Брзај полека

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Ја разбирам желбата на македонските власти да направат сѐ за да го деблокираат бугарското вето за почеток на нашите преговори со ЕУ. Разбирам дека во таква ситуација се обидуваат да покажат вонредни активности и иницијативи, бидејќи нам ни гори под нозете. Но, и во тие напори мора да се внимава да не се премине една друга граница, која го чува достоинството од погрешни чекори.  

Кога еден ден пред посетата на Заев на Бугарија, официјална Софија објави дека на 22 јуни во Луксембург „позицијата на Бугарија во однос РСМ ќе остане непроменета, а Бугарија останува отворена за дијалог“, каква порака испрати соседот? Дека без разлика што ќе „везе“ македонската делегација следниот ден во Софија, бугарскиот став е веќе зацементиран и нема да се менува.

Во таква ситуација, сигурно требало да се направи подобра проценка на кој начин ќе бидат испратени пораките („конкретниот предлог“) до бугарската привремена влада. Се разбира дека во некои поинакви околности секогаш е подобро ако македонскиот премиер директно разговара со бугарските соговорници. Но, дали и во ваква ситуација?

Можеби патот на Скопје до Брисел во моментов води преку Софија, но и однесувањето на Софија мора да се води низ стандардите на Брисел

Тоа што Софија побрза да го повтори нејзиното „не“ уште пред Заев да се спакува, да купи пури за Бојко Борисов и букет рози за Корнелија Нинова, укажува дека на привремената влада во Бугарија многу ѝ се брзало да ја испрати таа порака токму пред доаѓањето на Заев. Со оглед дека до состанокот на Советот за општи работи на ЕУ (22 јуни) остануваат неколку дена, доколку не била таква намерата, тогаш Софија можела истото да го соопшти и некој ден подоцна, за да не ја „контаминира“ посетата на таков начин.

Но, Софија избра поинаку, а Скопје, и покрај тоа, не направи ништо за дијалогот да продолжи, но по други канали и формати, без раководството да се изложува на таков „пречек“.

Второ, Бугарија е во предизборен период и македонските власти морале да предвидат дека нашата желба за дијалог и градење доверба лесно може да бидат ставени во изборен погон. И токму тоа се случи. Борисов преку грбот на Заев, по вторпат за неколку дена, се пресмета со претседателот Радев и со привремената влада, подучувајќи го оти тие ќе го лажат и него и партнерите од ЕУ – дека немаат мандат да носат одлуки.

На тој начин, лидерот на ГЕРБ се обиде предизборно да се извлекува од мочуриштето во кое по сила на американските санкции се дават и негови соработници, а со цел од западните лидери да си обезбеди ново пусулче за многу поевропско однесување од опонентите и да се препорача како единствен што може да ја турка напред европската перспектива на Македонија.

Небере заборавивме дека во неговиот мандат беше ставено ветото, та дури и неговиот довчерашен коалициски партнер, Каракачанов, мораше да го потсетува да не ѝ врти грб на одлуката (ветото) што ја бранел како премиер, само за да остави добар впечаток за некои фактори на Западот.

Трето, во таков сензитивен изборен период, македонските власти мораа да избегнат ситуација, во која, покрај пречек со ново бугарско „не“, посетата да биде искористена и за внатрешни предизборни пресметки.

Ако немало можност за средба со сите лидери на четирите најголеми партии што влегоа во 45-то бугарско собрание, тогаш зошто морале да се среќаваат само со Борисов и со Нинова? Дури и да заборавиме на коментарите на Слави Трифонов дека Заев се сретнал со „небитни“ лица, нејасно е врз кои аргументи се проценило дека на средбите само со тие двајца партиски лидери ќе се гледа благонаклоно во бугарската јавност, каде што желбата за промени е во офанзивен пораст?

Кога еден ден пред посетата на Заев на Бугарија, официјална Софија објави дека на 22 јуни во Луксембург „позицијата на Бугарија во однос РСМ ќе остане непроменета, а Бугарија останува отворена за дијалог“, каква порака испрати соседот?

Она што остана по средбата со Нинова, сега е нејзин дуел со Трифонов и „испрашување“ кој подобро ќе ги чува бугарските интереси по прашањето за пристапување на Македонија во ЕУ. Тоа го добивме.

Четврто, и покрај разбирањето за потребите од одредена дискреција во процесот на разговори, во бугарски „24 часа“ се објавени шпекулации за наводно понудена формулација за јазикот. Македонската влада демантира дека се говорело за такви формулации. Но, сигурно не може да гарантира дали во соседство навистина се заинтересирани да го чуваат процесот од шпекулативни бранувања, кои овде би внеле вознемиреност за идентитетските прашања и негативни реакции кон Софија.

Нив, источната сосетка потоа би ги книжела како говор на омраза, што е еден од нејзините омилени „аргументи“ пред ЕУ, за да укаже на непочитување на добрососедството од македонска страна.

Петто, можеби патот на Скопје до Брисел во моментов води преку Софија, но и однесувањето на Софија мора да се води низ стандардите на Брисел. Не знам што разговараат зад затворени врати нашите власти со европските челници, но едно е сигурно: прашањата за кои во 21 век не може и не смее да има преговори, а се замаскирани зад расчистување на историјата, Брисел е должен да ѝ ги посочи на својата членка Бугарија.

Во спротивно, ќе се инсталира таков опасен преседан, кој интеграцијата на земјите од Западен Балкан ќе ја направи невозможна.

Освен, ако тоа не е целта.

 

П.С. Подароците имаат специфичен јазик со кој испраќаат одредена порака до оној за кого се наменети. Изреката „на подарениот коњ не му се гледа во забите“, не важи во политиката, бидејќи тоа е многу чувствителен терен. За илустрација, Џо Бајден и Владимир Путин на средбата во Женева си разменија подароци, како што традиционално се прави во такви пригоди. Американскиот претседател на рускиот му подарил пилотски очила за сонце, какви што и самиот Бајден често носи, како и кристална фигура на американски бизон, кој симболизира сила, единство и еластичност, ставен на постамент од црешово дрво.

Путин на Бајден му подарил сет за пишување насликан во традиционалниот руски стил „Хохлома“. Станува збор за начин на сликање, кој почнал во 17 век, во селото Хохлома, а се користи за познатото колоритно украсување на сувенири, кутии и мебел, најчесто со употреба на црвена, жолта, портокалова и златна боја. Евидентно е дека од двете страни се потрудиле подарокот да носи нешто автентично од земјата на потекло, без дополнителни (и несакани) симболики, покрај основната.

Заев на Борисов му подари американски пури. Без разлика какво име носат и дали се препорачани како „шампионски“, во време кога во Бугарија се актуелни американските санкции и кога списокот се дополнува, подарокот „американски пури“ може да добие и поинаква симболика. Некој и на тоа морало да мисли.