Едно е да се каже „Ние сме лудаци“, а сосема друго е тоа успешно да се примени на дело. Секој може да каже дека е лудак, но само на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ѝ успева секој ден да го докаже тоа емпириски.
Мислам дека Собранието правилно постапи што ги исфрли новинарите од новинарската ложа. Но, катастрофално погреши што на нивните места ги седна дипломатите. Како може да помогнат дипломатите!? Со оглед на тоа што се случува внатре во салата, ложата требаше да биде исполнета со врвни психотерапевти од целиот свет.
Претпоставувам дека ќе беше доволно да ги оставиме стручњаците на мира неколку дена да следат што се случува внатре, за потоа да одржат прес-конференција и јавно да кажат дали има лек за пациентите или треба да бидат згрижени во посоодветна установа од Собранието. За да може да заврши лудилово онака како и што почна – со жолти комбиња.
Пред некое време се појавија едни маички со, можеби, малку мачошовинистички, ама неспорно духовит натпис: „Нисам гинеколог, ал’ могу да погледам“. Да, на српски, па није ово бинационална Македонија, мајку вам божју, зашто да није на српски, а и јер због тога што од таму ги увезова маичките, натписот имено пред да дојде на маички, осамна на ѕид како еден врло веома добар београдски графит.
Можеби треба да се отпечатат нови маички, со амблемот на Собраниски канал на МТВ и со натпис: „Нисам психијатар, ал’ могу да погледам“
Нејсе, друго ми беше муабетот – можеби треба да се отпечатат нови маички, со амблемот на Собраниски канал на МТВ и со натпис: „Нисам психијатар, ал’ могу да погледам“.
Она што може да го види секој лаик е дека внатре група пратеници од иста пратеничка провeниенција жестоко дебатираат самите со себе. Македонија никогаш олку многу не била бранета. Да, имало ситуации кога Македонија сме ја бранеле од надворешниот непријател. Имало и ситуации кога сме ја бранеле од внатрешни непријатели. Но, ова е чинам прв случај во историјата кога Македонија ја браниме од самите бранители, односно конкретно, според точката за која се расправа во парламентот, моментално Македонија ја бранат од изгласување на собраниска комисија со која самите претседаваат. Ако ова не е малкуцка шизофрено, не знам што е.
Еве, баш си прелистувам една психијатриска читанка и пишува дека луѓето со шизофренија имаат сосема поинаква слика за реалноста и често губат контакт со неа. Исто така, вели дека тие можат да слушаат или да гледаат работи кои не постојат, да зборуваат на чуден и збунувачки начин, или да веруваат дека другите сакаат да им наштетат. За потоа да се заклучи дека луѓето погрешно го разбираат зборувањето сам со себе, со тоа што мислат дека им зборува некој од надвор.
Уф, јеботе. Гледам во читанката, гледам во телевизорот. Гледам во читанката, гледам во телевизорот. Пак гледам во читанката, па пак во телевизорот. Истото. И некој глас во мене се јави со реплика – гаси телевизорот, дур’ не си си стегнал процедурална забелешка.
Сте забележале дека колку повеќе ја браниме Македонија, толку повеќе луѓе по улица си зборуваат сами со себе. Не сум психијатар, ама некако сѐ повеќе сум убеден дека паранојава што успешно ја раширивме во земјава, ко да не ни годи баш на здравјето. Мислам, океј, можеби е корисна некое време, да се добијат избори и слично, и сѐ беше супер дури си бевме поделени како општество, ама малку се претера и со поделбиве, па сега нѐ удри и на поделба на самите личности.
Еве прашајте некого од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ дали се владејачка или опозициска партија, ќе видите дека што и да ви одговори, веднаш ќе се предомисли. Односно, подобро не прашувајте го ништо, зашто ќе немате време потоа со денови да го слушате како се расправа самиот со себе.
Сѐ видовме во парламентот деновиве, остана само уште едно. Да се јави за збор пратеник и веднаш потоа да си реплицира самиот себеси. И потоа процедурално да ја оспори сопствената контрареплика. Знаете она – станува, оди на говорница, зборува, а потоа трча назад спринт за да се јави за збор и се враќа веднаш на говорница за да си го оспори кажаното.
За тоа секако ќе треба некој врвен мајстор за оспорување на сопствените ставови, односно некој како Илија Димовски. Бидете трпеливи, ќе се издигнат и до тој стадиум, дајте им само малку време, еве напорно вежбаат со Антонио Милошоски и одлично им оди.
Тоа ќе биде спектакл и ќе се учи во учебниците по реторика. Добро, и во тие по психологија.
Со оглед дека тешко им оди напамет, морааат да читаат, можеби треба да им ја напишеме и таа плодна расправа и дискусија за да забрзаме. Важи, нема проблем. Еве како би изгледала, вака на прво пишување, потоа на координација може да се дополни и надгради.
Не, драги мои, не се тие луди, ние сме. Што го гледаме ова и се однесуваме како да е нормално
За збор се јавува Илија Димовски:
– Сакам да кажам дека тиранската платформа ќе ја уништи Македонија. Ќе ја нема Македонија. Нема да дозволиме да се формира влада врз база на платформа напишана во друга држава. Благодарам.
Реплика бара Илија Димовски:
– Видете Илија, многу ги почитувам вашите ставови, одамна ве следам, и вашите укажувања се сосема на место, но сакам да ве потсетам дека освен за платформата, ние тука дискутираме и за принципот коалицирање победник со победник.
Контрареплика на Илија Димовски:
– Да, колега Димовски, но ние денеска прво треба да објасниме зошто не може да коалицираат СДСМ и ДУИ, а дури потоа може да се отвори пат за коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
Процедурално Илија Димовски:
– Претходните двајца пратеници излегоа од темата, денеска зборуваме за комисијата за избор и именувања, односно за мој избор за нејзин претседател.
Реплика на Илија Димовски на процедуралната забелешка на Илија Димовски:
– Не можеме да зборуваме за ваше именување на никаква комисија, сѐ додека постои заканата од тиранската платформа. Благодарам.
Контрареплика на Илија Димовски:
– Ве слушам од преѓеска, Димовски, и не можам да разберам како ќе коалицираме ние победник со победник, ако претерано ја оцрниме платформата на албанските партии до тој степен да не може потоа да ја прифатиме како што ја прифативме пред еден месец. Значи, да не должам, јас сум да се отфрли платормата, да, но не по секоја цена.
Контраконтрареплика на Илија Димовски:
– Илија, вие очигледно не ѝ мислите добро на Македонија ако коалицијата ви е поважна од платформата. Толку. Благодарам.
Контрареплика на контрконтрарепликата на Илија Димовски:
– Јас како Илија Димовски не дозволувам вие Илија Димовски да бидете поголем Македонец од мене. Кој ви го дал тоа право?
Овде е можно да дојде и до мал прекин во дискусијата, поради физички напад на Илија Димовски врз самиот себе, односно Илија Димовски да си ја истури водата врз главата, по што претседавачот Трајко Вељановски ќе даде пауза 15 минути, за сите Илии Димовски да се консолидираат на координација самиот со себе, притоа најучтиво ќе ги замоли и Илија Димовски и Илија Димовски да се однесуваат пристојно, колегијално, со меѓусебно почитување, како што доликува на едни народни пратеници во Собрание.
Не, драги мои, не се тие луди, ние сме. Што го гледаме ова и се однесуваме како да е нормално. Ама, Сашо Кокаланов, на почетокот на текстот рековте дека тие се луди, а сега ние… Да, точно, си го користам процедурално правото и јас на една контра реплика на самиот себе.