Дедо Мраз од Пржино

„Хо-хо-хо“ – вика Дедо Мраз во својот леден замок на Северниот пол. „Хо-хо-хо“ – уште еднаш се провикнува почитуваната старина, држејќи се со двете раце за својот малку поднадуен мев, додека пред него стојат писмата со желби од луѓето од Северна Македонија.

Откога му поминува првиот напад на нескротлива смеа, Дедо Мраз сериозно се замислува: што навистина може да се испорача од Северниот Пол во Северна Македонија? Она што се бара, не можат ни две локомотиви да го повлечат, а камоли неговите скромни санки. Се мисли така Дедо Мраз, се консултира со џуџињата и ирвасите, ја прашува Баба Мразица и никако не можат да се договорат.

Гледа Дедо Мраз дека и Нова година и сѐ ќе отиде по ѓаволите ако набргу не се донесе некоја солуција. Плус и џуџињата се исподелија меѓу себе, застапувајќи различни понуди за пакетчиња за незаситните баратели. Виде Дедо Мраз, поточно не виде, па реши да викне олеснувачи што ќе ја разрешат новогодишната криза. Се собраа тука мудри глави од Европската Унија, од САД, акредитирани амбасадори во Северниот Пол, како и сите оние што требаше да бидат тука.

 Седеа, заседнуваа и заседаваа во една колипка, сѐ додека не дојде спасоносното решение – ќе им дадеме техничка влада и сите ќе бидат задоволни! Сите ставија потпис на документот: и Дедо Мраз, и Меѓународната заедница, и Баба Мразица, и поделените џуџиња, и ирвасите…

Виде Дедо Мраз, поточно не виде, па реши да викне олеснувачи што ќе ја разрешат новогодишната криза. Седеа, заседнуваа и заседаваа мудрите глави во една колипка, сѐ додека не дојде спасоносното решение – ќе им дадеме техничка влада и сите ќе бидат задоволни!

И пред да се разотидат по своите домови за да ги отвораат своите подароци под домашната елка, ирвасот Рудолф изрази сомневање дека техничката влада ќе биде токму она што нивните браќа и сестри од Северна Македонија сосе дијаспората го очекуваат.

 „Да. Ќе мислат дека е во ред да се има техничка влада, ама бргу ќе сфатат дека тоа не е доволно. Да им дадеме и избори“, вели Рудолф пред почитуваните претставници на Меѓународната заедница, кои веќе одамна од здодевност почнаа да се проѕеваат.

„А што ќе добијат луѓето со избори?“, (се) прашува Дедо Мраз.

„Како што? Ќе добијат новогодишни пакетчиња“, самоуверен е Рудолф. По мала новогодишна драмска пауза продолжува: Секоја партија ќе купи по 44.894 кила брашно, 44.894 кила кафе, 44.894 кила густин во прав, 44.894 кесички прашок за печиво, 44.894 литри детергент за садови, 44.894 кинески запалки и исто толку кинески хемиски моливи со логото од партијата. И, ете, пакетчиња.“

Од извори блиски до преговарачкиот процес дознаваме дека оваа идеја многу им се допаднала на преморените дипломатски претставници, ама и на сега веќе партиски поделените џуџиња. „Одлично!“, рекол еден неименуван дипломат, „Ова се состојки од кои се прават најголемите балони од сапуница. И јас ги правев како дете, односно пред да станам политичар од кариера“.

И тука човекот несебично го споделил тајниот рецепт за правење балони од сапуница. Се зема еден филџан детергент за миење садови, еден филџан густин во прав и две лажици прашок за печиво. Густинот се промешува во вода, сѐ додека не се растопи, а потоа се додаваат останатите состојки.

Целата смеса се меша додека не се запени и потоа можете да дувате во неа со онаа шуплива цевка што се вика „дување во ветер“, а во која вообичаено дуваат жителите од Северна Македонија. Дуваат тие и кога нема ни сапуница, ни балони, создавајќи балони во својата богата фантазија.

Читателот ќе се праша зошто тогаш во пакетчињата треба да има хемиски пенкала и запалки од кинеско производство со партиски логоа. Па, како зошто? Со хемиските ќе се запишуваат рекордите, а со запалките ќе се горат истите тие рекордни балони. Кој ќе чека балоните да пукнат, како да се балони од сапуница.

И така народот од Северна Македонија среќно, весело и оптимистички ја дочека новата изборна 2020 година. Исто како што ги пречекуваше и претходните години. Исто како што ќе ја пречека и 2220 година. Со балони од сапуница, малку брашно и многу дување во ветер

„А, брашното? Чуму брашното?“, прашува Дедо Мраз и докажува дека веќе дебело го зафатила сенилноста. Брашното, се разбира, е тука како продолжување на вековната изборна традиција. Нема избори без брашно. А со брашното може да са замеси секаква влада. Да биде, онака, малку подигната и да се пуши однатре, што би се рекло.

Што се однесува до кафето, тоа секако е добредојдено за земање душа по толку месења влади и дувања балони. А и медицински е докажано дека кафето ја намалува напнатоста.

Некој од учесниците на преговорите предлага во пакетчињата да има играчки, на пример авиончиња и колички, а може и по некое чоколатце.

„Не!“, прецизен е Рудолф. „Тие поубаво се играат без играчки. И онака користат вистински авиони и автомобили за заминување од земјата, па не им требаат авиончиња и колички како играчки. А, богами, јадат и чоколадо. Секогаш кога немаат леб. А редовно немаат леб, ама имаат изборно брашно.“

„Добро“, конечно се одоброволува Дедо Мраз и се врти кон џуџињата: „Ќе спремите пакетчиња со две кила брашно, две кила густин, две кесички прашок за печиво, двесте грама кафе плус по две хемиски пенкала и две запалки. И сето тоа да се подели до 12 април, бидејќи сега веќе немаме време“.

И така народот од Северна Македонија среќно, весело и оптимистички ја дочека новата изборна 2020 година. Исто како што ги пречекуваше и претходните години. Исто како што ќе ја пречека и 2220 година. Со балони од сапуница, малку брашно и многу дување во ветер.

„Хо-хо-хо“ извика Дедо Мраз, се насмевна под мустаќ, се почеша под брадата, ги фрли писмата од Северна Македонија во каминот како потпала и мирно падна во длабок зимски сон.