Конкурс за нова химна!

Колумна на Сашо Кокаланов

1.
По апсењето на Стевчо Јакимовски, партијата ГРОМ распиша конкурс за нова партиска химна. „Не може нам нико ништа, јачи смо од судбине“ некако ја прегази времето, а богами и судбината.
Од партиски информации дознаваме дека фаворит е „Зеница блуз“ од „Забрањено пушење“, поради стиховите: „окружни судија рек’о дванаес година, дванаес година, строгог затвора”, но се разгледува и многу пооптимистичката „Само пар година за нас“ од уште еден екс-ју бенд, „Екатерина Велика“.
Не се исклучува ниту можноста да се избере песната „Члан мафије“ од „Рибја чорба“, но на стиховите од оваа песна им се забележува тоа што никаде во нив не е прецизирано дека станува збор за урбанистичка или градежна мафија.

2.
Коментар за новите случувања во правосудството секако има и претседателскиот кандидат на опозицијата, професорката Гордана со уставно презиме Силјановска и географска додавка Давкова. Таа, се разбира, во духот на партијата што ја поддржува и на правните начела што ги предава, ги осуди сите судски одлуки.
Гордана, со латинско име Хорхана, на средба со граѓаните на Демир Капија им рекла дека кога таа ќе завладее со државава, а заевизмот ќе биде поразен, „правото и правдината ќе се вратат на голема врата во Република Македонија“.
Е, сега, бидејќи и граѓаните на Демир Капија, како впрочем и сите други граѓани на Македонија, со свои уши слушнаа за прекршувањето на правото, неправдите и криминалот на режимот што беше на сила пред да стапи на сцена овој страшен заевизам, имам само едно прашање за Хорхана: Дали и почитуваниот Груевски ќе се врати на голема врата, заедно со правдата и правдината?
Бидејќи, нели, избега на мала врата, а има доста за одлежување, ред е да се врати на голема врата во Идризово. Но, дали професорке на ова мислевте, или во вашата правна држава, вие ќе сте претседател на Македонија, а Груевски почесен претседател?

3.
Портпаролот на Владата денеска соопшти дека извршната власт се откажала од мерцедесот зашто е симбол на расипништво и затоа што е доказ во случајот „Тенк“ на СЈО. Судбината на СЈО, пак, е во рацете на Мицкоски, зашто без негова согласност немало да се носи новиот закон за обвинителството. Шеф на Мицкоски, пак, е Груевски.
Поврзете ги овие три реченици во логична целина и ќе го добиете заклучок дека судбината на мерцедесот е во рацете на неговиот прв газда. Што е океј, ако некогаш го продаваме. Не е иста цената кога го шитка прв газда и кога го возел кој стасал.
За уште малку да ја кренеме цената, не ќе е лошо во овој вакуум-период да ѝ биде даден на користење на мама Нада. За да може да пишеме во огласот и дека баба го возела.

4.

Ако не на мама Нада, најдобро е да му го дадеме на скопскиот градоначалник Шилегов. Човекот маста му ја извади на електричниот тротинет, жал да те фати, по шеесет километри дневно пичи на тротинет, како што самиот се фали на социјалните мрежи.
Една од малите хидроцентрали на Мицкоски веќе работи само за да се наполни електротротинетот на Петре.
Ај, тоа, друго ми е страв. Се наближува летото, а со тоа и познатата скопска сезона на комарци. Бидејќи овие инсекти се заштитени видови на подрачјето на Скопје, возачите на велосипеди и електрични тротинети ќе се први на удар.
Зошто да ни го искасаат градоначалникот, а мерцедес од 600.000 евра да ни скапува во гаража? Нема смисла. Дајте му го на Петре.

5.
Забележавте ли дека веќе како да навикнавме на успеси? Не знаеме ни да ги прославиме големите подвизи. Пред некој ден читам дека сме го пробиле и вториот тунел кај Пресека. И никому ништо. Ни зурли ни тапани, ни Северина, ни Брена…
Ех, во некои стари убави времиња, ваквите мали чекори за човештвото, но големи за Македонија, се славеа со блех-музика, се лепеа пари на чело на трубачите, се колеа прасиња и јагниња, се славеше со денови, а сега, цитирам: „со мала свеченост денеска во присуство на вработените ангажирани во изградбата на автопатот Кичево – Охрид, беше пробиен и вториот тунел под превојот Пресека“.
Извинете, ама ова не е за мала свеченост во кругот на работниците. Вториот тунел е со должина од цели 2.011 метри, што е воедно најдолгиот друмски тунел изграден во земјава.
Колкава ни е земјата, добро што излегле на површина на време, инаку ќе го загрозевме територијалниот интегритет на соседна Албанија.
Ако за ништо друго, требаше барем за ова да се слави, да се пие и да се јаде едно три дена – дека Кинезите не само што успеаја да пробијат втора коловозна лента, туку излегоа и на точната делница. Ама вие сте се стиснале ко…

6.
И додека сме кај тунелите, не може човек да не се „забавља“ со „македонсково сценарио“ на север од Северна Македонија. Таму српските граѓани го опколија претседателското седиште, но не успеаја да го заробат претседателот Вучиќ.
Како што објави водачот на Двери, Бошко Обрадовиќ, Вучиќ киднал од зградата на претседателството.
Но, како е тоа можно, кога граѓаните формираа круг околу зградата за да го спречат претседателот да го напушти претседателството, а тој, сепак, избегал!? Одговорот го даде поранешниот претседател Борис Тадиќ, кој рече дека има информации за таен премин, односно Вучиќ ја шмугнал преку тунел.
Освен забава, мене оваа информација ми предизвикува и грижи. Ме мачат толку многу прашања и дилеми. Што ако Кинези му го копале тунелот? Дали тоа значи дека Вучиќ ќе излезе некаде кај Пресека? Ќе го екстрадираме или ќе му обезбедиме превоз до унгарската амбасада во Тирана? Дали на излезот ќе го пречека обвинителката Лиле Стефанова и ќе го спроведе на судењето за „Траекторија“ или ќе го пречека Иван Стоиљковиќ со трубачи?
Видете, мене, како за некој што предава сценарио, не ми е неважно дали конечно ќе се сними еден значаен српски филм според македонско сценарио. Така што, ако се ја питам, што би рекол Бранко Ѓуриќ Ѓуро од Топ листа надреалиста, јас сум за.

7. Министерот Тевдовски објави дека банкарските сметки со основни функции ќе бидат бесплатни за ранливите категории. Тоа значи дека ако немате пари и немате сметка, отсега вашиот живот драстично ќе се промени – пари и натаму ќе немате, но затоа ќе имате сметка и ќе можете во секое време да извадите извод за да се уверите колку немате пари. Бесценето.