Човечки образ и телешка кожа

Не е потребно да се набројува колку пати од 1991 година до денес сме се нашле на „историски раскрсници“ и пред нови „историски предизвици“. Можеби поради познатиот факт дека земјите од Балканот произведуваат повеќе историја отколку што можат да апсорбираат, фразата за историски моменти стана дел од нашето секојдневие. Немало ден, а да не е историски поради некого и нешто.

Истиот епитет денес го има Договорот од Преспа. Но, ако се има предвид колку години поминаа во „битка за името“ и колку елити ја густираа власта преку негова наводна „одбрана“, овојпат, навистина заслужува да го наречеме историски денот, кога најконкурентната тема за националистички натпревар се симнува од првото место на тридецениската топ-листа.

А само до пред една година изгледаше прилично неверојатно дека она во што не успеале многу претходни влади и стари политички волци, ќе заврши со успех на двајца премиери, кои не биле ни полнолетни кога кулминирал спорот за името. Таквиот впечаток за нерешливост го цементираа со политички догми разни Караманлиси, Самараси, Венизелоси и Мицотакиси распоредени низ повеќе генерации, кои секогаш додаваа масло на стариот пламен за да се распламти пожарот, а не да се изгасне.

Имаа тие свои партнери на македонска страна, некои свесни, некои не, но со чија помош успешно не го решаваа спорот, а преку размена на национализми меѓусебно си помагаа во опстојувањето на власт и во мултиплицирањето на проблемот. Сѐ до лани.

Двајцата премиери, кои од 17 јуни 2018 година ги собираат ловориките за визионерство, храброст и лидерство, се родени во иста година – 1974: Заев во тогашнaта СФР Југославија, чие име и по распаѓањето на Федерацијата остана зачувано единствено во привременото име (ПЈРМ) со кое независна Македонија беше примена во ОН, a Ципрас е роден само четири дена по падот на тогашната воената диктатура во Грција.

И двајцата се израснати во семејства на претприемачи – едните посветени на градежништвото, другите на земјоделството. И двајцата растеле на различни страни од границата, слушајќи иста политичка приказна – дека спорот за името никогаш нема да се реши.

Младиот Алексис, истакнат како некогашен организатор на средношколски протести, на политичката сцена „за возрасни“ стигна на мотор, со инженерска диплома, маичка со ликот на Ернесто че Гевара и со имиџ на атипичен Грк – атеист и противник на конвенционалниот брак. До денес живее во невенчана заедница со неговата средношколска љубов и татко е на два сина, од кој едниот во чест на Ернесто че Гевара, го носи името Орфеј Ернесто.

Ципрас не е потомок на ниту една политичка династија во Грција. Ваквиот бек-граунд го растоварува од тестаменти на политички предци, кои би го обврзале да го држи пламенот на националистичкиот наратив „Македонија е само грчка“. Само човек ослободен од национализми, демагогии и табуа, денес може да застане на парламентарна говорница и да одржи лекција – дека македонската националност не е грчка за некому да ја даваат или не, а да ги потсети и комунистите на бегалците од граѓанската војна, и на букварот, и на нивната стрелана другарка Мирка Гинова.

Заев и Ципрас ја подигнаа одговорноста на висока кота, а на патриотизмот му ја вратија вистинската дефиниција, која со години насилно беше узурпирана и концесионирана од разни трговци со национализми, кои сега остануваат и без главната тема и без главната тезга

А само неколку години претходно не му предвидуваа долго останување на премиерската позиција. Впрочем, ретко кој можеше да претпостави дека, сепак, тој ќе остане премиерот кој ќе ја подига Грција од дното на најтешката должничка криза, а уште помалку дека ќе биде политичарот, кој, заедно со својот македонски колега, ќе го решава и реши тридеценискиот спор за името.

Но, клучот за оваа приказна мора да се бара на двете страни од границата. Таа не ќе беше успешна ако левичарот Ципрас останеше без својот политички „близнак“ во соседството. Неговиот колега, сега и пријател, Зоран Заев, исто така е атипичен политичар, но и атипичен социјалдемократ.

Не користи политички фрази, говорот го гарнира со изрази на струмички дијалект, кој со гордост го користи, и во многу нешта потсетува на комуникациската отвореност што ја негуваше уште еден струмичанец – покојниот претседател Борис Трајковски.

Во Заев тешко е да се најде грам од ароганцијата карактеристична за негови претходници, но и за актуелни колеги. Не е кабинетски тип на политичар, затворен под стакленото ѕвоно од разни чувари на пристапот до него. Со имиџ на момче од соседството, тој оди во сосема друг екстрем – неселективна отвореност за контакти со секој што на каков било начин ќе му се обрати.

Некои би го нарекле тоа „доблест со вградена мана“, но тој со неа се носи со иста релаксираност, како и на викенд-прошетките со мотор по струмичката околина, крај нивите на кои од дете научил да ја обезбедува својата егзистенција. 

До кога ќе се дозволува енергијата и времето инвестирани во решавањето крупни надворешни приоритети да бидат саботирани со домашни мајмунлаци од страна на неизживеана каста на функционери?

Тие двајца, Алексис и Зоран, од генерацијата ’74, многу слични по својата политичка атипичност, и без пусулче дека некој би се обложил на нивната решеност да стават крај на билатералниот спор – сепак го решија.

Нераздвоен и клучен дел од оваа успешна приказна се министрите за надворешни работи, Никола Димитров и Никос Коѕијас, кои поминаа и многу километри и многу часови, денови и месеци во тешки, но искрени разговори со цел да дојдат до решение, кое нема да одземе од идентитетската есенција, а ќе донесе додадена вредност – пријателство, доверба, добрососедство, сојузништво, партнерство…

Дури и во стилот – по битка, генерали – сите да мудруваме што требало да се додаде или одземе од, далеку од идеалниот, но нужен компромисен Договор, има една генерална придобивка, која е поважна и од самата негова содржина: фактот дека во двете земји постојат политичари што се свесни дека е поважно да се решаваат крупни државни проблеми отколку да ловат партиски поени.

Со тоа, Заев  и Ципрас ја подигнаа одговорноста на висока кота, а на патриотизмот му ја вратија вистинската дефиниција, која со години насилно беше узурпирана и концесионирана од разни трговци со национализми, кои сега остануваат и без главната тема и без главната тезга. Со цел да го вратат тој изгубен наратив, тие сигурно нема да запрат во обидите за дискредитација на Договорот, особено кога ќе почне неговата имплементација.

Затоа е битно да се знае дека тој Договор бара луѓе што ќе разберат дека неговиот генерички дух, односно начинот на кој се стигнало до него (искреност, разбирање и соработка, а не принуда) е истата формула со која ќе се смируваат афтер-шоковите и при неговата имплементација. 

Нема потреба да се нагласува дека овој пример за компромис не треба да остане изолиран, туку да добие епидемиски размери на Балканот, кој одамна е гладен и жеден за успешни приказни што ќе водат до мир и стабилност.

Но, она што мора да се нагласи, бидејќи нѐ тангира нас и нашата домашна приказна, е видливиот дисбаланс меѓу надворешно-политичките успеси и внатрешните папазјании.

Моето прашање е – што размислува Зоран Заев додека се враќа од Давос, во ден кога е затрупан од меѓународни честитки за крајот на тридеценискиот спор и со пораки за почеток на преговори со ЕУ преку работа и реформи, а првата вест што ќе го дочека во земјата гласи: Државната компанија МЕПСО потроши 212.000 евра за мебел!

Ова е само еден пример. Ги има многу и ги поврзува едно нешто – не заслужуваат толеранција. Се враќа ли од Давос „камшикарот“ или аминувачот на вакви авантури, во време кога граѓаните очекуваат дека периодот на „крв, солзи и пот“ (од реформи до првите плодови) треба да важи за сите, а не само за народот?

До кога ќе се дозволува енергијата и времето инвестирани во решавањето на крупни надворешни приоритети да бидат саботирани со домашни мајмунлаци од страна на неизживеана каста на функционери?

Нема, и не смее да има нов мебел, сѐ додека има дупки на улиците, додека гинат деца на необележани пешачки премини, додека нема доволно амбулантни возила и останата инфраструктура од важност за животот на граѓаните. Со ситни души, ниту се гради држава, ниту се прават реформи. Само се паѓа на ситно. А зборуваме за крупни успеси.

Да, тие навистина заслужуваат Нобелова награда, но како поважна од неа ќе се покаже наградата што ја даваат домашните граѓани. А тие велат – премиере, време е да заигра метлата. Не за чистење на снегот, туку за чистење на сите кадровски „одрони“ што го блокираат патот.

Зар не е поразително сиот тој успех на „Преспа“ да се сопне – замислете на што – на фотелји од телешка кожа и од слични мизерии и галантерии! Вреди ли?