„Не верувам во судбина што ќе нѐ снајде, без оглед што и да правиме. Но, верувам во судбина што ќе нѐ снајде, ако ништо не направиме“. (Роналд Реган)
Цените растат. Единствено цената на човечкиот живот е во постојан пад. И нема можност да оди подолу од ова. Последните скандалозни пресуди за сообраќајни незгоди со жртви ставија печат врз таа срамна ценовна состојба.
Цената на животот денес ја формираат сплет од случајности, во кои има само една константа – лабав однос кон неодговорноста, сеедно дали во корист на предизвикувачот на несреќата, на осуството на контрола од секогаш ненадлежните институции, или за нелиценцираните превозници.
И така ќе остане, бидејќи се докажа дека не учиме од грешките. Ни се случи Ласкарци, тагувавме, критикувавме, па – тогаш за тогаш – се зајакнаа контролите врз организираниот превоз на патници. И, како што секое чудо трае три дена, во согласност со тој наш врвен закон, но и под притисок на секогаш „поважни“ теми, бргу ослабна фокусот кон безбедноста на патиштата и превозот.
Граѓаните може да предупредуваат, но не е нивна обврска да го држат свртен рефлекторот кон таа тема, бидејќи тие ги плаќаат институциите што се задолжени секој ден да се грижат за овие прашања. Ако институциите не можат да го работат тоа за што се платени, тогаш нека ги укинат.
Додека се бара обдукција чиј е Гоце, обдукциските сали се полнат со жртви на инфраструктурната небезбедност
Сѐ додека тврдат дека функционираат, ниеден патник не е обврзан да се грижи дали превозникот направил технички преглед, дали има извод од лиценца, патен налог во оригинал, евидентен лист за превоз на патници, договор склучен меѓу превозникот и нарачателот на услугата и точно пополнет патен лист на пропишан образец, кој би бил потпишан и заверен од превозникот и заверен од надлежните царински служби.
Освен да ја плати услугата за патување и да обезбеди патничко осигурување, ништо од тоа не зависи и не е во ингеренции на патникот.
Требаше да ни се случи несреќата во Бугарија, за повторно да видиме дека не функционирале контролните механизми. Начинот на кој спорниот автобус бил пропуштен на нашиот граничен премин наликува на растурена сарма. Не бил електронски евидентиран неговиот излез, што значи дека излегол нелегално. Не му бил побаран извод од лиценцата, која според Министерството за транспорт, овој автобус – ја немал!
Ако немал извод од лиценца, а според Царинската управа таков документ приложувал на нашите гранични премини од 15.10.2020 година до 11.11.2021 година (повеќе од една година), дали тој извод бил фалсификуван или евентуално му истекол рокот на важност во ноември, непосредно пред трагичната несреќа? Во организиран и поврзан систем, со еден клик во податоците, треба да се добие одговор на овие прашања. Очигледно немаме таков систем.
Второто поразително нешто е политиката на Софија, која се одвиваше во заднината на трагедијата на бугарскиот автопат. Разбирам дека Бугарија смета оти и натаму не требало да го менува ставот за ветото. Ама, од човечки аспект, никако не можам да разберам зошто таа тема мораше да се вергла уште во првиот ден од несреќата. Небаре некој им барал политичка концесија поради трагедијата, па побрзаа да реферираат дека нема да го сменат ставот.
Голем респект кон бугарските граѓани што положија цвеќе со искрена тага за настраданите, голем респект кон здравствените работници, кои сторија сѐ за преживеаните патници да добијат соодветни здравствени услуги и за сите други што беа вклучени да помогнат по несреќата.
Но, немам респект кон политичарите. Можеа да замолчат барем додека траат трите дена на жалост, па потоа нека си ги рецитираат рефрените за блокада. Да беа политичари од (по)голем формат, ќе се откажеа од таа тема и додека телата на загинатите не се пренесат во Македонија.
Нема такво нешто. Нема човечко чувство за моментот. И што е најпоразително, никогаш нема да ја разберат пораката што ја рефлектираше трагичниот настан. Дека и животот и добрососедството се случуваат сега.
Секој што е повеќе свртен кон минатото и задлабочен во „дебелата историја“, лесно ќе пропушти да види дали и колку му е тенок асфалтот на патиштата. Додека се бара обдукција чиј е Гоце, обдукциските сали се полнат со жртви на инфраструктурната небезбедност.
Требаше да ни се случи несреќата во Бугарија, за повторно да видиме дека не функционирале контролните механизми. Начинот на кој спорниот автобус бил пропуштен на нашиот граничен премин наликува на растурена сарма
Пред неколку дена настрадаа македонски државјани, утре можат да бидат некои други, како што пред три години кај Своге загинаа десетици бугарски граѓани.
Бугарија во 2019 година беше на второ место според бројот на жртви во несреќи во ЕУ. Само поради ковид-19 и намалениот транспорт, падна на третото место во 2020. Македонија не е во подобра состојба. Ако сме браќа со Бугарите, тогаш сигурно сме и според лошата патна инфраструктура.
А кога станува збор за соседни земји, патиштата се тие што побргу ќе ги поврзат или ќе ги оддалечат граѓаните од двете земји. За да имаме квалитетни патни врски и поголема комуникација меѓу граѓаните, не е приоритетна обдукцијата на историјата, туку обдукцијата на корупцијата, која и таму и овде ги подјадува и пругите, и патиштата, и мостовите, и во буквална, и во симболична смисла.
Тоа е една од клучните пораки по оваа трагедија. Прашањето е дали некој сака да ја види.
А ние, и без бугарската блокада, си имаме доволно предизвици: најпрво да ги деблокираме институциите од неодговорност, заспаност и од немешање во сопствените надлежности. Тоа „шоу“ дури ни Софија не може да ни го украде.
И сега се враќам на цитатот од почетокот на текстот. Ако ништо не направиме, ако свесно се откажеме од начинот на кој ќе ја водиме сегашноста и нашите животи во неа, во иднина никој друг нема да биде виновен за судбината што ќе нѐ снајде, освен ние самите.