Градот убав пак ќе рикне

Не знам какво е вашето чувство, ама мене ми се чини дека годинава, Денот на ослободувањето на Скопје го одбележавме некако скудно, да не кажам прилично срамежливо. Како да ни е срам од слободарската традиција на нашиот главен град или како да се срамиме од тоа како сега изгледа тој.

Всушност, како да немаме што да славиме. На пример, на официјалниот сајт на Град Скопје не беше објавена програмата за обележување на празникот, туку прилично доцна се појавија информации за активностите на градоначалничката (средба со делегација од борците од НОБ, положување цвеќе на соодветните споменици и гробови, посета на изложбата посветена на Цветан Димов и информација за врачувањето на наградите „13 Ноември“), меѓутоа сите овие информации беа споделени дури откога се одржаа споменатите активности.

На градскиот портал, дури и имињата на лауреатите на највисоката градска награда беа објавени откога церемонијата на врачување беше завршена. Претходно, се разбира, не беше ниту објавено кога и каде ќе се одржи свеченото врачување. Само оние, најупорните трагачи низ глобалната мрежа, можеа да пронајдат фејсбук-страница за настанот, креирана од Културно-информативниот центар, на која беше наведено дека свеченото врачување ќе се одржи во Македонската опера и балет (а не во Националната опера и балет, како што е официјалното име на оваа институција), при што повторно не беше наведен списокот на лауреатите.

Јас разбирам (иако тешко) дека градот се изненадува од снегот секој јануари, дека малку посилен дожд предизвикува сериозни поплави, дека сообраќајот ни е целосно неуреден… Ама да те изненади 13 Ноември, тоа е навистина приказна за Гинис

За жал, доцна го видов овој податок, па не стасав да присуствувам на свеченото врачување, така што не знам кој им го врачи ова признание на годинашните добитници. И за овој податок нема никаква информација ниту на порталот, а богами ниту во медиумите, па не се знае дали тоа го направи градоначалничката Данела Арсовска или, како минатата година, успеа да ја ескивира оваа нејзина протоколарна задача.

На крајот на краиштата, на скопскиот портал немаше ни пригодна честитка со која градските „татковци“ и „мајки“ би им го честитале празникот на своите сограѓани.

Ете, јас разбирам (иако тешко) дека градот се изненадува од снегот секој јануари, дека малку посилен дожд предизвикува сериозни поплави, дека сообраќајот ни е целосно неуреден…

Ама да те изненади 13 Ноември, тоа е навистина приказна за Гинис.

Еве, еден практичен совет за луѓето што ја практицираат скопската власт: најголемиот скопски празник секогаш се паѓа на ист датум. Заокружете си го во календарчињата на скапите мобилни телефони.

Јас навистина не можам да се сетам кога последен пат не се појавил градоначалник или некој друг вршител на висока градска функција со интервју, изјава или што да е, при што онака пригодно ќе ги образложи насоките на развојот на градот „убав што пак ќе никне“. Напротив. Главните обраќања на градоначалничката („најуспешната менаџерка“) се однесуваат на тоа кои капитални проекти, почнати од претходната власт, сега се запрени.

Многумина ќе речат, а и јас сум склон кон таквото размислување, дека ваквата, најблаго речено, небрежност околу празникот е резултат на целосната нефункционалност, да не кажеме неспособност на градските властодршци да управуваат со најголемиот град во државата.

Иако и неодамнешните проблеми со штрајкот на возачите на Јавното сообраќајно претпријатие и сегашните со „Водовод и канализација“ се доволна причина да се подигне „црвениот аларм“, што би рекле овдешните метеоролози, сепак сеирот што го гледаме на седниците на Советот на Град Скопје укажува на тоа дека и толку што функционираме, супер функционираме.

Претпоставувам дека не е лесно да се управува во атмосфера на инает рамен на дечиња од пет години (да не споменувам потешки и понавредливи споредби). Во тој циркус можевме сешто да видиме за сите пари што се одвојуваат од нас. Видовме безбројни навреди, физички закани, повикување полиција во салата на Советот, викање…

Еве, еден практичен совет за луѓето што ја практицираат скопската власт: најголемиот скопски празник секогаш се паѓа на ист датум. Заокружете си го во скапите мобилни телефони

Како и дали може во таква ситуација да се очекува некој да мисли на слободарската историја на Скопје и навистина да направи една програма, колку-толку достојна за 21 век? Особено што овој судир во Градот, всушност, е внатрепартиски судир меѓу владејачката (во Градот) ВМРО-ДПМНЕ и нејзината, наводно независна, кандидатка, а сега градоначалничка Данела Арсовска. Како што е познато, оваа партија (без оглед кој е на која страна во нивниот интерен судир) баш и нема некои афинитети кон тековините на НОБ.

Додека ги пишувам овие редови, се сетив на еден текст на писателот и новинар Мухарем Баздуљ, напишан по една негова посета на Скопје. Во, инаку афирмативниот текст со наслов „Тежнеење кон постисториската безначајност“ („Ослобоѓење“, 22 септември 2020 година) констатира дека, за разлика од митовите во сите други држави, создадени по распадот на Југославија, во Македонија „на сила“ е постисториската безначајност, дека Македонците веќе се помириле со таа улога, а во Скопје тоа го знаат.

Баздуљ има прилично симпатии за „постисториската безначајност“, именувајќи ја дури и како „авангарда“ меѓу (западно)балканските држави. Иако јас сум склон да го исправам и да кажам дека настаните во Градот Скопје и односот кон скопскиот најголем празник докажуваат дека ние не сме „постисториски“, туку историски безначајни.

Лично не знам што за ваквата теза мислат градските „мајки“ и „татковци“, ама знам дека во голема мера придонесуваат, не само за историската ништовност, туку многу повеќе за ништовност на сето она што некогаш го нарекувавме „урбан живот“.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија