Како го отуѓивме Гоце Делчев

Не се сеќавам кога последен пат сум бил на гробот на Гоце Делчев. Имам отидено неколку пати да однесам некои гости од странство, првенствено да го видат иконостасот во „Свети Спас“, но и да им се поклониме на моштите на Делчев, ама повеќето обиди завршувале пред заклучените порти на црквата, така што и оваа етапа отпадна од мојата „туристичка тура“.

Ова не значи дека не го почитувам ликот и делото на Гоце Делчев. Напротив. Едноставно, не сакам да одам по гробови, особено не на родендени, годишнини, датуми на умирање, задушници… Во такви прилики не одам ни на гробовите на моите блиски и драги луѓе. Целата таа парада некако ми делува лицемерно и непримерно. Демек, еве прилика да се сетиме на некого, како божем да сме му го помнеле роденденот додека бил жив, па и сега го обележуваме тој ден.

Сепак помнам една моја посета на гробот на Делчев токму на 4 февруари. Беше тоа уште во времето на едноумието, а јас бев таму службено, како новинар на „Нова Македонија“. Снегот беше напаѓан до колена, а температурата под нулата. Студот ми ги растури коските и буквално во себе ги убив од пцуење и професијата, и весникот, и револуцијата, а не го поштедив богами и Гоце. Можеше, бре, да се роди во некои попријатни временски услови.

Гоце е наш! Не, господо, ако на овој начин му ги чествувате родендените, тогаш Гоце дефинитивно е туѓ. Или барем некој тука, меѓу нас, не е наш

Оваа посета ја помнам затоа што меѓу присутните здогледав еден мој пријател, кој тогаш работеше како полицаец во цивил. Му пријдов и му реков дека ако дошол да ме следи мене, тогаш ќе му ги олеснам маките на овој студ и ќе му кажам дека ќе бидам во блиската кафеана. И отидов во кафеаната, а набргу дојде и пријателот. И убаво се загреавме. И мислам дека после ова искуство сите натамошни чествувања на овој датум успешно ги избегнував.

На сето ова се сетив гледајќи ги колегите како мрзнат пред портите на „Свети Спас“, обидувајќи се само да ја вршат својата професија. Колку од нив, заедно со полицајците што ги чуваа во оградениот тор, би сакале во тој момент да бидат на топло, а не да известуваат од еден традиционален и прилично здодевен протокол? Ама, не, колегите беа на местото на настанот, уредно акредитирани и – оставени пред портата на „Свети Спас“!

Зошто?

Затоа што така решила Владата! Која Влада? Онаа чија уста е полна со флоскули за транспарентноста, слободите и правата? Таа, ли? Владата која ги решила сите работи што ѝ се во надлежност, па сега ѝ остана уште само да ги уредува медиумите? Таа ли? Владата која проценила дека станува збор за настан од висок ризик, па затоа новинарите не смеат да известуваат од него? За кого беше тоа настан од висок ризик? За новинарите? Или за челниците од власта? Па, сепак, челниците беа таму, ама новинарите не беа! Слушнала ли Владата дека има новинари и во Украина? На крајот на краиштата, и таа иста Влада своите информации ги добива со посредство на новинари и врз база на тие извештаи крои политики и носи одлуки.

За волја на вистината, во дворот на „Свети Спас“ била пуштена екипата на Македонската телевизија! Зошто? Од каде овој исклучок? Затоа што се финансира од буџетот, па Владата смета дека може да ѝ обезбеди привилегирана позиција во однос на останатите медиуми? Ја смета ли Владата Македонската телевизија за „своја“, а другите медиуми за „туѓи“?

Многу сум блиску до ставот на еден мој колега, кој преку својот Фејсбук налог ги повика новинарските здруженија да организираат бојкот на сите известувања од настани што ги организираат државните органи, сѐ додека не се лоцира одговорноста за овој преседан и не се поднесат соодветни оставки.

Јас уште би ги повикал истите тие новинарски здруженија да не останат на соопштенија, туку да ја тужат Владата за злоупотреба на службената должност, за спречување во извршување на работните задачи на службени лица, за оневозможување на благовремено информирање на граѓаните и за сето она што веќе ќе го пронајдат нивните правни тимови.

Ваков преседан, ваков однос кон новинарството како професија, кон новинарите како луѓе од крв и месо, никако не може да се појави во мојата меморија. А помнам долго. Веќе четири децении сум новинар. Вакво понижување на луѓето кои само го вадат својот леб не е својствено ниту во оние општества што ги препознаваме како најлоши авторитарни системи.

Јас знам дека постојат состаноци зад затворени врати, знам дека во некои случаи бројот на новинарите се ограничува, знам дека информациите можат да бидат проследени и преку други канали, ама… Господа, постојат правила на однесување. Не можете туку-така да ги оставите новинарите, да ги оставите луѓето да „висат“ пред некоја врата, само затоа што така ви се ќефнало.

Да бидам искрен, не ги знам сегашните законски и уставни одредби за вакви преседани, ама се сеќавам во тоа некое мое време, во тоа толку омразено едноумие, постоеше закон за јавно информирање со некои едвај дваесетина членови. Ние, студентите по новинарство, моравме да го знаеме на памет. Во тој закон пишуваше дека секој граѓанин има право да информира и да биде информиран. И никој никому не може да му го забрани тоа право.

Ваков преседан, ваков однос кон новинарството како професија, кон новинарите како луѓе од крв и месо, никако не може да се појави во мојата меморија

Велам, не знам што пишува денес во законските акти што го допираат информирањето, ама, од некој причини мислев дека тој постулат за правото на информирање е одамна цивилизациска придобивка и дека во таа смисла не мора ниту да биде нотиран во некои правни акти. И уште мислам дека станува збор за цивилизациска придобивка. Само што луѓето од актуелната ни Влада се изгледа прилично далеку од цивилизациските решенија.

Помнам дека од тоа мое известување од чествувањето на роденденот на Гоце Делчев, текстот беше однапред напишан, затоа што и тогаш, како и сега, стануваше збор за вообичаен протокол, со однапред добиена саатница и имиња на членовите на делегацијата. Текстот, се разбира, беше под ембарго за објавување, додека јас лично не се уверам дека работите се случиле онака како што било предвидено, односно додека не дадам дозвола текстот да биде пуштен во печат. Затоа и ја имав таа комоција со пријателот од полиција да се згреам во некоја од кафеаните во Старата чаршија. И затоа, во суштина, ми беше мачно да известувам од протоколарни настани, особено ако времето беше ладно.

Гоце е наш! Не, господа, ако на овој начин му ги чествувате родендените, тогаш Гоце дефинитивно е туѓ. Или барем некој тука, меѓу нас, не е наш.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија