Корона во време на избори

Српскиот претседател Александар Вучиќ прогласи вонредна состојба во својата земја. Меѓу другото рече дека повозрасните граѓани на Србија (70+ години) треба да се самоизолираат и дека не треба да бидат посетувани од нивните деца и од нивните внуци. Демек, државата ќе им обезбеди доставување на неопходните артикли и лекови.

Не беше ништо кажано или барем јас не видов дали се одложени нивните скорешни избори и дали избори се воопшто можни при вонредна состојба. Во Велика Британија не се предвидени скорешни избори, ниту, пак, е прогласена вонредна состојба, ама затоа нивниот премиер Борис Џонсон препорача самоизолација за повозрасните граѓани (70+ години) во траење од дури четири месеци. Во Франција, која е една од најголемите европски жаришта на новиот вирус, се одржаа локални избори. Во Хрватска се одржаа внатрепартиски избори во владејачката партија ХДЗ.

Во Република Северна Македонија, која и процентуално и квантитативно има помалку заболени од корона вирусот од наведените држави, не е прогласена вонредна состојба. Барем не е додека не ги дознаеме резултатите од состанокот на Советот за национална безбедност кај претседателот Пендаровски. И сѐ уште не е препорачано повозрасните граѓани (70+ години) да се самоизолираат. И изборите не се откажани. Барем не сѐ уште.

Во препораките не е наведено кои бакнежи се дозволени. Бакнување во задникот, на пример, никој не спомна. Убеден сум дека љубењето задници е ем заразно, ем прилично профитабилно, особено ако задникот што е предмет на обожување се наоѓа едно скалило над вашиот нос

Иако вонредната состојба кај нас не е де јуре прогласена (барем не сѐ уште), таа де факто постои. Затворени се купишта дуќани, кафеани, дури и обложувалници и казина. (Не знам со кое темпо работат извршителите). Не работат образовните институции. Забранети се сите јавни собири. Ограничен е протокот на луѓе. Ограничен е сообраќајот. Дел од земјата е под целосен карантин. Препораката е речиси сите (не само 70+ граѓаните) да се самоизолираме…

А изборите сѐ уште не се откажани! Барем додека не ги дознаеме резултатите од состанокот кај претседателот Пендаровски.

Што би се рекло, ако не нѐ убие оваа коронава, изборите сигурно ќе нѐ докусурат. Демократијата ќе ни доака. Какви се, имено, тие избори, ако политичарите не слезат таму долу – меѓу народот, ако не се ракуваат со таканаречениот обичен човек, па дури може да е случи и некој бакнеж да падне. И онака нашите политички партии се секогаш меѓу народот.

 И, замислете само, еден од обожувачите на некоја политичка опција со себе да си го носи својот корона вирус и ете беља – отидоа партиските корифеи во самоизолација. (Кога човек малку посериозно ќе се замисли, коронава сепак има свои предности).

Ги знаат, до душа, политичарите правилата. На крајот на краиштата, тие ги прават. Нема ракувања и нема љубења, зашто отиде целиот електорат курбан. Заедно со политичарите. Но, ако сакаме да бидеме искрени, ние и не сме премногу навикнати да пружиме рака. Повеќе некако ја користиме ногата. Во форма на клоца. Може, се разбира, да пружиме и рака, ако треба нешто да се земе или евентуално да се удри некоја заушка.

За волја на вистината, во препораките не е наведено кои бакнежи се дозволени. Дали не смееме да се љубиме само по образите и евентуално во уста или не смееме да љубиме и други делови од телото? Бакнување во задникот, на пример, никој не спомна. Убеден сум дека љубењето задници е ем заразно, ем прилично профитабилно, особено ако задникот што е предмет на обожување се наоѓа едно скалило над вашиот нос. Љуби ме и главата горе – како што се пееше во една дамнешна предизборна кампања.

Но, ете, ќе ја преживееме и предизборната кампања заедно сосе короната, но како ќе ги преживееме самите избори. Треба да се покрене држава и половина (толку отприлика има гласачи на Изборниот список) плус дијаспората и да се откаже од препорачаната самоизолација за да стаса до избирачките места

Но, ете, ќе ја преживееме и предизборната кампања заедно сосе короната, но како ќе ги преживееме самите избори. Треба да се покрене држава и половина (толку отприлика има гласачи на Изборниот список) плус дијаспората и да се откаже од препорачаната самоизолација за да стаса до избирачките места.

Таму треба да се стискаат одговорните гласачи еден зад друг. Треба нивните лични документи да поминат низ неколку раце. Треба сите да фаќаат барем два исти хемиски моливи (еден за потпис во избирачкиот список и еден за заокружување на избирачкото ливче). Да не спомнуваме низ колку раце поминал изборниот материјал.

 Башка што некој, токму кога сте вие на ред, ќе кивне токму во пенкалото што мора да го дофатите за да ја извршите вашата граѓанска должност. Налет сѐ, кафеаните е затворени и нема да постои тоалет каде што ќе можете барем 20 секунди темелно да си ги измиете рацете.

Зашто, велат, дека, покрај јадењето лук и пиењето ракија, темелното миење раце е основата за заштита од вирусот. Рековме веќе дека рацете треба да се мијат темелно, студиозно и посветено. Впрочем, како сѐ што се прави во оваа земја, како што се прават патишта, како што се решаваат криминалните и коруптивните случаи, како што се отвораат нови работни места… Во последните десетина години, на пример, отворени се половина милион работни места за нашите работници. Во, Германија, Швајцарија, Шведска, Австралија…

Затоа во ова време-невреме, предлагам да ги збиеме редовите така што ќе бидеме раздалечени едни од други. И нема да ги дискриминираме повозрасните гласачи, оние над 70 години. И нема да воведуваме дополнителни вонредни состојби. И ќе ги одложиме изборите.

Затоа што така треба.