Денот на востанието, сега и овде

Утре е 11 Октомври, денот што Македонија го одбележува како Ден на востанието против фашистичката окупација.

Во таа 1941 година, кога и онака распарчената Македонија, по априлската германска окупација на Кралството Југославија, се допарчува, овојпат меѓу Бугарија и Италија, односно Албанија, имало отпор кон окупаторските сили и пред тој 11 октомври, главно преку диверзии и атентати.

Првата вооружена герилска група, Скопскиот партизански одред, на пример, е формиран на 22 август таа година, но, сепак, официјалната историографија го зема 11 октомври како клучен датум затоа што тогаш е изведена првата организирана партизанска акција во Прилеп, од страна на тогаш формираниот партизански одред „Гоце Делчев“. Нападнати се участокот (полициската станица), прилепскиот затвор, а пресечени се и комуникациските линии. Во акцијата гине еден затворски чувар, инаку по потекло од селото Смилево, додека партизанскиот одред нема жртви.

Следниот ден, во околината на Куманово се формирани Кумановскиот (Козјачкиот) и Карадачкиот партизански одред, набргу разбиени во борбите со непријателот, па затоа обично се вели дека „првата партизанска пушка“ пукнала во Прилеп и во Куманово.

Од вкупно 1.322 народни херои на Југославија, Македонија дала 66 (44 загинати во воените дејствија). Се проценува дека во тригодишната војна до конечното ослободување на Македонија (1941-1944) паднале околу 25.000 жртви. Од нив седум илјади се депортираните Евреи во 1943 година, 14.000 се загинати на фронтот или по фашистичките казамати, а остатокот се цивилни жртви и колаборационисти.

Можеби бројот на жртвите и народните херои, наспроти оние во некои други тогашни републики во Југославија, некого нема да импресионира, но треба да се знае дека, за разлика од Првата светска војна, главните фронтовски линии во тогашна Југославија се воспоставуваат во Босна и Херцеговина, Србија и во Хрватска.

Од друга страна, македонското комунистичко движење, по смената на Методија Шаторов Шарло, е длабоко поделено, што директно се одразува на вооружениот отпор. Така, на пример, Скопскиот партизански одред не учествува во акциите на 11 и на 12 октомври затоа што не е информиран, а не е информиран затоа што се смета како директна воена база на Шарло.

Се разбира дека овие податоци не ги кажуваме како прилог кон некоја имагинарна историска читанка за македонските средношколци, туку да истакнеме еден недвосмислен факт – Македонија, под водство на Комунистичката партија и партизанското движење, се ослободи сама од фашистичката окупација.

Основното прашање е што нам ни значи тој 11 октомври, 81 година подоцна? И какво е неговото симболично значење денес?

Во зависност од политичкиот ракурс од кој се гледаат работите, одговорите на овие прашања можат да бидат и поразителни, но и триумфалистички. Реалноста е секако некаде помеѓу.

Во држава во која не може да се воспостави консензус ни дали планетата Земја е тркалезна или рамна плоча, нормално е дека нема ни консензус за фактот дека единствениот државен и државотворен легитимитет Македонија не го црпи од ништо друго, туку од својата антифашистичка борба и од своето антифашистичко минато

Од една страна, денес имаме држава во која, токму во предвечерието на денот на одбележувањето на отпорот против окупацијата на „бугарската администрација“, се формира клуб на таканареченото бугарско-македонско пријателство со името на тогашниот бугарски цар Борис Трети. По социјалните мрежи се пуштаат видеоклипови каде што може да се види како во некои македонски градови бугарската војска се пречекува со воодушевување.

На голем дел од улиците и училиштата што беа именувани по македонските народни херои, имињата им се сменети. Партизанските споменици и спомен-обележја, не само што не се чуваат, туку и со намера се девастираат.

Во одредени академски и други кругови се потенцира „жртвата“ што ја направил македонскиот народ со прифаќањето да влезе во состав на федерална Југославија. Наводно со таа одлука Македонија поминува од една во друга диктатура (на чело со диктаторот Јосип Броз Тито, кој цврсто ги држи полугите на власта во свои раце и „жари и пали“, не само во однос на општествените случувања, туку и во кадровската политика). Наводната заблуда на македонскиот народ се потенцира и со прифаќање на, како што сега се нарекува, утопистичкиот експеримент наречен социјалистичко самоуправување.

Една од најсилните македонски политички партии отворено се против за нотирање на едно малцинство (бугарското) во Уставот. Постои веќе доминантен наратив за губење на националниот идентитет. Се проблематизира стратешката определба за приклучување кон Европската Унија. Дел од политичките елити не го признаваат ниту името, ниту знамето на сопствената држава. Во услови на најголемата воена закана за Европа и светот (руско-украинската војна), голем дел од јавноста јавно го оправдува окупаторот и окупациските сили во судирот.

Со еден збор, се релативизира антифашистичката борба и помалку или повеќе се рехабилитира фашистичката идеологија. Јасно, ова не е некаква македонска исклучивост. Реставрацијата на одредени аспекти на фашистичкиот светоглед е тренд во поголемиот дел од Европа, па и во државите-членки на Европската Унија.

Заморот од политичкиот и од економскиот либерализам и уште повеќе заморот од политичката коректност на либералните политички елити и губењето на колективната меморија создаваат од фашизмот примамлива идеологија на „заштита на социјално загрозените, татковината и честа“, а тука можеме да ја додадеме и фразата за „враќање на гордоста и достоинството“.

Конечно, фашизмот секогаш се криел зад овие флоскули. Скриена токму зад овие флоскули и зад таканаречените традиционални вредности, изборите во Италија, третата европска економија, ги доби и отворената фашистка Џорџа Мелони.

Од друга страна, токму во времето на „југословенската диктатура“, Македонија го доживува својот најголем политички, економски, културен, образовен и секаков друг процут. Македонија е денес суверена и независна држава, членка на најмоќниот воено-политички сојуз на светот, НАТО. Функционира во согласност со меѓународно право и одржува добри односи со традиционално непријателски расположените соседи, освен со Бугарија, со која се прават напори да се унапредат односите. Земјите со кои имаме визен режим можат да се набројат на прсти.

Секако, сегашноста ни приближно не е толку блескава и раскошна. Напротив. Речиси и не постои политичка волја да се надминат системските и економските проблеми и недоследности, а општествените противречности само се зголемуваат.

Во држава во која не може да се воспостави консензус ни дали планетата Земја е тркалезна или рамна плоча, нормално е дека нема ни консензус за фактот дека единствениот државен и државотворен легитимитет Македонија не го црпи од ништо друго, туку од својата антифашистичка борба и од своето антифашистичко минато.

Токму затоа, 11 Октомври, Денот на македонското востание има огромно симболичко значење. Денес можеби многу повеќе, отколку во изминатите осум децении.

И затоа: Смрт на фашизмот, слобода на народот!

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија