следниот претседател на државата ќе им подарува на странски делегации марами и вратоврски со името на претходникот, Ѓорге Иванов?

Скапо ја плаќаме илузијата на Иванов дека тој и натаму „го брани името“ и дека останува вечен претседател на Република Македонија, што е заверено – замислете каде – на женски марами и машки вратоврски!

И за чудо, никој не ја проблематизира или поништува ваквата набавка, со која скапо ја плаќаме илузијата на Иванов дека тој и натаму „го брани името“ и дека останува вечен претседател на Република Македонија, што е заверено – замислете каде – на женски марами и машки вратоврски! Не, не е смешно. Преку тие глупави подароци тој практично подметнува мини во односите што земјава ги гради со Грција, со НАТО и ЕУ.

И без дополнителни трошоци досега многупати видовме како Иванов „суштински“ го бранеше името на разни конференции: со парче хартија ќе го покриеше „ПЈР“ за да се чита само Македонија. Демек, со тоа го решил проблемот. Сѐ до следниот самит. Потоа, пак ќе свитка ново парче хартија.

Тоа не е сериозна политика. Тоа е празијада во политиката. Ист однос покажа и кон веб-страницата на институцијата претседател на државата, единствената на која досега не е запишано новото име – Република Северна Македонија.

Дали со тоа ја смени реалноста? И како да се третира ваквиот „е-патриотизам“ на Иванов? Никако. По сила на роковите за спроведување на обврските од Конечната спогодба, можеби тој чека евентуално МАРнет да ја стави претседателската веб-страница надвор од употреба? И верувам дека едвај чека, само за да добие шанса за последен пат да го јавне својот е-Букефал, да одјава на последната е-битка за името, за „е-славно“ да ја заврши неговата неславна десетгодишна претседателска кариера.

Состојбата потсетува на попуштање пред палаво дете, само затоа што за два месеца треба да тргне во училиште, па му се дозволува сѐ

Агенцијата за разузнавање, која е под директна надлежност на Иванов, веќе направи промена на веб-страницата. И сега имаме смешна ситуација: Агенцијата за разузнавање на Република Северна Македонија е под надлежност на претседателот на Република Македонија. Како да се во две различни држави.

Но, и пред ова Иванов живееше во друга реалност, во која претседателската функција беше во константно отуѓување од субјектот во тој поредок: од него лишена од суштина, а предадена на фантазија во обид да го надомести крупниот недостаток. Постојано ги уриваше дистанците меѓу симболичкото и стварното, предизвикуваше непредвидливи општествени ситуации врз основа на пара-теории,  создаваше едно трауматично јадро изградено од инвестирање во општествени антагонизми…

И остана конзистентен единствено на промоцијата на таа симболичка артикулација преку гравури, етикети и везови. Имено, тој нема никаков проблем да зема плата од буџетот на Република Северна Македонија. Нема проблем да прима набавки од Службата за општи и заеднички работи на РСМ. Тој ги користи сите привилегии на РСМ, додека на наш трошок везе „РМ“. Тоа е таа „патриотска“ демагогија.

Не знам до кога ќе бидат толерирани ваквите хирови. Состојбата потсетува на попуштање пред палаво дете, само затоа што за два месеца треба да тргне во училиште, па му се дозволува сѐ.

Но, не сум сигурна дека овој случај идентично треба да се третира, без оглед на инфантилноста во постапките. Ако денес му се дозволува да си чкрта на марами и на веб-страницата, што ќе се случи утре со усвоените закони, кога Собранието кај Иванов на потпис ќе ги достави указите на кои пишува „Претседател на Република Северна Македонија“? Бидејќи „детето“ може да реши да не ги потпише. Дали ќе се дозволи тие да не влезат во сила, или ќе се објавуваат во „Службен весник“ со разни фусноти, само за да може тој до 12 мај да изигрува „последниот вистински Македонец? 

Ова се реални опасности кои може да ги предизвика оној што решил да ги опструира шансите на Македонија за напредок кон ЕУ. Одете потоа во Брисел и објаснувајте дека законите се донесени, ама дека имало пречки да стапат во сила. Првото прашање ќе биде – а што сторивте вие тоа да не се случи? Навистина, што?