И ЕУ чека влез кај нас

  • 2
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Групирање поглавја во кластери, одредници за отворање на кластерите, воведување економски критериуми, воведување на јавната администрација во кластерот „Основи“… 

Многу новини стигнаа со предлогот на ЕК за новата методологија за пристапување во ЕУ, а анализата на тој усложнет политички и технички процес открива две нешта.

Прво, од реакции на граѓани во разни контактни емисии, станува јасно колку е блажено нашето незнаење: речиси половина од граѓаните мислат дека во март може да се зачлениме во ЕУ, а не дека битката е да добиеме одлука за почеток на преговори со Унијата. 

Второ, дури и тие што суверено ги владеат сите лавиринти и процедури на овој процес, како да го забораваат клучниот факт: дека најважното не произлегува од она што е напишано, туку од она што не е напишано во методологијата. А тоа е оценката колку ние реално ги рефлектираме европскиот дух и стандарди! 

Овој „критериум“ го нема во методологијата. Тоа се подразбира. Или го имаш, или го немаш. Европскиот дух не се мери само според квантумот на национални закони, кои се синхронизирани со европското законодавство. Да зависеше тој процес само од штанцање закони, досега не ќе останеше земја надвор од рамките на Унијата.

Ние немаме никаква обврска да бидеме Европејци, ако не ги сакаме вредностите на ЕУ, или ако сметаме дека не ни се иманентни

Може да тврдиме, на пример, дека сме ги донеле сите реформски закони во сферата животна средина, ама тешко дека ќе го убедиме Брисел во нашите европски стандарди, со снимки од погон во кој кучиња се хранат со крв и остатоци од опасен медицински отпад.  

Далеку од тоа дека и Унијата е безгрешна во своите оценки. Досега низ филтерот пропуштила многу земји кои членството го доживуваа како лента за овенчување на провинциска мисица. Дали и ние сакаме да бидеме сличен пример, или ќе покажеме дека го разбираме предизвикот во целата негова комплексност?  

Прво, она што треба да го сфатиме е дека Унијата е многу повеќе од строго семејство што ни диктира услови, ни бара регулативи и ни испорачува директиви. Ако сметаме дека сме вистински Европејци, како израз на наднационален спектар од демократски и културни вредности, треба нив да ги споделуваме во заедничкото семејство во една супстанцијална смисла – цивилизациска, еманципаторска, културна и образовна.

Само во таков случај, посочените критериуми ќе бидат наша предност и реална суштина, а не обврска. Ние немаме никаква обврска да бидеме Европејци, ако не ги сакаме вредностите на ЕУ, или ако сметаме дека не ни се иманентни. 

Па, дали сме Европејци во посочената смисла? Не сме. Според начинот на кој се однесуваме, според начинот на кој се навредувме, омаловажуваме и комуницираме во јавниот дискурс, покажуваме дека нашата состојба на духот е заглавена во некоја примордијална фаза, каде што инстиктите за политичко преживување на елитите го диктираат темпото на живот во целиот негов тоталитет. 

Политиката ги јаде и ги узурпира сите сфери, во кои би требало да пулсира тој европски дух, не како наметнат и супериорен, туку како природен на нашето битие, хрането со сите пластови на наследена и жива македонска култура на европско тло, а која во вакви, од политиката узурпирани (не)времиња, е прогонета во подрумите на националниот трезор на вредности. 

Таа наша состојба на духот произведува кавги, неодговорност, јавашлак и поведение, со чие премолчување и неосудување им правиме лоша услуга на нашите деца. На микроплан, демек, се правиме во име на иднината и младите генерации, а всушност постојано им ја убиваме надежта дека сме посветени на таа цел. И потоа сме фрапирани и незадоволни од нивното поведение.

Па, од кого ги учат децата моделите на однесување? Од улицата, од политички и гладијаторски борби, од обложувалници, од продавачи на „бело“, од јавни соби…

За сето тоа време родителите дремат на Фејсбук и држат лекции што треба да се прави во државата. Сите се судии, обвинители, експерти и сите знаат сѐ, само не знаат каде им се децата во моментот.  

Политичарите до детаљ знаат како треба да биде утре, но не знаат зошто тоа не се почнало да се спроведува од завчера, ни од вчера, ниту од денес. Три децении поминавме во исти дискусии, на исти теми, со исти партии и исти пресметки.

Ме потсетува сето ова на случајот со јапонскиот војник Шјоичи Јокои, кој до 1972 година цели 28 години остана во џунгла на пацифичкиот остров Гуам, мислејќи дека сѐ уште трае Втората светска војна. 

Уште колку години ние ќе се занимаваме со истата мантра „ЕУ“, за еден ден да се разбудиме и да прашаме – зар уште чекаме пред портите? 

Уште колку години ние ќе се занимаваме со истата мантра „ЕУ“, за еден ден да се разбудиме и да прашаме – зар уште чекаме пред портите? А веќе поминавме 29 години во џунглата на тој асфалт, во динамична хибернација кон ЕУ и со крупни чекори – наназад.

Денес, кога некои перспективи стануваат поизвесни, во истиот манир повторно „брзаме полека“. И понатаму како да не ни е јасно дека промените лежат во нас. Оксиморонска е таа позиција кога реформи има, а промени нема.

Кога амбасадорот Жбогар вели дека е потребно да демонстрираме промена во начинот на размислување, го потенцира токму тоа – потребна е повеќе чесност и искреност на патот по кој се движиме: навистина да го реформираме општеството, а не само да усвојуваме закони.

И да не заборавиме: Европа не е само континент, политичка унија, монетарна зона или извор на средства од фондови за земјите аспиранти. ЕУ означува и состојба на духот, ниво на достигнувања, и заеднички вредности.  

Затоа, на прашањето кога ќе почнеме преговори со ЕУ, одговорот лежи во нас: тогаш кога ние на Европа ќе ѝ дадеме „влез“ во нашето секојдневно живеење.