Вести

СДСМ: Груевски и Јанакиески стојат зад уривањето на комплексот „Космос“

Заев ги најави и „бомбите“ кои ќе следуваат во наредниот период. Меѓу нив постојат снимки во кои се преговара промена на името, има и разговори кои се однесуваат на плановите при затворањето на А1 телевизија, а „врвот“, како што рече лидерот на СДСМ, ќе бидат изборните манипулации и злоупотреби во 2013 и во 2014 година.

Папките со аудио разговорите, кои според СДСМ, се водат меѓу Груевски и Јанакиески во врска со уривањето на „Космос“ | Фото: М. Јордановска

Папките со аудио разговорите, кои според СДСМ, се водат меѓу Груевски и Јанакиески во врска со уривањето на „Космос“ | Фото: М. Јордановска

Премиерот Никола Груевски стои зад уривањето на комплексот „Космос“, што беше во сопственост на Фијат Цаноски, поранешен пратеник и сват на поранешниот сопственик на А1 телевизија – Велија Рамковски.

Ова го соопшти лидерот на СДСМ, Зоран Заев, презентирајќи аудио снимки од петтата по ред „политичка бомба“. Објавените разговори за кроењето планови да се урне комплексот „Космос“, според Заев, се водат во 2011 година помеѓу премиерот Никола Груевски и министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, веднаш по завршувањето на изборите и два дена откако Агенцијата за електронски комуникации ѝ ја одзеде концесијата на А1 телевизија.

Заев ги најави и „бомбите“ кои ќе следуваат во наредниот период. Меѓу нив, како што рече, постојат снимки во кои се преговара за промена на името, има и разговори кои се однесуваат на плановите при затворањето на А1 телевизија, а „врвот“, како што рече лидерот на СДСМ, ќе бидат изборните манипулации и злоупотреби во 2013 и 2014 година.

Одговарајќи на новинарско прашање, Заев обелодени дека меѓу аудио разговорите што ги поседува има и шест прислушувани амбасадори во земјава и дека за тоа тие се веќе известени, но нивните разговори нема да бидат јавно објавени. СДСМ има сознанија дека, освен мобилните броеви, прислушувани биле и фиксните броеви како и е-комуникацијата.

Лидерот на СДСМ уште еднаш демантираше дека аудио снимките ги добил од „странски служби“.

Како се заговарало уривањето на Космос?

На 1 август 2011 година, медиумите објавија дека „под силно полициско обезбедување започна уривањето на комплексот ‘Космос’ на пратеникот Фијат Цаноски“.

„Не само што целосно ќе го урнат комплексот ‘Космос’, туку општина Гази Баба ќе ја стартува и хипотеката на инвеститорот Цаноски, поради неплатени рати за комуналии. Градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски, вели дека комплексот ќе биде целосно урнат, затоа што инвеститорот почнал да гради објект повисок за речиси метар и половина повеќе од предвидениот проект, изградил два столба повеќе и градбата не била навреме“, напиша Радио Слободна Европа во 2011 година.

Веста за уривањето на „Космос“ беше објавена на 1 август 2011 година, токму како што најавува Груевски во телефонскиот разговор што го презентираше Заев

Веста за уривањето на „Космос“ беше објавена на 1 август 2011 година, токму како што најавува Груевски во телефонскиот разговор што го презентираше Заев

Цаноски, тогашен пратеник од Партијата за европска иднина (ПЕИ), беше еден од финансиерите на А1 телевизија и главен соработник на сопственикот на медиумот, Велија Рамковски. Помладата ќерка на Рамковски е сопруга на синот на Цаноски.

„Космос“ започна да се гради во април 2011 година, а беше најавен како мини-град, составен од една голема и една помала зграда од 560 стана, за 4.000 жители.

Според снимките што ги презентираше Заев, зад уривањето на комплексот кој беше проценет на 30 милиони евра, стоеле Груевски и министерот Јанакиески.

Според Заев, деветте аудио снимки покажуваат како се кроеле плановите за да се урне инвестицијата на Цаноски | Фото: М. Јордановска

Според Заев, деветте аудио снимки покажуваат како се кроеле плановите за да се урне инвестицијата на Цаноски | Фото: М. Јордановска

Тој објави вкупно девет разговори кои наводно се воделе во тој период. Во првите неколку разговори, гласот за кој СДСМ тврди дека е на Груевски, неколку пати се премислува во однос на тоа како треба да се одвива уривањето. Во разговорите, премиерот не го спомнува името на Цаноски туку го нарекува со иницијали – Ф.Ц.

„Утре терај си си со тоа што беше за во петок у план“, наводно вели Груевски.

Веднаш потоа, следи нов разговор, во кој гласот за кој СДСМ тврди дека е на премиерот, се јавува со нова идеја.

