Тоа е тоа. Познати се изборните листи, партиските конвенции и конгреси се завршени. Останува само да ја заавршиме кризата и да почнеме да живееме нормално.
Хм. Се чини дека кај нас и наједноставните работи можат да бидат и тоа како комплицирани. А, да се разбереме, изборите и избирачкото право се во суштина едни од најпростите манифестации на демократијата. Треба само да се испочитуваат неколку едноставни правила. Правила што ние, ете, не ги почитуваме.
Државната изборна комисија веќе врати на доработка повеќе изборни листи и тоа за релативно банални причини: истечена лична карта на некој од кандидатите, недоставување потврди за неосудуваност, пријавување без матични броеви и слично. Можеби не е изненадување ако се врати изборната листа на неискусните политички чинители кои за првпат учествуваат во изборниот процес, но за мене секако е изненадување да се врати изборната листа на една таква политичка грамада како што е господинот Бранко Јаневски и неговата Социјалдемократска партија.
Лидерот на дублерската партија поседувал три стана, една куќа за одмор, земјоделско земјиште, Ауди А4, Мерцедес C200 CDI, девизна штедна книшка од 6.800 евра, девизна кредитна картичка и акции во вредност од 3.000 денари
Имено, неговата партија учествува веројатно во сите повеќепартиски избори во земјата, а во последната декада со константна политичка програма што може да се нарече „Дублери на листите на СДСМ“. Имам чувство дека неговата партија и не прави ништо друго туку индекс на имиња-двојници на овдешните политичари, кои потоа по потреба се вадат од „тефтерот“ и се ставаат на листи. Токму затоа изненадува дека пријавите на кандидатските листи не биле целосни. Некој во партијата не си ја одработил задачата како што треба и сега веројатно ќе мора да се вадат нови ликови од индексот.
Многумина ќе кажат дека нема смисла да се губи време и простор на овој фолклорен лик на македонската политичка сцена. Сепак, овој навидум лузер целиот свој плуралистички век го помина во државни јасли, како некаков директор, раководител или што и да е по владините министерства. Се разбира, во соработка/коалиција со СДСМ, ДА на Васил Тупурковски, ВМРО-ДПМНЕ на Љупчо Георгиевски, а сега и со ова на Никола Груевски.
Против оваа константа на македонската политичка сцена се најавувани и подигнати неколку кривични пријави за изборни скандали токму од овој „дублерски“ тип, а богами и за злоупотреба на службената положба во времето кога магистерот Јаневски беше в.д. директор на Трговскиот центар во Скопје. Ниту една од овие пријави нема своја разрешница или барем јавноста не слушнала за такво нешто.
Но, за да ја преведеме политичката кариера на магистерот Јаневски на јазик достапен на нашиот читател ќе го цитираме неговиот анкетен лист што тој мораше да го поднесе како директор на Управата за прашања на борците и воените инвалиди (во времето на првата влада на Никола Груевски), според кој Јаневски поседувал три стана, една куќа за одмор, земјоделско земјиште, Ауди А4, Мерцедес C200 CDI, девизна штедна книшка од 6.800 евра, девизна кредитна картичка и акции во вредност од 3.000 денари.
И на крајот уште една тривија: според медиумските написи, своевремено, додуша пред лидерствувањето на Јаневски, на местото генерален секретар на Социјалдемократската партија фигурира името на Стево Пендаровски. Ете, сега Пендаровски доживеа неговата некогашна партија да му наоѓа дублери во првата изборна единица. Освен, се разбира, ако и тогаш не стануваше збор за некој дублер. Со оваа партија никогаш не си сигурен.
Но, одиме натаму. Протоколот на Конвенцијата на која беа претставени кандидатите и кандидатските листи на ВМРО-ДПМНЕ и неговата коалиција го водеше шефицата на Службата за протокол на Владата на Република Македонија. Во кое својство? Прашањето, се разбира е реторичко. Како што е реторичко и прашањето за присуството на техничкиот премиер, односно премиерот за спроведување избори Емил Димитриев на изборните листи. Или пак, прашањето за челната позиција на изборната листа на техничкиот министер за внатрешни работи, односно на министерството кое е најодговорно за спроведување на изборите (иако и долговечната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска редовно беше носителка на изборните листи во претходните изборни циклуси). Толку за одвојувањето на државата од партијата (во случајов: од партиите). И толку за рамноправниот третман на сите учесници во изборите.
Ова ќе бидат интересни и историски избори. Ако поради ништо друго, тогаш барем затоа што Диме Спасов го нема на изборните листи
Кога сме веќе кај рамноправноста, не знам дали партиите и коалициите учеснички на изборите ја испочитуваа законската обврска за процентуалната застапеност на жените на изборните листи. Знам само дека една од законските обврски вели дека меѓу првите три места на листата едно мора да биде резервирано за жена. Но, на листите од седмата изборна единица, барем на оние што му беа достапни на потписникот на овој текст, не фигурираше ниту една жена.
Добро, тоа се листи од дијаспората и имаат само по три кандидати, но во законот никаде не се прави исклучок по бројот на кандидатите на листите. Со други зборови: или нека си го поправат законот, или нека го почитуваат. Во спротивно, изборите се противзаконски. А ако се противзаконски, тогаш се криминални. Во секој случај, нека не глумат родова или полова рамноправност.
Посебен шмек на овие избори се и самите коалиции, односно безрезервната политичка распродажба на таканаречените мали партии. Посебна приказна се Титовите леви сили кои повторно стапија во „неприроден брак“ со ВМРО-ДПМНЕ. Имено, Македонија под водството на оваа партија го доби Музејот на жртвите од комунизмот, иако, на пример, нема музеј за жртвите од фашизмот. Иако е тешко разбирлива распродажбата на Титовата идеологија, сосема е нејасна потребата токму ВМРО-ДПМНЕ да ја купи, кога веќе во својата срж ги препознава комунистите како архи-непријатели.
Токму во смисла на ова архи-непријателство читам дека неприродно било скопскиот градски татко Коце Трајановски да го чествува денот на ослободувањето на Скопје – 13 Ноември. Во некоја смисла тоа е точно, затоа што токму под неговото татковствување беше отстранет (и веројатно уништен) споменикот на стреланите скопјани на 13 ноември 1944 година.
Од друга страна, и спротивставената партија, СДСМ, која наводно ги наследува традициите на НОБ и Револуцијата, тешко дека има право тоа да го прави, особено по коалицијата со Српската напредна странка на Драгиша Милетиќ. Без оглед што и ова коалицирање не е ново, сепак Милетиќ отворено стоеше зад наследството на Рамногорскиот покрет, односно четничкото движење кое застана на погрешната страна токму во НОБ и Револуцијата.
Конечно, тој имаше заслуги за ослабувањето на СДСМ на локалните избори, промовирајќи го Стевче Јакимовски за свој кандидат во Општина Карпош. За тоа доби и соодветна сатисфакција во форма на вработување во државната компанија ЕЛЕМ.
Да, да… Ова ќе бидат интересни и историски избори. Ако поради ништо друго, тогаш барем затоа што Диме Спасов го нема на изборните листи.