Избор и „избор“

Не сакаат вакцини, не сакаат маски, не сакаат дистанца. Може ли некој да објасни што сакаат во време на пандемија луѓето што протестираат? Зашто ако навистина се залагаат за „слобода и слободен избор“, таа заложба прво ќе ја докажеа меѓу себе. Ама тие и меѓу себе си го ограничија изборот кој да стигне до микрофонот. Истуркаа една жена, ја исвиркаа и ја навредуваа. Кога доби можност нешто да каже, се заложи за борба „против хаосот“.

Човек не знае дали да се смее или да плаче. Јасно е дека таа воопшто и не разбрала оти самата е во центарот на еден хаос, меѓу аморфна маса, која знае што не сака, ама не знае што сака.

Да се излезе на протест во ден кога има 19 починати и регистрирани нови 1.158 случаи (нерегистрирани којзнае колку), не е одраз на совест и свест, туку на комплетна дезориентација за состојбите во реалноста

 Ако се против какви било ограничувања, тогаш зошто досега не кажаа барем еден конкретен и ефикасен предлог како без мерки граѓаните да се заштитат од трансмисија на вирусот? Слушнавме „Никогаш Северна“, слушнавме „Долу тиранија“, ама не слушнавме ниеден предлог како да се заштитиме без мерки?

Не е доволно само да се повикува на слобода и слободен избор. Слободата и демократијата, пред сѐ, подразбираат одговорност и ред, а не анархија и хаос.

Што нудат овие луѓе? На јавна сцена гледаме една крајно неприфатлива показна вежба како најбрзо се шири инфекцијата: стуткани едни до други, сите врескаат еден на друг в лице, сите без маски, а донеле и малолетни деца…

Ако се за „избор“, зошто не избрале барем децата да си ги остават дома, наместо да им го ризикуваат здравјето внесувајќи ги во толпа? И зошто овие луѓе да ги сметаме за загрижени за колективното здравје, слободите и изборот, ако не се загрижени ни за здравјето на сопствените деца? А не се загрижени затоа што и натаму пропагираат дека вирусот не постои.

Тоа е нивниот прв избор. А каков е изборот на другите? Еве, нека ги прашаат лекарите како изгледа нивното „право на избор“. Откако вакви запалени глави ќе ги преполнат болниците, на лекарите им се најавува „правото“ да не го користат годишниот одмор, а тие што заминале да го прекинат и да се вратат на работа. Дали е тоа ОК, дали е слобода? Не.

Имаат ли лекарите слобода и право на избор да речат дека нема да хоспитализираат и лекуваат лица што не сакаат да се вакцинираат? Немаат. Затоа што нивната слобода и права не подразбираат волунтаризам и селективност, туку врвна одговорност кон секого во кое било време, а камоли во ек на пандемија. Нивната „неслобода“ во овој момент и контекст, за сите други значи слободен пристап до лекување и лекарски кадар.

Слободата сфатена како слободна волја подразбира сѐ што не им наштетува на другите. Во таа смисла, слободата подразбира да се прифатат и самоограничувања детерминирани од некоја нужност (на пример, мерки за време на пандемија), бидејќи во спротивно би се претворила во егоистично самоволие и груба негација на слободата на другиот.

Внатрешниот глас, кој е одраз на таа слобода, се нарекува совест. Да се излезе на протест во ден кога има 19 починати и регистрирани нови 1.158 случаи (нерегистрирани којзнае колку), не е одраз на совест и свест, туку на комплетна дезориентација за состојбите во реалноста.

Не гледаат ли учесниците во протестот што се случува во Скопје, Тетово, Гостивар? Не гледаат ли колку земји водат битка да стигнат до вакцини, додека овде се шират најгнасните лаги за процесот на имунизација.

Слушнавме „Никогаш Северна“, слушнавме „Долу тиранија“, ама не слушнавме ниеден предлог како да се заштитиме без мерки?

Овде никој никого со сила не го принудува на вакцинирање. Вакцината не е задолжителна. Но, таа е најкраткиот пат до личен и колективен имунитет, односно најбрз пат до секојдневие без ограничувања.

Тие што решиле да не примат вакцина, го направиле својот слободен избор. И бидејќи никој не живее под стаклено ѕвоно, туку во една поврзана заедница, се соочуваат со мерки што ги засегаат невакцинираните лица. Исто како што лекарите се соочуваат со ограничувачки мерки во право на одмор затоа што голем дел невакцинирани лица веќе ги преполнија болниците. Тоа е еден меѓузависен круг и во него сите се со детерминирани слободи заради нужност, а не заради нечиј хир или светски заговор.

Тажно е што заради неразбирање, гледање со затворени очи или свесно манипулирање од разни мотиви, изгубени се животи, доверба и надеж за здраво расудување во вакви времиња. Не зависи ни од Филипче, ни од владата, колку бргу ќе паднат синџирите на ограничувањата. Зависи исклучиво од нашата свест и совест.

Некои луѓе не сакаат или не можат да го разберат ова. Добро е што сè повеќе се вакцинираат, ама како да веруваш во здравствена еманципација кога мнозинството не го прават тоа за личното и здравјето на најблиските, туку заради влез во кафеана. Тоа е низок дострел на слободата пред високите порти на кафеаните, што најдобро ја прикажува сета анатомија на социјалната психологија.

Поминувам синоќа низ Дебар маало. Момче од втори кат му го фрла вакциналниот сертификат на другарот што сака да седне во кафуле. „Ќе ти го вратам за саат-два“, дофрла тој.

„Терај брат, не ми треба, го имам во телефон“, одговара другиот.

Некој на блиската клупа, молчешкум го следи дијалогот. Белки не е мрзлив инспектор, си велам. Не беше. Горан си седеше, во неговото омилено маало. Молчи тој, молчам јас. Сѐ што требало напишал, кажал.

„Ако јас сум ги отворил очите за да видам повеќе, а ти твоите си ги затворил, и јас ништо не гледам. Додека сите заедно не ги отвориме очите, никој ништо нема да види и никому нема му се признае дека гледа“.

(Гаврил, Лет во место“)