Гордост

Колумна на Ирена Цветковиќ

Јуни е месец на гордоста на ЛГБТИ заедницата. Во јуни, веќе години наназад, во Македонија се одржува викендот на гордоста и Парадата на гордоста. Во овој месец, ЛГБТИ луѓето, нивните поддржувачи, семејства и пријатели имаат можност да искусат социјални и културни простори што ги валоризираат нивните животи и да споделуваат дел од јавната сфера со другите групи преку зајакнат медиумски интерес за заедницата.

Овој простор и време, за жал, исчезнува веќе во јули, но тоа можеби е уште една причина зошто јуни има толку важно значење за нас. Па, сепак, секоја година во јуни, луѓето од заедницата се принудени постојано да одговараат на прашањето- зошто сте воопшто горди?

Свесна сум дека тие што го поставуваат прашањето воопшто не бараат одговор. Прашањето е реторичко и има за цел задушување на ЛГБТИ гласовите и замаглување на ЛГБТИ телата, идентитетите и субјектите. Со други зборови, оваа реторичка јунска смотра не значи потрага по одговори и знаења, туку потрага по молк и мрак. Сепак, како и секоја година впрочем, јас ќе се обидам да им одговорам на прашањето.

Како е да се расте во затворено општество, кое генерира креирање негативна слика за себе, за својот идентитет, копнеж и желба може да разберат само ЛГБТИ лицата и оние со слични искуства. Срамот, особено оној хроничен срам кој ги маркира најзначајните развојни периоди на ЛГБТИ луѓето (адолесценција и младост) е парализирачка емоција, која значително го осиромашува личниот и социјалниот потенцијал на луѓето.

Слободно можете да се соберете на контрапарада в сабота на 25 јуни, но нели е подобро тој ден да го поминете на пикник со семејството наместо по улици, извикувајќи гадости за други луѓе?

Последното истражување на Димитров и Блажева за секојдневниот и емоционалниот живот на неправдата покажува дека кај геј-мажите, лезбијките и бисексуалците доминира чувството на тага, потоа фрустрација, лутина и немоќ, чувство на пониска вредност, беспомошност, срам, осаменост, обесправеност и затапеност. Искуствата на дискриминација им влијаат врз секојдневното функционирање – не можат да се концентрираат и да ги извршуваат секојдневните обврски, се чувствуваат безволно и не можат да почувствуваат задоволство.

Гордоста, која е носечка емоција во месец јуни, воопшто не претставува возгордевање или надмоќ. Токму напротив. Гордоста е афективен контрапункт на секојдневните и животоформирачки искуства на срам и себенеприфаќање (дури и себеомраза) на голем дел од оваа заедница. Со други зборови, гордоста претставува значајна трансгресија на доминантните емоции на срам и страв.

Гордоста може да функционира, не само како механизам за заштита (од секојдневните искуства на исмевање, навреди, дискриминација и насилство), туку и како алатка за симболично нивелирање на разликите. Иако сме свесни дека да се живее во ваков свет не носи многу причини за гордост, сепак превртувањето на реалноста барем во овој месец овозможува омоќување, кое дозволува да замислуваме и да претпоставуваме подобри времиња, а тоа води до ментално ослободување.

Свесни сме дека оваа стратегија има ограничен дострел бидејќи нема доволен капацитет да предизвика суштинска и материјална трансформација на општествата и системите, но, исто така, сме свесни дека ни е насушно потребна за да преживееме и издржиме.

Затоа, воопшто не ми се јасни иницијативите за задушување на криковите на ЛГБТИ заедницата, кои како непоканети придружни вокали се налепуваат на нашите гласови токму во јуни. Мислам дека треба да сте длабоко зол и пакосен човек за, со сите сили и ресурси, да се спротивставите на една заедница, која решила еден месец во годината да го посвети на себе, да искористи дел од јавниот простор и медиумското внимание на сметка на 11-месечен молк и незаинтересираност.

Два клучни наратива се протегаат в очи месецот на гордоста оваа година кај нас – оној на претставување на геј-мажите како носители на зарази и оној на претставување на ЛГБТИ заедницата како опасност за семејните вредности. Да одговорам на кратко само за почеток – ниедна од овие реторики не е точна.

Мајмунските сипаници е вирус што се пренесува доминантно по респираторен пат (преку дишење и зборување со исфрлање капки), понатаму поретко преку допир на пресечена кожа или најретко преку контакт со контаминирани предмети и облека. Со други зборови, мајмунските сипаници ги пренесуваат луѓето што дишат, зборуваат, пеат и допираат.

Нашиот типичен семеен човек се чини дека не може да преживее додека не убие, силува, одере, полие со катран или обеси барем неколку геј-луѓе. И сето тоа во име на семејството (!)

Па, сепак, пред некој ден, одредени групи почнаа петиција за забрана на Парадата на гордоста поради наводна грижа за здравјето на луѓето ширејќи манипулации дека вирусот го носат и шират само геј-мажи. Тоа би било точно само ако хетеросексуалците одеднаш престанале да дишат, а ние тоа сѐ уште не го знаеме.

Повиците за контрапарада за заштита на семејните вредности, исто така, претставуваат будалштина од епски размери. Во овие иницијативи, најсимптоматични се повиците за насилство. Нашиот типичен семеен човек се чини дека не може да преживее додека не убие, силува, одере, полие со катран или обеси барем неколку геј-луѓе. И сето тоа во име на семејството (!)

Зар ЛГБТИ луѓето немаат семејство? Зар нам не ни се важни семејните вредности, кои, пред сѐ, вклучуваат грижа, љубов и разбирање. Слободно можете да се соберете на контрапарада в сабота на 25 јуни, но нели е подобро тој ден да го поминете на пикник со семејството наместо по улици, извикувајќи гадости за други луѓе?

Овој текст е уште еден обид од моја страна трпеливо и со почит да одговарам на стравот и омразата на некои луѓе и групи. Верувам во разногласие како фундамент на демократските општества, но никогаш нема да поддржам омраза, навреди и манипулативни реторики спакувани како „слобода на различно мислење“.

Трпеливоста отсекогаш била карактеристика на ЛГБТИ движењето. Од првата парада на гордоста до денес се поминати 51 година. Половина век заедницата одговара на истите прашања и аргументира на истите неосновани обвинувања. Спремни сме и во следните 50 да продолжиме со истото.

Сепак, не заборавајте дека, и покрај сѐ, ние сме тука, дека фестивалот на квир култура и парадата ќе се одржат и годинава, како и годините што следат. Едноставно, не можете да задушите група луѓе што разбрала дека за својата слобода вреди да се бориш.