Бојкот и зошто не!

  • 5
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Македонија се наоѓа пред најчудните избори во својата понова историја. Почнувајќи од денеска (понеделник, 13 јули) ќе траат три работни дена, а на самиот ден на изборите (среда, 15 јули), избирачките места ќе бидат отворени до 21, наместо до 19 часот. Ова се најдолго најавуваните вонредни избори (повеќе од половина година), кои се одржуваат само неколку месеци пред својот редовен термин.

Поради тоа имавме најдолга, иако неофицијална изборна кампања. Од друга страна, поради пандемијата, официјалната предизборна кампања се одвиваше без големи митинзи, иако не недостасуваа таканаречените „средби со граѓаните“, каде што, помалку или повеќе, имаше беспотребно групирање на истомислениците на одредена политичка опција, ставајќи ја и онака кревката состојба на јавното здравје под додатен ризик.

Наспроти должината на кампањата, се чини дека главните политички теми, токму јавното здравје, престројувањето на општествениот систем во вакви турбулентни времиња, организацијата на општеството итн., беа потиснати од валканите пораки, прислушуваните разговори, лажните вести и останатиот шум, што доведе до прилична резигнација, па и до потсмев кај голем дел од гласачкото тело.

Во таа смисла, без оглед на тридневното гласање, се чини дека овие избори ќе бидат избори со најмала излезност досега. Иако главната причина за евентуалната апстиненција ќе биде стравот од загрозувањето на сопственото и на здравјето на другите, сепак секој оној што барем бегло ги следи социјалните мрежи, ќе види дека хаштагот #негласам во последните денови се рашири со експоненцијален раст, што би рекле овдешните епидемиолози.

Да, и да не се излезе на избори е демократско право и избор . Сепак, секое право носи зад себе и одговорност. Колку е правото поголемо, толку е и одговорноста потешка. А најголема одговорност носат токму тие што не излегуваат на избори

Во најмала рака, чудни се овие неформални и неинституционализирани повици за бојкот на долгоочекуваните избори. Особено од аспект што на овие избори учествуваат буквално сите политички чинители во земјата, па дури и оние од движењето „Бојкотирам“. Затоа и едно од главните образложенија на „апстинентите“ дека не се задоволни од политичката понуда и дека затоа нема да гласаат, иако може да звучи како логично, не држи премногу вода.

Наводниот замор на гласачкото тело од тридецениското владеење на двете најголеми партии од македонскиот политички блок и долгогодишното владеење на најголемата партија од албанскиот политички блок може да се прекине или барем сериозно да се разниша токму на овие избори. Се чини дека од првите парламентарни избори, во земјава никогаш немало толку разновидна политичка понуда, која го покрива целиот политички спектар: од лево до десно и од националисти до интернационалисти.

Затоа и наративот дека „сите се исти“ сега, како никогаш досега, не може да се брани. Напротив. Сите, ама буквално сите што овојпат излегуваат на избори се различни. Непронаоѓањето на сопствениот интерес во ваквата понуда, всушност, зборува за една квази морална супериорност, зад која не се крие ништо друго, туку незаинтересираност за политичките процеси во земјата.

Политичките партии не се октроирани, подарени од некоја виша сила, туку, едноставно, станува збор за интересни групи што се создаваат од нас самите. Ако веќе не се препознаваме во ниту една политичка програма, тогаш, бујрум, ајде да создадеме политички субјект што ќе ги штити нашите интереси.

Отпорот, манифестиран преку бојкот, всушност е најкомфорната варијанта на ескивирање на граѓанската одговорност. Многу е поедноставно на секоја состојба во земјата да се одговори така што ќе се каже: „Јас не гласав“, иако на крајот на краиштата сите ќе го живееме она што сега ќе го изгласаме.

Втората теза што може да се слушне е дека со неизлегувањето на изборите, ќе ѝ се удри силна шлаканица на севкупната македонска политика и владата избрана на „малцински избори“ ќе го нема полниот легитимитет. И како консеквенција на тоа нема да може да владее во полн капацитет. Како? Зошто?

Во регионот веќе завршија два изборни циклуса. Во Србија (каде што состојбата е многу поразлична од нашата), голем дел од опозицијата повика на бојкот на изборите. Излезноста, според официјалните податоци, беше нешто под педесет проценти, а владејачката партија на претседателот Вучиќ практично го освои целиот парламент. На Вучиќ му честитаа сите релевантни фактори од таканаречената меѓународна заедница, а опозицијата ја изгуби можноста да има легитимен претставник што би можел да ги артикулира нивните ставови и барања.

Во суштина, бојкотот произведе дополнителна поделба на српското општество и конфузија во опозициските редови, што најдобро може да се види токму од актуелните протести што се случуваат таму. Имено, темите на протестите наизменично се менуваат – од полициски час, преку Косово, па сѐ до 5-џи технологијата.

За мене многу поинтересен е случајот со Хрватска. На нивните избори, иако никој не повика на бојкот (како впрочем и на нашите), процентуално излегоа уште помал број гласачи, околу 46 проценти. Во таа смисла може да се толкува дека, ете, гласачите ѝ „врзале шлаканица“ на хрватската политика и дека новата влада ќе нема вистински легитимитет, односно нема долго да владее.

Непронаоѓањето на сопствениот интерес во ваквата понуда всушност зборува за една квази морална супериорност, зад која не се крие ништо друго, туку незаинтересираност за политичките процеси во земјата

Во реалноста работите стојат вака: ХДЗ оствари историски највисока победа и сега премиерот Андреј Пленковиќ може да владее како и колку сака. Се разбира, Хрватска е членка на Европската Унија и сите институции на ЕУ ги оценија изборите како фер и демократски. А малата излезност? Се разбира, таа се должи на здравствената состојба, иако Хрватска стои многу подобро во однос на епидемијата од Македонија.

Јасно е, се разбира, дека и во Македонија излезноста ќе биде мала. На крајот на краиштата, со избирачки список со над 1.800.000 луѓе, тешко е да се очекува висока излезност и во „нормални“ времиња, а камоли во времето на корона вирусот. Затоа и неизлезноста нема никого да изненади, ниту некој ќе почувствува каква било, макар и морална одговорност. Неизлегувањето на избори на таканаречените „неутралци“ само ќе придонесе да победи онаа партија, која ќе има полојални партиски „војници“.

Лично мислам дека, ако веќе гласачот не може да се пронајде во ниту една од понудените партиски програми, многу посилна порака ќе прати ако фрли празно ливче, отколку ако не излезе на гласање. Замислете каква шлаканица во буквална смисла би било, на пример, 15 проценти од оние што излегле на гласање да уфрлат празно ливче во гласачките кутии!

Гласачкото право е основното и неприкосновено право на граѓанинот во секое демократски устроено општество. За остварување на ова право, буквално се леела крв и паѓале жртви. И затоа не би требало лесно да го пренебрегнеме.

Да, и да не се излезе на избори е демократско право и избор (иако властодршците никогаш искрено и не сакале плебсот премногу да им се меша во работите). Сепак, секое право носи зад себе и одговорност. Колку е правото поголемо, толку е и одговорноста потешка. А најголема одговорност носат токму тие што не излегуваат на избори. Затоа што: „Не знаевме дека вака ќе биде“ нема да биде никаков аргумент за оправдување на животот што ќе го живееме.

Да, ова ќе бидат најчудните избори во македонската понова историја!