Влада која спроведува операции на следење од вакви размери го има изгубено кредибилитетот, го има изгубено своето право да владее.
Минатите седмици Македонија е бомбардирана од откритија за масовно прислушкување на граѓаните во период кој се протега низ неколку години. Операцијата на следење опфатила повеќе од 20.000 луѓе, вклучувајќи министри, судии, бизнисмени, новинари, дури и странски дипломати – во земја со два милиони население. Фактот што Владата изгледа ги следи своите министри многу зборува за природата на режимот кој владее со земјата.
Снимените разговори, со гласови кои едноставно се идентификуваат, даваат живи примери за наводната владина корупција во секој сектор и на секое ниво во Владата.
Премиерот Никола Груевски се обиде вината да ја префрли на странски разузнавачки служби – кои одбива да ги идентификува – и го обвини опозицискиот лидер Зоран Заев за подготовка на државен удар. Заев е обвинет за шпионажа и неговиот пасош е конфискуван.
Не е првпат шпиунажа да се користи од страна на Владата како инструмент за затворање на тие што не се сметаат за подобни. Се наметнува прашањето: Зошто премиерот е опседнат со странски служби, како да има шпиони на секој агол во Македонија, кога сè што може да понуди, со сомневање дека воопшто може да понуди, како стратешка вредност се преголеми статуи на Александар Велики.
Не треба многу фантазија да се посочи кон премиерот и кон шефот на државната безбедност Мијалков, како веројатен „ум“ кој стои зад масовното прислушување.
Темна фигура, која воедно е братучед на премиерот, Мијалков секогаш е до премиерот со моќ која ја надминува онаа на судството или Парламентот. На него се гледа како на алтер-его на премиерот, и главната моќ над владејачката партија – Внатрешната македонска револуционерна организација – Демократска партија за македонско национално единство (ВМРО-ДПМНЕ), на чие чело е Груевски.
Ова е Влада која, за време на деветте години на власт, ја засили својата репресивна контрола врз целата земја. Нејзината етно-националистичка популистичка политика, рефлексија на ерата на Милошевиќ, резултираше со повторна појава на силни тензии во земја која имаше крвав меѓуетнички конфликт во 2001.
Откога се возобнови мирот, по Охридскиот договор во август 2001, во годините што следеа започнаа реформи на линија со можноста за влегување во Европската унија. Меѓународната заедница ја поздрави Македонија како успешна приказна од аспект на мултиетничката соработка на Балканот, толку многу што ЕУ ѝ даде на Македонија кандидатски статус уште во 2005 година.
Сето тоа се смени со изборот на сегашниот премиер и неговата ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година. Оттогаш Македонија преминува од една во друга криза со периодични потпалувања на меѓуетничко насилство и растечка поларизација на општеството.
Предвремените параламентарни избори во јуни 2008 година покажаа насилни инциденти со една жртва и многу повредени. Во декември 2012 насилството еруптираше и во самиот Парламент со насилно исфрлање од салата на сите пратеници од опозицијата, заедно со присутните новинари. По последните парламентарни избори во 2014 годнина кои се карактеризираа со заплашувања и други сериозни нерегуларности кои ги истакна извештајот на ОБСЕ, опозицијата реши да го бојкотира Парламентот – бојкот што трае до ден-денес.
Премиерот не успеа да ја реши парламентарната криза и да врати барем привид на политички дијалог. Напротив, тој започна со немислордна кампања против сите кои отворено го критикуваа со многу затворања, често со измислени обвиненија, што се покажува и во објавените транскрипти од прислушувањето.
Владејачката партија не толерира никави спротивставувачки или малцински ставови и користи страв и заплашување во практицирањето на нивната репресивна власт над општеството.
Таму има најлоши медиумски слободи во балканскиот регион. Последниот извештај на Репортери без граници покажува дека Македонија е рангирана на 123 место, малку над Ангола, со пад од речиси 90 места од 2009 година, кога беше рангирана на 34 место.
Граѓанските организации кои ја застапуваат одбраната на човековите права и поголема толеранција во општеството, исто така беа цел на жестоки владини напади. Како тоа да не беше доволно, инциденти со говор на омраза, насилство и хомофобија се честа практика во популарните телевизиски шоуа кои периодично се наградени со присуството на премиерот, па дури и претседателот.
Владата во меѓувреме се труди да го изглади нивниот бизнис-имиџ со сјајни реклами на Си-ен-ен и фалби за висок рејтинг на „Дуинг бизнис“ индексот на Светската банка. Под оваа наметка на нормалност, сепак, лежи копруптивен систем на јавни тендери за договори.
Овој последен скандал ја покажува длабоко вкоренетата корупција и зла природа на режимот. Без разлика кој стои зад прислушувањето, транскриптите откриваат докази како владејачката партија го игнорира институционалниот процес и поделбата на моќта, оперира според свои правила и ги прекршува основните стандарди на демократијата, па и на пристојноста. Грубиот, па дури и непристоен јазик кој го употребуваат партиските фунционери во некои од емитуваните снимени разговори не би се сретнале ниту во банана-република.
Влада која спроведува шпионска операција од такви индустриски размери врз својот народ, дури врз членови на својата партија, покажува дека го има изгубено кредибилитетот, во суштина и легитимноста да остане како Влада на власт.
Дека еден човек и неговата партија можат да претворат успешна приказна во кошмар е сликата која ја покажува кршливоста на Македонија како функционална држава.
Вонредно важно време е за меѓународната заедница, особено за ЕУ, да обрне поголемо внимание кон тоа што се случува. Само повикувањето на функционирање на институциите како што се очекува од нив, очигледно не е доволно кога се соочувате со таков режим.
Таа треба да понуди поддршка за храбрите македонски граѓани кои ја продолжуваат битката за достоинство и човекови права, наспроти огромните малтретирања, уцени, па дури и затворања. Тие се единствената надеж за зачувување на душата на Македонија од понатамошна ерозија од дискредитираниот режим, кој своите тесни интереси ги стави пред интересите на земјата и нејзините граѓани.