„Миле, ми текна друга варијанта. Ние да го смениме таму ДУП-от?“

„ Ама зборевме за тоа одамна, ок.“

„Епа, што чекаме, ако е ок?“, наводно прашува премиерот и додава дека добро би било на тоа место да се направи „еден убав парк, со фонтани, со чуда“.

Потоа премиерот уште еднаш му се јавува на Јанакиески со идејата да се смени и Генералниот урбанистички план.

„Миле, ми текна, абе и ГУП да му смениме“, вели гласот за кој СДСМ тврди дека е на Груевски.

„ГУП-от сега“, прашува министерот.

„Да, парк, зеленило. Ај“, вели премиерот и додава дека на овој начин, дури и ДУП-от да остане ист, нема да може да му се издаде дозвола (н.з. на Фијат Цаноски).

На аудио снимките, гласот за кој СДСМ тврди дека е на Јанакиески, постојано одговара потврдно на прашањата на Груевски | Фото: Фејсбук страна на Јанакиески

На аудио снимките, гласот за кој СДСМ тврди дека е на Јанакиески, постојано одговара потврдно на прашањата на Груевски | Фото: Фејсбук страна на Јанакиески

Разговорот завршува со тоа дека треба да се сменат и генералниот и деталниот урбанистички план. Во еден од разговорите за кои Заев тврди дека се водат меѓу Груевски и Јанакиески, паѓа договорот „Космос“ да се урива на 1 август, како што, впрочем, и се случи. Ова Груевски го оправдува со тезата дека е „понеделник, фул сезона на годишни одмори“.

Уривањето почнува, а Груевски наводно се интересира до каде е работата и како се урива.

„Одозгора надолу“, одговара Јанакиески во разговорот.

„Аааа, значи ништо немаме. Одозгора надолу. Многу ситна штета е тоа“, констатира гласот за кој СДСМ вели дека е на Груевски.

Груевски: „Држи вода дека сме селективни“

Последниот, 9-ти по ред разговор презентиран на денешната прес-конференција, најмногу го привлече вниманието на јавноста. Во разговорот кој наводно повторно се води помеѓу Груевски и Јанакиески, премиерот му раскажува средба со тогашниот шеф на Европската унија во Македонија, Питер Соренсен.

Наводно, Соренсен на неофицијална средба го известил премиерот дека две работи најмногу ѝ пречат на ЕУ: спроведувањето на правото и медиумите.

„Држи вода дека сме селективни“, одговара гласот на снимката за кој СДСМ тврди дека е на премиерот Груевски

„Држи вода дека сме селективни“, одговара гласот на снимката за кој СДСМ тврди дека е на премиерот Груевски

„Во ред, ако го рушите Фијат, рушете ги и сите што се како Фијат или не рушете никој. Или законот да важи за сите или ако не го применувате на речиси сите, не го применувајте само на еден што ви е политички противник. Инаку вака, ќе ви остане лепешка дека само Фијат сте го срушиле затоа што политички е против вас и ја поддржува А1“, ја раскажува Груевски наводната средба со Соренсен и додава „И вака кога го кажува, држи вода да ти кажам“.

Со ова се согласува и Јанакиески, па така двајцата одлучуваат дека треба да се продолжи со уривање.

„Има еден објект, знам во Гостивар има претставки од граѓани, пуштивме кривична пријава, тој гради без одобрение“, вели гласот за кој СДСМ тврди дека е на Јанакиески.

„Епа, терај. Не чекај. Со динамит тоа, да не ја тупиме пак“, наводно вели Груевски.

Немаат докази дека прислушувале странски служби

„Ова е вистинското лице на Никола Груевски. Човек – нечовек“, изјави Заев по презентацијата на аудио снимките.

Тој вели дека ништо и никој нема да го спречи да ги објави доказите со кои располага партијата.

„Многу докази ќе потврдат недвосмислено кој го вршел прислушувањето. Има снимки кој тоа го правел во 2009, 2008, 2007 година. Се поставува прашањето како некој вработен во полицијата можел да слуша разговори кои се случувале пред 2-3 години“, изјави Заев во однос на судската пресуда против Ѕвонко Костовски кој за случајот „Пуч“ беше осуден на затворска казна од 3 години.

Во пресудата против Костовски донесена завчера стои дека тој почнал да прислушува од 2010 година па наваму

Во пресудата против Костовски донесена завчера стои дека тој почнал да прислушува од 2010 година па наваму

Според пресудата на Основниот суд, Костовски од 2010 година почнал неовластено да ја користи опремата за прислушување од Управата за безбедност и контраразузнавање со цел да ги дава снимките на странски служби.

„За 24 часа донесоа пресуда, правосилна. Во таа пресуда нема докази за странски служби“, рече Заев.