„Мавровско Езеро го запоседнаа странски хипици, панкери, јогисти…“ е само еден од насловите во овдешните медиуми за редовното годишно кампирање на европската подружница на „Семејството на виножитото“ (Rainbow Family Europe), кое годинава се одржува токму во нашата земја, односно во Маврово.
Rainbow Family е движење настанато во 1971 година во САД, како своевидна реакција на тогаш веќе замрената хипи-култура. Првиот годишен собир (Rainbow Gathering) е организиран во Колорадо, САД, во 1972 година и оттогаш редовно се организира секоја година од 1 до 7 јули во некој од националните паркови во САД.
Европските собири (Europian Rainbow Ghathering) се организираат од 1983 година, кога е одржан првиот ваков собир во Швајцарија. На 25-годишнината, во 2007 година, собирот се одржува во Босна и Херцеговина, а следната година во Србија.
Хипи-движењето се раѓа и се развива во време на заострување на политичката ситуација во светот, трката во военото вооружување, закани со атомски бомби… Ви се чинат ли овие услови компаративни со денешните?
Минатата година, овој собир се одржа во Бугарија, каде што македонскиот огранок на Rainbow Family официјално упати покана годинашното собирање да се одржи кај нас. Поканата беше прифатена и беше решено собирот да почне на 17 јули годинава, точно во 20.33 часот, а да заврши на 16 август во 12.38 часот.
На овие собири, со посебна церемонија се слави појавата на полната месечина (годинава на 1 август во 20.33 часот) и појавата на новата (младата) месечина, која е предвидена токму за 16 август во 12.38. Кампот вообичаено се мести две недели пред појавата на полната месечина.
Светските собири на Rainbow Family досега се одржаа во Австралија, Нов Зеланд, Костарика, Зимбабве, Тајланд, Кина, Унгарија, Египет, Етиопија, Индонезија… Во 2021 година, Светскиот собир требаше да се одржи во Русија, но поради познатите причини беше решено домаќинството да го преземе Мексико. Минатата година, Светскиот собир се одржа во Турција.
Инаку, вакви собирања на ниво на држави се организираат низ целиот свет. Годинава се одржаа или ќе се одржат во Бразил, Индија, Тајван, Еквадор, Канада, Аргентина, Хондурас, Пакистан… Освен Европскиот собир во Маврово, годинава во Европа се одржуваат и „локални“ собири во Италија, Велика Британија, Турција, Полска, Белгија, Ирска, Австрија, Белорусија, Шведска, Австрија и во Молдавија.
Rainbow Family е неформално движење, без официјално членство, кое практично функционира само за време на собирите. На овие собири се избира таканаречен Совет за визија (Vision Council), кој решава каде ќе биде следниот собир. Учесниците на собирањата се обесхрабруваат со себе да носат алкохол, наркотични средства и електроника. Се препорачува секој да носи лажица, чаша и чинија. Нема лидерство и организација. Ако дојдете во кампот, тогаш сте дел од тоа.
Кампот функционира по принцип на комуна. Обврските околу одржувањето и готвењето се делат рамномерно, а храната се набавува со донации што секој учесник ги приложува за секој оброк.
Вредностите што ги споделува Движењето се базираат на некои, денес помалку или повеќе, општо прифатени вредности што ги промовираше хипи-културата. Тоа се првенствено либералните вредности, човековите права, враќањето кон природата, одржливото производство, органската храна, чувањето на природата и воопшто грижата за планетата Земја. Од хипи-идеологијата е преземена и извесна доза мистицизам, базиран на паганските обичаи, како начин на „враќање кон корените“. И тука сите сличности завршуваат.
Она по што се разликуваат следбениците на Rainbow Family од хипиците е во тоа што „виножитарите“ ги практикуваат овие вредности само во текот на еден месец во годината. А потоа се враќаат на своите конвенционални животи. Хипи-движењето, колку и да изгледаше неконвенционално, не беше ниту замислено, ниту практикувано како годишноодморско бегство од цивилизацијата, туку како начин на живот.
Хипи-комуните не беа кампови (само) за изведување пагански ритуали, туку организирани, самоодржливи заедници за живеење. Основниот темел на хипи-комуните, како, впрочем, и на целото движење е – слободата. На крајот на краиштата, токму слободата и ќе го задуши ова движење, претворајќи се во – анархија. Експериментот со комуните пропаѓа бидејќи поголемиот дел од нивните членови со време се откажуваат од ваквиот живот, не успевајќи да се одбранат од неолибералниот притисок и животот „од 9 до 5“.
Но, можеби не е доволно познато дека и денес постојат своевидни комуни и алтернативни облици на здружување и живеење. Речиси во секоја американска сојузна држава постои и опстојува по еден кварт или округ каде што живеат хипици, а вакви групи има на сите страни во светот. Веројатно најпозната е заедницата „Кристијанија“ во Данска, но хипи-заедници има и во Холандија, Австралија, Египет, Јужноафриканската Република…
Хипи-движењето се појавува како отпор на војните, консумеризмот, неправдите, дискриминациите од секаков вид… Тоа се залага за комплетна општествена политичка револуција, но првенствено за внатрешна револуција во секоја индивидуа поединечно.
Сексуалната револуција беше најоспоруваниот дел од хипи-идеологијата. Ослободувањето на сексот и сексуалноста како одговор на доминантниот пуританизам и како важен дел од сеопштата слобода во суштина беше политички став. Слоганот „Водете љубов, не војна“ не беше промискуитетен повик, туку решение за идеолошките и воените судири.
Хипи-движењето, иако функционираше неполна деценија (многу помалку од, на пример, постоењето на Rainbow Family), остави длабока трага во општествената мисла и не толку голема во општественото функционирање. Системот ја сфати опасноста од внесување на нормалноста и природноста во неговите граници. И жестоко реагираше. Го спротивстави национализмот наспроти интернационализмот, компетенцијата наспроти заедништвото, потрошувачката наспроти хедонизмот… Системот е власта и тука хипиците повеќе немаа шанси.
Се надевам дека „показната вежба“ со чистењето на отпадот и демонстрирање на можноста на живеење слободен живот можеби ќе фатат некој пелцер и во нашето природно и општествено опкружување
Хипи-движењето се раѓа и се развива во време на заострување на политичката ситуација во светот, ладната војна, трката во военото вооружување, закани со атомски бомби, Кубанската криза, војната во Виетнам… Ви се чинат ли овие услови компаративни со денешните?
Хипи-културата не е дрво без корен ни во Македонија. Жал ми е што немам никаква лична архива, а се испоставува дека и интернетот не ја чува архивата на весниците во кои работев, а мене сеќавањето сѐ повеќе ме издава. Помнам дека во тогашниот неделник „Глобус“ пишував за хипи-движењето во Македонија.
Соговорници ми беа сликарот Милош Коџоман и, ако се сеќавам добро, пејачката Зорица Попанкова, Љубиша Никодиновски Биш, претпоставувам и неговата сопруга Елена Никодиновска, а веројатно и уште некој. Тогаш разбрав дека и во Македонија имало хипи-комуна, некаде на Пчиња. Кратко функционирала, ама – функционирала. Тогаш „Глобус“ објави навистина раритетни фотографии од тоа време и од таа комуна.
Јас можам да замислам како членовите на Rainbow Family им изгледаат на локалното население. Можам да го замислам и инстинктивниот страв од нешто поинакво во традиционалната заедница, нешто што може да остави трајни последици врз нивните навики и нивното сфаќање на „нормалноста“. Но, се надевам дека „показната вежба“ со чистењето на отпадот и демонстрирање на можноста на живеење слободен живот можеби ќе фатат некој пелцер и во нашето природно и општествено опкружување.
Значи, да ја поправиме констатацијата од цитираниот наслов на почетокот на текстот. Не, не го запоседнаа Мавровско Езеро странски хипици, панкери, јогисти (што и да значи тоа), туку го ослободија. Засега само од сметот.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија