Како да им објаснам на децата дека одредени теми, кои во нашето општество се доживуваат како „морални прашања“, воопшто не се однесуваат на моралот и во својата срж се неетички?
Дека, додека колективно сме втурнати во разбеснети дебати за тоа кој кого треба да сака или кои книги треба да ги чита и низ кои идеолошки наративи треба да се воспитува, има проблеми како корпуција и сиромаштија, кои ја обликуваат иднината на овие деца многу позначајно и подиректно отколку која било дискусија за родот, еднаквоста или инклузијата.
Како да им кажеме дека додека сме зафатени со водењето промашени јавни битки, ние, исто така, и ги игнорираме оние работи што вистински ја еродираат нашата заедница.
Овој вид општествен пуританизам, кој ни кажува од што треба да се плашиме наместо што да поправаме, го исцрпува нашето внимание
Овој вид општествен пуританизам, кој ни кажува од што треба да се плашиме наместо што да поправаме, го исцрпува нашето внимание и не само што нè одвлекува од прашањата што влијаат врз сите нас, туку и нив ги нормализира и ги одржува како непроблематични.
Кога се насочуваме кон тоа кого да исклучиме наместо кому му е потребна заштита, тогаш ја губиме од вид нашата одговорност да се спротивставиме на корупцијата, непотизмот и експлоатацијата, односно токму кон прашањата и темите што треба да бидат срцевината на нашето колективно чувство на правда.
Како да им објаснам на децата дека во нашата земја, високите функции се резервирани за оние што развиле вештини за експлоатирање на послабите, односно истовремено за најнеспособните и најалчните конформисти и капиталисти? Живеам во земја во која економските политики ги кројат најсуровите газди, во која фундаментот на правосудството е изграден врз идејата за корупција и заштита на привилегираните, во која јавното образование го дефинираат оние чии деца се школуваат во приватни училишта.
Како родител, навистина ми е тешко да му објаснам на моето дете зошто треба да учи и да развива знаења што нема да му служат за ништо, освен да ги одржува оние горе на својата позиција. Во земја на разно-разни стопанственици, менаџери и останати „пробисветови“, ние треба да им го покажеме местото на нашите деца, особено кога токму тоа „место“ е поприлично депресивно.
Како да им објаснам на децата дека во нашата земја, образованието е место на озаконета дискриминација? Немам зборови и алатки како да го објаснам последниот гест на министерката за образование да избрише неколку заштитни основи од антидискриминациските клаузули во новиот Закон за основното образование.
Може ли некој од Министерството, или можеби самата министерка, да ми помогне да му објаснам на моето дете дека државата, одредени форми на дискриминација ги дозволува токму во контекст на децата и најмладите? Да им кажеме дека некои деца се поважни од другите, дека училиштата не се места на слога и другарство, туку на исклучување.
Како да им објаснам на децата дека во нашата земја, високите функции се резервирани за оние што развиле вештини за експлоатирање на послабите… ?
Како да им објаснам на децата дека треба да живеат во земја со загаден воздух и со распаднат здравствен систем? Се обидувам, но не можам да пронајдам начин како да им објаснам дека живеат во земја, во која животниот век е речиси 10 години пократок од европскиот просек.
Не наоѓам зборови и аргументи зошто кога баба или дедо ќе се разболат, мора да вртиме по телефони на пола држава за да ги примат нејзините најмили во болница.
Не успевам ни да ѝ помогнам да разбере зошто во зима носиме маски кога пандемијата е завршена. Децата се можеби наивни, ама нивните прашања се исклучително логични. Тие нè прашуваат зошто доколку воздухот е нечист, не се исчисти, ние им одговараме: е па не е тоа баш така лесно. Ама никој не рече дека ќе биде лесно. Е па, зошто тогаш не почнеме да решаваме проблем што е тежок?
Како да му објаснам на моето дете дека за тешките проблеми овде никој не е одговорен?
Јас знам на моето дете како да му објаснам зошто некои луѓе се сакаат, иако не се од спротивен пол, зошто некои жени не сакаат да имаат деца, а некои сакаат, зошто некои мажи посакуваат да го поделат родителското отсуство со своите жени. Лесно ми е и едноставно да објаснам работи што не се проблематични и нема да го шокираат и вознемират моето дете.
Ама како да им ги објасниме оние другите? Е тоа не знам и не сакам да знам. Одбивам да ги разберам овие работи и затоа тешко ги објаснувам. Ако ги разберам, тогаш сум ги прифатила и сум ги нормализирала и својата улога на возрасен или родител опасно сум ја изневерила.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија