Празничните мегаинтервјуа на Груевски се доживувања слични на оние антиутописки филмови од пред половина век. Кога го велам ова, мислам на онаа привидна нормалност што ја добивате на почетокот од филмот која полека се урива како што филмот се движи кон крајот.
Сопругот оди на работа, жената го чека дома со ручек, куќата изгледа како дом, улиците и дрворедите се на место, има и тротоари, ама деталите се тие што навестуваат дека, сепак, нешто не е нормално во приказната што ја раскажува режисерот.
Булеварите се необично празни, куќата е лишена од човечки печат, сопругата зборува со дикција на робот, а подоцна се испоставува дека сопругот заработува палејќи книги, односно ја гори вистината меѓу страниците (Фаренхајт 541).
Така на прва, сѐ личи како на празнично интервју на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Има прашања, којзнае чии, има и одговори, се разбира дека се негови, па дури има и привид на динамика, односно нормалност во разговорот. Малку Груевски ќе го прекине новинарот на средина од прашање, за да се доискаже околу претходното, малку новинарот ќе го прекине Груевски, за да не залута со одговорот во наредните прашања. Имате и од оние еснафски трикови, односно прашања за опуштање на соговорникот. Каде за празниците? Како здравјето? Која книга ја читате?
Како што реков, сѐ до тука лични на нормално, само што остатокот на интервјуто е она што гори од по малку застрашувачки симболики и паралели.
Досадно е веќе да се подбиваме дека никој не ги потпишува овие мега-гига-интервјуа, дека најверојатно новинар и не го составувал четивото што „Република“ ни го продава како разговор, меѓутоа една работа боде очи од авион. Интервјуто е строго тематско за Сорос, дури така е и најавено во првиот дел, а во трите продолженија ниту „новинарот“ прашува дали Груевски обезбедил мнозинство во Парламентот и дали ќе состави влада, ниту, пак, тој се обидува да ја наметне темата.
Како воопшто да не е битно тоа прашање во моментов, иако течат роковите за составување влада. Од интервјуто се добива впечаток дека Груевски сега воопшто не размислува на мнозинството во Парламентот и на „Илинденска“ бр.2.
А кој му е планот, може само да гатаме врз основа на остатокот од интервјуто, да го толкуваме вака или онака верглањето дека тој не се борел со СДСМ и со критичката јавност, ами со многу помоќниот и побогатиот Џорџ Сорос.
Груевски не личи на мандатар што мирно чека повик од анекс-вилата на Водно и срдечно ракување со Ѓорге Иванов туку на моменти застрашувачки потсетува на оној Ердоган по ланскиот пуч.
Груевски не личи на мандатар што мирно чека повик од анекс-вилата на Водно и срдечно ракување со Ѓорге Иванов туку на моменти застрашувачки потсетува на оној Ердоган по ланскиот пуч. Експремиерот ги нема моќта и капацитетот да го спроведе прогонот што сѐ уште го тера Ердоган, не велам дека планот му е идентичен, кој може тоа да го знае, меѓутоа наративот, та дури и речникот му е ист со оној што го користи турскиот претседател против проповедникот во егзил, Фетула Ѓулен.
Овој цитат од мегаинтервјуто посветен на „Соросовата мрежа НВО-а“, Ердоган би го потпишал облечен во пижами со османлиски орнаменти и по влечки во два по полноќ, со едно полуотворено око, доколку, нормално, се однесува на ѓуленистите.
„Под своја контрола имаат ставено и голем број луѓе низ институциите на системот, административци на високи позиции, судии, обвинители, лекари, еколози и секаде каде што оцениле дека ќе им требаат за остварување на нивните цели. Значи, дејствуваат и внатре, со пари и со индоктринација, и надвор, со влијание кај најмоќни влади и политичари.“
Тешко дека Груевски од оваа позиција може да апси и да прогонува новинари, полицајци и НВО-активисти, како што тоа до ден-денеска го прави Ердоган, меѓутоа не може да ја исклучиме најжестоката медиумска хајка, проследена со некој обид од обвинение на Зврлевски и со уште неколку упади на УЈП.
Немаме луксуз да бидеме наивни дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги бира НВО-ата и активистите што се директно поврзани со Фондацијата Отворено општество – Македонија, тој кога вели десоросоизација, мисли на замолчување на сите организации и поединици што не му се по ќеф, без разлика дали имаат врска со организацијата на Сорос или не.
И можеби навистина Сашо Мијалков, Муса Џафери и уште некој од албанскиве лидери на пауза од скијање, со чаша коњак „Скендербег“ го наздравуваат дилот за парламентарно мнозинство, меѓутоа мегаинтервјуто во „Република“ покажува нешто сосема друго, дека Груевски се подготвува да прави политичка криза, а не влада.
Доколку Влатко Ѓорчев барем по грешка ја отворил Орвеловата „1984“, на која се повикуваше пред ДИК во контекст на наводната цензура на ад-хок телото, можеби и ќе сфатеше дека вмровскиот портрет на Џорџ Сорос е архетип на државен непријател, опишан во ликот на Емануел Голдштајн.
Голдштајн во „1984“ се појавува само на екраните, тој е таму некаде далеку, никој ниту го видел, ниту прозборел со него, ама важи за водач на тајното друштво кое работи против државата Океанија и е автор на забранетата идеологија. Токму во книгата провејува сомнежот дека Голдштајн и тајното братство воопшто постојат и оти државата ги измислила, за да ги оправда масовното следење и тоталитарноста.
Сорос служи и како оправдување за Пировата победа на ВМРО-ДПМНЕ, што веројатно е причина за постпразничната нервоза што зрачи од експремиерот.
Многу јасно дека Груевски со Сорос го одвлекува вниманието од клучните прашања во моментов, меѓутоа американскиот бизнисмен со унгарско потекло, замислете, не е Грк, служи и како оправдување за Пировата победа на ВМРО-ДПМНЕ, што веројатно е причина за постпразничната нервоза што зрачи од експремиерот.
Имено, на моменти во интервјуто заличува дека Груевски директно му се обраќа на Џорџ Сорос и тоа воопшто не е случајно. На експремиерот му е сосема јасно дека Сорос не ја чита веб-страницата на „Република“, замислете го и тоа, ама обраќајќи му се нему, го скока својот реален политички противник во Македонија, тој му е недостоен и во интервјуто ќе поентира со „Каков Заев, какви бакрачи…“ и ќе стави три точки на крајот од реченицата за да ја засили поентата.
Едноставно, на луѓето треба да им тури со инка во главата дека невозможно е сами СДСМ и критичката јавност да ги доведат ВМРО-ДПМНЕ во речиси губитничка позиција туку тоа мора да е некоја странска служба, ама нема да кажат која, со парите на Џорџ Сорос, ама нема да кажат зошто.
И оваа реторика, која во својата крајна цел ги спори изборите од морален и пред сѐ од легитимен аспект, замислете го и тоа, води кон заклучок дека легалните процедури не влегуваат во краткорочните планови на Груевски, односно дека сега тој повеќе размислува за криза, отколку за влада.