Каква врска има тоа со нас?

Колумна на Ирена Цветковиќ

Тоа утро во домот се случи поплава. Нивото на водата полека, но упорно растеше, дрвениот паркет почна да омекнува, а ѕидовите да попуштаат. Највозрасните членови на семејството итно донесоа одлука заеднички да дискутираат дали изборот на цветен мебел-штоф за софата во дневната соба е најсоодветен. Децата и возрасните се дават и жолчно голтајќи малку вода- малку воздух, дискутираат за дизајнерските стилови.

Тоа е мојата земја, со какво и да е име, и гордо македонска, и уставно Северна. Тоа е мојот народ, со каков и да е епитет, и силно патриотски, и прагматично визионерски.

Што прави оваа наша мала и симпатична земја во средиштето на овие глобални олуи? Дискутира за Евровизија и за употребата на името во свечената заклетва на новата претседателка

Светот е комплициран и по малку заплашува. Ја истражуваме вселената, создаваме вештачка интелигенција, креираме музика, книжевност и визуелна уметност. Сепак, во моментов имаме најмалку две воени жаришта, Украина и Газа, кои носат ризик на глобален потрес. Мојата земја е мала, прилично неважна да менува траектории во глобалните динамики, но изложена на ризик од нивната суровост.

Што прави оваа наша мала и симпатична земја во средиштето на овие глобални олуи?

Дискутира за Евровизија и за употребата на името во свечената заклетва на новата претседателка. Со други зборови, возрасните од нашето проширено семејство, односно новинари, политичари и експерти, поплавата во домот ја доживуваат како забава на базен и се однесуваат согласно тие правила.

Мене веќе ми доаѓа да врескам – добро бе, дали сте сите вие нормални? Каква врска има тоа со нас? Како е возможно во земја, со една од највисоките стапки на корупција во правосудството, нашите правни експерти, седум дена без престан да толкуваат дали употребата на Северна е задолжителна, односно дали употребата на Македонија е легална? Па, каде живеете вие?

Сакав да кажам во луна-парк ли, ама ми текна дека и тоа го немаме, односно имаме еден небезбеден и нелегално поставен, за кого чекаме да се договорат кој е надлежен да го демонтира додека не ни умре некое дете на рингишпил.

Има ли еден од оние што имаат јавен глас, кој во средиштето на ова лудило ќе каже – извинете, ама јас одбивам да учествувам. Има ли еден репортер, кој ќе го спушти микрофонот, кога и едната и другата страна ни ги тупат мозоците со исправноста или неисправноста на овој чин од пола секунда? Има ли некој и во таа Европска Унија што ќе каже – „дајте бре доста ги малтретираме со глупости овие луѓе, нека им пројде спектаклов и да се вратиме на суштината“. Или можеби јас сум луда што сметам дека имаме проклето важна обврска да се оправиме и спремиме за можните ризици што доаѓаат?

Искрено, ги разбирам оние кои договорот од Преспа го доживуваат како лична загуба и болка. Во голем дел тоа се искрени луѓе. Наспроти проширеното мислење кај спротивниот табор, дека се тоа партиски ботови и платеници, јас тврдам дека овие луѓе длабоко, емоционално чувствуваат неправда, а со тоа и тага и лутина. И тоа е во ред. Можеби јас лично не чувствувам исто, но имам слични или исти чувства за други политички одлуки. Можам да ве разберам и сочувствувам со вас.

Во глобалните системи, загубата и болката многу често се политичка реалност на помалите и помалку моќните. Ќе мора да научите да се навикнувате на тоа и да барате други стратегии на отпор. Се надевам дека овој мал симболичен гест ви помогна барем малку. Сепак, името на државата останува такво какво што е.

Ние ќе останеме да живееме во систем, во кој правдата ја купува тој што има пари, во кој воздухот е отровен, во кој визијата на младите е бегство, во кој и возењето на рингишпил претставува смртна опасност

Можам да ги разберам и другите. И тие доживеаја политичка загуба на изборите. И за нив важи истото, никој и ништо не е вечно. Се надевам дека овој мал гест ќе ви помогне да ја разберете моќта на идеолошкото во политиката и ќе ве освести дека нема ништо ефективно во еден од најглупавите и најкукавички политички потези на задоволување на сите спротивставени страни. Ќе ви биде шлаканица дека не можете да бидете и социјалдемократи и алт рајтовци, и екологисти и загадувачи, и феминисти и шовинисти. Смалете доживљај, името на државата останува исто.

Не можам да ја разберам Европската Унија, а се обидувам. По сите прекршени ветувања, можете барем вие да се воздржите од коментари и да побарате резултати што ќе гарантираат демократија, безбедност и квалитетен живот за нашите луѓе.

Во целава бесполезна халабука, тажно е што поради симболични гестови расипуваме пријателство со сосед. Пријателство што можеше да ни биде и потпора и поддршка. Но, и тоа не е најважното за нас. Кога поплавата ќе нѐ исфрли на светлината на реалноста, ќе треба да се погледнеме в очи. И кога Сиљановска, па и Мицкоски, и кој било друг, во иднина ќе изговори Македонија, сетете се дека сонцето утре повторно ќе изгрее на исток и ќе зајде на запад.

Ние ќе останеме да живееме во систем, во кој правдата ја купува тој што има пари, во кој воздухот е отровен, во кој визијата на младите е бегство, во кој и возењето на рингишпил претставува смртна опасност. Кој ли ќе биде првиот што ќе каже ДОСТА БРЕ ВЕЌЕ, ТОА НЕМА НИКАКВА ВРСКА СО НАС!

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија