Во налетот на свежа енергија и надеж по 11-годишното чмаење во Македонија, се будиме како општество со нови идеи и решенија за некои стари проблеми. Што е за поздравување како и секое ново будење на природата. „Пролет е, живи сме.“
Но, како и секое младо демократско општество, треба сѐ уште да научиме кои се параметрите за квалитетна дебата, за подоцна, да создадеме и квалитетна државна политика (policy, не politics).
Неодамна започнатата дебата за времетраењто на породилното отсуство во Македонија, иако благородна во иницијалната замисла, се движи по погрешни шини. Дискутирањето за должината на отсуството во месеци и недели е погрешно колку и дискутирањето за должината во центиметри за некои други теми.
Неодамна започнатата дебата за времетраењето на породилното отсуство во Македонија, иако благородна во иницијалната замисла, се движи по погрешни шини. Дискутирањето за должината на отсуството во месеци и недели е погрешно колку и дискутирањето за должината во центиметри за некои други теми
Во понатамошниот текст нема да ја именувам проблематикава како „породилно отсуство“ туку како „родителско отсуство“. Веројатно уште поисправно би било да се нарече „родителско/старателско отсуство“, оти би ги вклучило и родителите коишто стануваат родители по пат на посвојување или сурогат. Но, во интерес на ограничениот простор и внимание, во текстот ќе го именувам само како „родителско“.
Сметам дека, во овој момент на нашиот развој како општество, најважно е да инсистираме на развојот на улогата на вториот родител во споделувањето на обврските во иницијалниот период на пристигањето на новиот член на семејството. Ова значи, во најголемиот број случаи, дека е време да престанеме да ја врзуваме исклучиво мајката за грижата на новороденчето.
Законот за работни односи, во член 165 предвидува дека „работничката“ (потенцирам, членов се врзува исклучиво за женскиот родител) може да отсуствува 9 месеци вкупно (односно 15 месеци за повеќе од едно бебе), кои можат да започнат најмногу 45 дена пред датумот за раѓање, но мора да започнат 28 дена пред датумот за раѓање.
Членот 167 вели „Доколку отсуството од работа за родителство од членот 165 на овој Закон не го искористи работничката, правото на отсуство од работа за родителство го користи таткото или посвоителот на детето“. Проблем број 1.
Отсуството на таткото (вториот родител) не смее да биде условено со скратување на отсуството на мајката. Односно, грижата на едниот родител и зближувањето со детето не смее да биде по цена на зближувањето со другиот родител.
Проблем број 2 е и условувањето на мајката да го започне отсуството одреден број денови пред датумот за раѓање. Во безбедни и здрави бремености, доколку жената сака и може, мора да ѝ се остави избор да работи до денот кога таа се чуствува способна и желна. Ова, исто така, не смее да биде условено од страна на работодавачот со плата или кариерни напредувања, но овој дел не се уредува со тоа што на жената ѝ се наметнува отсуство од работа. Се уредува на тој начин што се уредуваат и соодветно се санкционираат работодавачите.
Комплексен проблем не се решава со „сипи-напиј се“ решенија, како што е зголемување на родителското отсуство на мајката од 9 на 12 или на 18 месеци
За да се понуди здрава и паметна политика на оваа тема, потребно е да се направи истражување на ситуацијата во Македонија, кое ќе ги оцени условите на работа и отсуство од работа на бремените жени и мајките, директната и индиректната дискриминација при вработувањето жени коишто немаат раѓано или планираат сѐ уште да раѓаат, условите на работа и отсуство од работа на татковците (или вториот родител), обемот на сивата економија во која жените кои планираат да раѓаат се вработени под помалку од оптимални услови или искористувајќи дупки во законот.
Потоа, би требало да се вклучат и позитивни примери од другите земји и заедно со заклучоците од горенаведеното истражување, да се направи анализа и да се понуди најоптималната политика за родителско отсуство.
Само како примери, мене најомилени модели ми се скандинавските и балтичките (нели). Како правило, Финска, Шведска и Данска нудат од 14 до 18 недели платено отсуство за мајките, за потоа, да се понудат различни пакети за двајцата родители коишто можат да се распределат како што секој пар смета дека е најдобро. Ова може да значи уште 32 недели, со различни проценти од платата (во Данска) до 50 недели со 80% од платата во Шведска. И во двата случаи, отсуството може да се подели како што сакаат двајцата родители. Сите три земји, нудат одредено родителско отсуство за вториот родител (таткото), во периодот веднаш по раѓањето (посвојувањето) коешто се движи од 2 до 12 недели.
Големава тема и проблематика можам да ја заклучам само на еден начин: Комплексен проблем не се решава со „сипи-напиј се“ решенија, како што е зголемување на родителското отсуство на мајката од 9 на 12 или 18 месеци. Потребно е да направиме реформа која ќе биде заснована на истражувања и факти, а ќе вклучува флексибилност и различни пакети (модели) за секој пар кој го планира своето семејство да може да го избере најдобриот и одреден период на алоцирано родителско отсуство за вториот родител. Финално, целата реформа мора да биде финансиски издржлива за држава како Македонија.
Добредојдовте во светот на политики.