Идеологијата на вакцината

Секој оној што имал барем малку трпение да ги слуша преданијата на оние што служеа војска во ЈНА го знае митот за таканаречените „коњски вакцини“. Имено, секој регрут на почетокот на служењето на воениот рок примаше некаква инјекција, која (според важечката митологија), не само што создаваше имунитет од сите можни бактерии и вируси, туку штитеше и од сите други болештини: од настинка до бронхопневмонија.

Ја отворам оваа тема со мојот пријател, инаку антиваксер и мој генерациски исписник. Друго е тоа, ми вели. Тоа биле вакцини по ЈУС (демек југословенските стандарди во медицината биле над светските). Не помага тука ни спомнувањето дека денешните вакцини се по американски и германски стандарди. Напротив. Токму тој факт, според мојот пријател, е клучен во неговото негирање на медицинските достигнувања. Ми објаснува дека актуелните вакцини се направени да дејствуваат врз стерилитетот на луѓето и така да направат „депопулација“ во светот. Добро, зошто тогаш првин им се даваат на луѓето од 80+ години? Нема белки врз нив да го проверуваат ефектот врз стерилноста и нив први да ги „депопуларизираат“?

Прашањето на вакцината, за жал, не е повеќе научно или медицинско прашање, туку е идеолошко. Не морате да ги прашувате луѓето за нивната политичка определба. Прашајте ги дали се за американската или руската вакцина

Другар ми не се предава. Сето тоа е еден мудар план на нивото на Итар Пејо само за да се прелажат луѓе од мојот ков. Ама, ете, тој нема да се излаже. Нема да го прелаже ни фактот дека први се вакцинираат најбогатите земји, а за нас, луѓето од карантинот на бедата, што ќе преостане. Го потсетувам на уште еден мит од војникувањето во ЈНА (кој, додуша, многу поретко се споменува во војничките приказни): демек, секој ден во храната ни ставале бром за да го изгубиме сексуалниот нагон и со време да станеме импотентни. Зарем тој бром не беше по ЈУС? Да, кога веќе би се вакцинирал, мојот пријател побргу би примил руска отколку американска вакцина. Таа била правена на класичен начин, а американската ја репрограмирала човековата ДНК.

Овој разговор, всушност, е повод и вовед во клучното прашање на актуелниот миг: како е можно во овој век, кога знаењето е подостапно од кога било, луѓето да зборуваат за опасноста од вакцинирање, за смртоносните зраци на 5Г технологијата, за алуминиумот што го испуштаат авионите, за непостоењето на глобалното затоплување…? И толку векови по Колумбо постојат луѓе што се сомневаат во тоа дека земјата е тркалезна – нешто во што не се сомневаа дури ни во средниот век.

Примамливиот одговор би бил – незнаење и лошо образование. Лошиот образовен систем ги направил луѓето научно неписмени и склони кон теориите на заговор. Значи, сѐ што ни треба е подобар образовен систем.

Не дека образованието е нешто квалитетно, ама мислите ли дека луѓето што не сакаат да се вакцинираат, или оние што сакаат да се вакцинираат со американски вакцини, или оние што исклучиво преферираат руски вакцини имаат некакви различни информации и релевантни сознанија за ова прашање? Дури има лекари што се противат на вакцинирањето. Мислите ли дека тоа го прават затоа што преспале некои часови на медицинскиот факултет?

„Секогаш кога некој за вакцината ќе каже дека е руска, британска или кинеска, милијарда корона-вируси се задушуваат од смеење“

Когнитивниот психолог Стивен Пинкер вели дека верувањето или неверувањето во еволуцијата, на пример, не е врзано со нечија научна писменост или со квалитетот на образованието. Не, во прашање е само израз на политичката волја и политичката лојалност кон одредена либерална и секуларна култура или кон спротивната – конзервативна и клерикална култура.

Се разбира, не сите научни факти го носат овој идеолошки багаж. Електроните се дел од атомите, антибиотиците ги убиваат бактериите. Треска се влева во Вардар, телата паѓаат поради силата на гравитацијата итн.

Меѓутоа, денешните прашања со кои би требало да се занимава науката, ја немаат таа среќа да бидат идеолошки неутрални. Пинкер вели дека кога станува збор за еволуцијата, тука секако е вплеткана религијата. Околу глобалното затоплување и науката за климата се вплеткуваат капитализмот и неолиберализмот. Во спротивставувањето на научната медицина станува збор за идеологија и парарелигиско противење на идејата за човековото тело како машина, како и политичко и популистичко „направи сам“ спротивставување на таканаречените експерти и на естабилишментот во бели мантили.

Во таа грмушка лежи и нашата поделба околу вакцинирањето. Во секој случај, и тоа е некое повисоко ниво од поделбите околу тоа дали постои вирусот или не постои, дали е „природен“ или е „вештачки“ и дали се шири преку 5Г мрежата или со авионско прскање. И не помагаат тука никакви научни или рационални објаснувања. Сите сме ние поделени во некакви политички табори и идеолошки племиња. Нешто слично како што се поделија левицата и десницата во 1789 година со нивниот распоред на седење во францускиот парламент.

Иако политичкиот компас е денес многу посложен и не е биполарен и дихотомен, луѓето се делат на либерали и конзервативци (според американската терминологија) и се закопуваат во своите ровови, идеолошки лојално бранејќи ги ставовите, без при тоа да се повикуваат на факти или на некое придружно знаење.

Прашањето на вакцината, за жал, не е повеќе научно или медицинско прашање, туку е идеолошко. Не морате да ги прашувате луѓето за нивната политичка определба. Прашајте ги дали се за американската или руската вакцина. И токму затоа ни бега од видот дека засега 51 процент од сите најавени вакцини веќе се резервирани од најбогатите земји (отприлика 15 проценти од светското население), додека остатокот е за остатокот на светот – па кој како стаса. Без оглед дали станува збор за „вакцината на Путин“ или „вакцината на Бил Гејтс“. И затоа на крајот можеби е упатно да се цитира еден актуелен твит: „Секогаш кога некој за вакцината ќе каже дека е руска, британска или кинеска, милијарда корона-вируси се задушуваат од смеење“.