Откако ја укина првостепената пресуда за Трезор и предметот го врати на повторно постапување, Апелацискиот суд сега ја укина и првостепената пресуда за Таргет-Тврдина. Во образложението се вели дека „првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка кои се од апсолутен карактер“.
„Таргет“ беше капиталниот случај заради кој беше формирано СЈО, предмет што се однесуваше на незаконското следење на над 4.000 телефонски броеви без судски наредби, со кое биле опфатени околу 20.000 граѓани. Повторното постапување за овој предмет, според сите досега видени модалитети за одложувања, води кон единствен сигурен исход – негово застарување.
Недостига уште Судот во Стразбур да се изјасни дека помилувањата од Иванов биле законски и сѐ ќе си дојде на свое место. Државата ќе мора и отштета да им плаќа, а и Груевски ќе може да се врати од Будимпешта на бел коњ
Во моментов не знаеме какви суштествени повреди сторил судот, ако ги сторил, ниту дали свесно ги сторил за да се стигне до ваков епилог.
А потоа ќе ни раскажуваат прикаски за хибридни напади, однадвор. Кај нас сите хибридни напади доаѓаат однатре. Ситуацијата е вратена седум години назад, во времето кога Заев порачуваше „ова зло никогаш да не се повтори“, а другата страна обвинуваше за лепено, сечено, монтирано.
Недостига уште Судот во Стразбур да се изјасни дека помилувањата од Иванов биле законски и сѐ ќе си дојде на свое место. Државата ќе мора и отштета да им плаќа, а и Груевски ќе може да се врати од Будимпешта на бел коњ. Дали Заев со сигурност денес би рекол – „сѐ што ветивме, остваривме“? И како толку лесно се стигна до големото „ништо“, до гротескно невидлива разлика?
Властите сега нека му се извинат на експертот на ЕК, Рајнхард Прибе, на кој, во време на политичката криза, му го трошеа времето за да прави извештај и да ги идентификува недостатоците во клучните сфери во македонското општество (особено безбедносната), а, за жал, до денес немаа време да ги поправат; што овозможија атмосфера во која ќе се случува токму обратното – Катица Јанева да го користи СЈО за истите нешта за кои штанцаше обвиненија против други; што едно многу критикувано тефтерче со имиња на подобни судии, од едни сопственици се пресели кај други.
Каде се денес тие што дозволија да продолжи т.н. „голема преселба“ секогаш кога една власт ќе се замени со друга, и небаре размена на „Момински мост“ овозможија кон власта да се прилепат претходно критикувани бизнисмени, да се аминуваат спорните ДУП-ови и плацови, да си продолжат тендерите, манирите, да продолжи сѐ што беше причина за протестите под слоганот „нема правда, нема мир“.
Во принцип, вакво нешто не смее да заврши со кревање раменици, бидејќи ќе значи едно – давање јавна согласност за конечниот и неповратен распад на институциите, без разлика дали се во правосудството, извршната или во законодавна власт
Па, нека им објасни сега некој на луѓето од „Шарената револуција“ дали вака требаше да изгледа правдата. Кога таа надеж се трампа за нешто друго, не се создава само подземје, туку и подземје под подземјето. Дупло дно. Ваков пресврт може да се случи само во земја каде што царува морално и правно слепило.
Во такви услови, непристојно е да се дробат силни зборови против корупцијата. Тоа е нешто како „трла баба лан, да јој проѓе дан“, класично потценување на граѓаните, играње мајтап со нивното трпение и комплетно убивање на последниот грам доверба дека нешто може да се промени. Со таков вид дилетантска неодговорност, ние се среќаваме во многу радикална форма.
Ако политиката е способност за предвидување на настаните, таква политика овде нема. Ситуацијата е комплетно ненормална, како резултат на повеќегодишен системски молк пред лакомоста за позиции, моќ, пари и трговија со слобода за лица засегнати со судски постапки.
Во принцип, вакво нешто не смее да заврши со кревање раменици, бидејќи ќе значи едно – давање јавна согласност за конечниот и неповратен распад на институциите, без разлика дали се во правосудството, извршната или во законодавна власт.
Ама ако е удрена последната шајка во симулакрумот наречен држава и правна држава, веќе е сеедно кој што ќе рече или најави, кога од државата останала само сенка, привид на она што можела да биде, ама не успеала, со здружени напори на сите.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија