Деноноќието кога се дочекува Новата година е едно од најопасните, ако не и најопасно деноноќие во годината. Преломот на календарот, неговата замена на ѕидовите од нашите животи, е речиси непремостлив момент за сопствено преиспитување – за резимирање на она што сме го направиле минатата година и за носење тешки одлуки и поставување големи очекувања во годината што е пред нас.
Најчесто сфаќаме дека во годината што поминала и не сме успеале да комплетираме премногу од нашите планови од минатата година, дека самиот факт дека сме уште живи е веројатно најголемиот успех што сме го постигнале, дека стануваме сѐ подебели, а влакната на косата ни се сѐ побели, дека иднината ни е сѐ покуса, а минатото сѐ подолго…
Впрочем, она по малку инфантилно славење на фактот дека Земјата свртела уште еден круг околу сонцето, со оние смешни ступидни картонски капчиња на главите и со хартиените чинии во рацете, всушност повеќе е прослава на годината што поминала, отколку што е исчекување на некои подобри времиња. Конечно, искуството нѐ учи дека сите досегашни години некогаш биле нови. И секогаш сме имале големи очекувања и желби. И соодветни разочарувања.
Добро, 2017 година на извесен начин може да се оквалификува како најуспешна година. Од 2016 до сега! Успешна, затоа што некако успеавме да ја доползиме до крајот. А богами не беше лесно. За малку ќе беше прекината пред време. Особено на 27 април. Не можеме да се ослободиме од впечатокот дека дури и Претседателот на Републиката и врховен командант како да сакаше да ја прекине пред време. Првин со недавањето мандат за формирање нова Влада, а потоа и со одбраната на протестите, кои, ете, за малку од протест ќе еволуираа во пропаст.
Добро, 2017 година на извесен начин може да се оквалификува како најуспешна година. Од 2016 до сега! Успешна, затоа што некако успеавме да ја доползиме до крајот. А богами не беше лесно. За малку ќе беше прекината пред време. Особено на 27 април
Со еден збор, Македонија на почетокот на 2018 година некако наликува на валкана женска соблекувална, онаа со излитен црвен кадифен теписон, кој покажува дека просторијата некогаш имала и подобри денови и години. Под замастеното огледало е шише со недопиена и скиселена „фанта“ и фрлен истрошен кармин, а пред него е исцрпена госпоѓа која со сите сили се обидува да си ги поправи шминката и фризурата, очекувајќи дека имиџот ќе ги издржи сите ветришта, снегови, дождови и суши во годината што е пред нас. Се чини дека е време конечно да се исчисти оваа валкана гардероба, а дури потоа да се поведе сметка за шминката што ќе ја нанесеме на нашите изнемоштени лица.
Затоа и желбите ни се такви, какви што се: љубов, мир, здравје, човекови права и сјајни дијаманти. Или барем да ја преживееме и оваа година.
Затоа што кој ја преживее 2018 година, тој ќе раскажува. И тоа во буквална смисла на зборот. Ако според почетокот годината се познава, тогаш и оваа ќе биде екстремно загадена и по малку тажна. Дури и статистиките говорат дека сме ја дочекале со многу помалку пијанства и пиротехнички средства од вообичаеното. Некако како баш и да не се надеваме премногу од неа и од нејзината дарежливост.
И покрај сите заложби на разни масони, ватикани, сороси, рокфелери и останати архетипски непријатели на светата македонска раса, која уште ѕирка од својата тераса, ете некако успеавме да дојдеме до тука до каде што сме дојдени
А, всушност, воопшто не е така. Затоа што, да го парафразираме големиот Влада Булатовиќ Виб, во Македонија некои години биле сушни, други дождливи, а некои и снежни, ама сите биле историски. Овојпат, во 2018 година навистина ни се насмевнува историјата. Не онаа античката туку оваа реалната. На кој начин ќе влеземе во неа и какво место ќе зафатиме, зависи само од нас.
На крајот на краиштата, и покрај сите заложби на разни масони, ватикани, сороси, рокфелери и останати архетипски непријатели на светата македонска раса, која уште ѕирка од својата тераса, ете некако успеавме да дојдеме до тука до каде што сме дојдени. Круцијалниот чекор може да биде фелеричен, а може да биде и рокфелеричен, само уште да дорешиме некои кадровски прашања.
Велам, новогодишната ноќ е една од најопасните, ако не и најопасна ноќ во годината. Тогаш се носат клучни решенија, заклетви, резолуции за она што нѐ очекува. А притоа, никој не работи ништо. И алкохол се точи на хектолитри. Свеста е малку поматена. И сето тоа е проследено со изнудена радост за она што сме го поминале и за она што нѐ очекува. Опасна е, затоа што во еден момент ќе сфатите каде сте втасале, но нема да сфатите зошто сте изоделе толкав пат за да останете во место.