Итар Пејо од собраниските клупи

Минатата недела, компанијата „Епл“ го промовираше својот „ајфон 12“, а ние го прославивме милениумскиот јубилеј на манастирот „Свети Јован Бигорски“. И тоа онака како што доликува, како пред илјада години. Со по некоја маска и со сите традиционални марифети плус, како што известуваат медиумите, со пристојна милениумска софра.

Додека „Епл“ го покажуваше своето ново чудо, овдешната јавност се сеиреше на масовните свадби и на „итрината“ на овдешните „мудреци“, кои се досетија своите веселби да ги организираат надвор од земјата. На крајот на краиштата, што знае „Епл“? Па, не му е за бадијала симболот во форма на гризнато јаболко.

Нашата итарпејовштина не дозволува да се задоволиме со гризнати јаболка. Нашите јаболка се многу поквалитетни. Тие се јаболка на мудроста. Плус се непробани. И непрскани. Стопроцентно еколошки, во рамките на најдобрата овдешна милениумска традиција.

И потоа некој ќе се чуди зошто главната тема на нашиот законодавен дом е дали Собранието може или не може да работи онлајн! Па, кај се чуло и видело, Итар Пејо да работи онлајн?

Според опозицијата, главната причина зошто се инсистира на онлајн-работење на Собранието е наводниот страв дека владејачките партии не можат да соберат кворум за одржување на седниците, па, демек, преку работата од далечина власта ќе фингира лажен кворум. А во Собранието не може да направи кворум затоа што опозицијата одбива да влезе во собраниската сала. А опозицијата одбива да влезе во собраниската сала за да нема кворум.

Замислете живот без патни трошоци. И тоа не какви било патни трошоци, туку собраниски, пратенички… Изгласани со комплетен кворум и со консензус. Замислете живот без одвоен живот и без службени станови.Па, каков е тој живот

Јас сосема ги разбирам пратениците што се противат на работа од далечина. И од далечина, тоа е, сепак, работа. Конечно и самиот работам од далечина. И тоа со години. Прво, Собранието не работеше речиси цела година, па сега е малку тешко да се влезе во соодветен ритам за истата плата како кога не работиш ништо.

Натаму, во домашни услови го нема собраниското бифе со ексклузивно евтините цени, туку пратениците, замислете, ќе мора самите да си варат кафе. И тоа нивно, приватно, купено во „Кам“ маркет. Па, нема блефирање со електронските картички и наводното присуство на седниците. Нема кулоарски озборувања и вршења приватни работи во работно време.

Замислете живот без патни трошоци. И тоа не какви било патни трошоци, туку собраниски, пратенички… Изгласани со комплетен кворум и со консензус. Замислете живот без одвоен живот и без службени станови. Па, каков е тој живот, ако мораш цело време да бидеш меѓу тие што те гласале. Белки, не си се борел за партиско место на пратеничката листа за да ги слушаш тие што гласале за тебе.

Со еден збор нема демократија! Во Долниот дом на ирскиот парламент, на пример, неопходно е присуство на десет проценти од пратениците за да можат да се носат правосилни одлуки. Инаку, нивниот Долен дом брои 166 пратеници. Во Португалија е неопходно на седница да присуствуваат само 46 пратеници, односно 20 проценти од вкупниот број од 230 пратеници.

Ама, што знаат тие што е демократија! Еве, ако се носи некаков пропис за водостопанство, на пример, па како ќе решаваат само 20 проценти од пратениците, кога се сите стручни за сите прашања. Иако, ако ги анкетирате, осум од десет пратеници нема ни да знаат да го кажат точниот назив на документот што е на дневен ред.

Ете, разбрав и дека невлегувањето на пратениците на собраниска седница било демократско право и демократска алатка. Тоа, де факто, е точно, особено ако ни е познато првото правило на македонската демократија, кое гласи: „Ми се може, бе“. И навистина им се може.

Своевремено еден министер за социјала и труд рече дека нема потреба од посебна законска заштита на работниците и нивните права, бидејќи „не се тие бели мечки, па да ги штитиме со закон“. Пратениците уживаат имунитет, па затоа не се подложни на санкции. А дури и да може да им се одземе имунитетот (а за неработење очигледно не може), пак ќе се најде некој итарпејовски трик за да се спасат, како што тоа и досега се правеше, и тоа не за неработење, туку за сериозно работење. Додуша, сериозно штетно работење од кое произлегоа сериозно штетни последици.

Невлегувањето на пратениците на собраниска седница било демократско право и демократска алатка. Тоа, де факто, е точно, особено ако ни е познато првото правило на македонската демократија, кое гласи: „Ми се може, бе“. И навистина им се може

За волја на вистината, ако пратениците имаат (демократско) право да не работат „во живо“, тогаш секако имаат право да не работат и „на далечина“. И лесно е сега да се релативизираат работите и да се каже нешто во стилот „каков народ – такви пратеници“, или „сами си ги гласавме“, или „не чинат пратениците“, но суштината е дека имаме систем со грешка во темелите.

Поточно, имаме искривоколчен изборен систем, каде што пратениците не го признаваат судот на јавноста, туку само судот на партијата (читај: на лидерот). Овој тип (не)одговорност не создава пратеник со сопствена автономија, туку пратеник автономен од гласачкото тело.

И што му останува сега на гласачкото тело? Ако веќе немаме пари да го купиме оној „ајфон“ од најновата генерација, сепак постојат достапни паметни телефони на кои можеме да си инсталираме апликација на која онлајн ќе гледаме како прогресира епидемијата со ковид 19 и како Собранието се расправа дали да работи онлајн или не.

Се разбира, ако имаме среќа да не ја гледаме болеста во живо.