Два пасоша

Дијалогот се води, кавгата се тера. Она што ниту се води, ниту се тера, е лавината од разни интерпретации за она што го кажал професорот, поранешен министер за надворешни работи и амбасадор, Денко Малески. Многумина од тие што веќе го „осудија“ или се оградија од него, не верувам дека интегрално го слушнале неговото кратко интервју. 

Кога читам што сѐ објавуваат медиумите во Бугарија и во Грција, верувам дека ни самиот Малески нема да ја препознае суштината на она што го кажал. Се прашувам за што го судат – за правото на став, за суштината на ставовите или за нивната интерпретација? 

Патем, какво е тоа демократско општество во кое не постои простор за елементарен дијалог за одредено прашање, туку веднаш функционира преки суд – експресно распнување во јавноста. Нашиот прв министер за надворешни работи, амбасадор во ОН и професор на генерации студенти, белки заслужува малку повеќе почит од оние „лекции“ по историја кои денес му ги држи секој, па и многумина што се обезбедија со бугарски пасоши.  

Вакви (не)прилики ме потсетуваат на изреката на Чапек: „Каква тишина би настанала, кога луѓето би го говореле само она што го знаат“. Погодувате каква. Заклучокот е поразителен: во земји каде што национализмите и натаму ја кројат политиката, добронамерноста, визионерството, аргументираните и еманципаторски ставови се осудени да завршат на истото буниште од каде што се напојуваат националистичките пориви за „доработка“ на незавршеното минато.    

За површноста што владее во меѓувреме, доволно зборува сеопштата импресија што ја предизвика бугарскиот премиер Бојко Борисов, само затоа што возејќи се релаксирал со нашата „Корона чао“. Занесени во тој чалам, не ги видовме тамошните коментари дека сега ја пееме таа песна, а веќе утре може да ја пееме „Европа чао“, доколку не се реализира Договорот за пријателство и добрососедство. 

Какво е тоа демократско општество во кое не постои простор за елементарен дијалог за одредено прашање, туку веднаш функционира преки суд – експресно распнување во јавноста

По „корона чао“, кога здравствената криза ќе стивне, ќе треба да продолжи барањето решенија како одредени личности да се претстават во делот од заедничката историја. Најкомфорната политичка позиција е – Гоце Делчев е наш, и тука нема дискусија. Да, ние велиме – наш е. Но, и Бугарите велат дека е нивен. 

Од 4 мај пред 117 години, до денес, по 117-ти пат му правиме „обдукција“ на релација Софија – Скопје, во обид да докажеме чиј национален печат треба да ја носи неговата ДНК. Нема да се најде решение на ова прашање. И ако од тоа зависи дали ќе напредуваме во ЕУ, нема да напредуваме. 

Борисов лани го спореди Гоце Делчев со Ернесто Че Гевара: „Тој е бугарски херој што се жртвувал и заложил сè за слободата на Македонија. На ист начин, еден Че Гевара, Аргентинец, отишол да се бори за слободата на Куба, а потоа загинал во трета држава. И наместо тие херои со својата саможртва сите да нè прават горди, да нѐ обединуваат и да нè прават посилни, стануваат јаболко на раздорот“. 

Стануваат јаболко на раздорот, затоа што и самиот Борисов во оваа споредба однапред дефинира која земја треба да ја третираме како Гоцева „Аргентина“, а која како „Куба“. Во такви услови, тешко е да се води дијалог. Особено тешко ќе биде за комисијата, ако очекувањата се таа да ја изрече „пресудата“. Не, тоа не е нејзин мандат. 

Токму поради тоа, Делчев треба да биде третиран како наднационална личност. Не е работа на историската комисија да ја дефинира неговата националност, туку да се фокусира на неговото дело поради кое Делчев се слави во двете земји, меѓу двата народа. 

Не е работа на историската Комисија да ја дефинира неговата националност, туку да се фокусира на неговото дело, поради кое Делчев се слави во двете земји, меѓу двата народа

Дури и да го исклучиме Делчев од целава приказна, формирањето на македонската нација не е резултат на еден човек, на еден револуционер, комита, војвода или партизан. Ниту е резултат на декрет од Коминтерна по завршувањето на Втората светска војна, како што сметаат во Бугарија. Резултат е на борбата на генерации што се идентификувале како Македонци. 

Ниедна нација не настанала преку ноќ, па ни македонската. Нејзиниот нуклеус е изразен во втората половина на 19 век, со појава на силен македонизам, кој ги содржи сите елементи што го одразуваат назапирливиот процес за создавање еден посебен идентитет. 

И со Гоце, и без Гоце, денешната македонска држава е реалност, која Бугарија треба да ја прифати. И во однос на македонскиот јазик, неприфатливо е денешна европска Бугарија сѐ уште да ги одржува во живот позициите на Тодор Живков. Сличноста на двата јазика треба да биде потврда за блискоста, а не причина за подјармување на другиот јазик како нечија јазична норма. 

Така се гради пријателство. Така се уриваат стереотипите, така најбргу ќе се ослободи историјата од политички „зачини“. Решението е исклучиво во довербата. Таа треба да добие шанса и два пасоша.