М(а)рш за правда!

Признавам, има веќе некое време како сфатив дека не го сфаќам концептот на правдата во државата Република Северна Македонија, па дури ни концептот на правото. Затоа, признавам, кренав раце од следењето на препукувањата околу Законот за јавно обвинителство. Всушност, со гаснењето на Специјалното јавно обвинителство станав прилично апатичен кон идејата за воспоставување на принципите на правната држава.

На крајот на краиштата, не сум ниту правник, ниту правото нешто особено ме интересира, па затоа останав прилично индиферентен и незаинтересиран околу донесувањето на последните закони на овој состав на Собранието на РСМ.

Ама, сепак, успеав да се изненадам! И да се збунам!

Лидерот на најголемата владејачка партија СДСМ и доскорешен премиер Зоран Заев повика на марш „Чекориме за правда“! Каков марш? Зошто марш? За чија правда? За која правда? Какви ќе бидат транспарентите и што ќе се извикува на тој марш: „Сакаме правда“, „Правда за Македонија“, „Нема правда, нема мир“, „Правда за Законот за јавно обвинителство“, „Правда за Советот на јавни обвинители“…?

Ќе разберев, на пример, да се маршираше за правда за македонската атлетика. Или за правда за кусите раскази. Или за правда за македонските киносали. Или за правда за денс-музиката. Или за правда за телевизиските реклами…, ама за правда!

 И од кого ќе бараме правда? Од распуштеното Собрание? Од судовите? Ќе маршираме затоа што институциите не си ја вршат својата работа? Или ќе бараме правда за институциите на правдата? Па, бујрум, нека маршираат институциите, заедно со власта, и нека си бараат правда, ако веќе толку им недостасува.

Ќе разберев, на пример, да се маршираше за правда за македонската атлетика. Или за правда за кусите раскази. Или за правда за македонските киносали. Или за правда за денс-музиката. Или за правда за телевизиските реклами… Ама, во тој случај веројатно ќе се очекуваше некој друг или некои други, а не партијата на власт и нејзиниот лидер, да повикуваат на марш.

Особено затоа што и лидерот, кој едно време раководеше и со оној совет за судски реформи, или како ли се викаше веќе тоа тело, а и партијата со која раководи, во последните две-три години располагаа со најголемиот дел од механизмите на извршната, а богами и на другите власти.

Зошто тогаш создадоа ситуација да мораат сега да маршираат? И зошто, по ѓаволите, мораат да чекорат за правда? Зошто не лежат за правда, на пример? Или барем да клечат за правда? Од искуство знам дека чекорењето за правда и не е премногу ефикасен метод за воспоставување на правдата.

Од друга страна, колку што знам, сите планирани реформски закони за овој период се усвоени. Вклучувајќи ги тие што ја вклучуваат правдата. Еве, и францускиот претседател Макрон попушта со стегите околу започнувањето на преговорите за влез во Европската Унија. НАТО е завршена работа. Просто цутат рози на сите страни.

Попрво, значи, би очекувал лидерот на владејачката партија да повика на сенародна прослава во чест на правдата отколку на марш за правдата. Добро, би можел да повика и на сеопшта прослава поради распуштање на Собранието, на пример. И верувам дека таа прослава би била прилично посетена и прилично богата со сендвичи и сокчиња.

Доволно е само да се одвојат помалку од десет проценти од она што ќе се заштеди од патните трошоци на неколкумина пратеници, па да има пари и за хонорари на изведувачите, а богами и за мезе на посетителите.

И зошто, по ѓаволите, мораат да чекорат за правда? Зошто не лежат за правда, на пример? Или барем да клечат за правда? Од искуство знам дека чекорењето за правда и не е премногу ефикасен метод за воспоставување на правдата.

Добро, да не се правам недоветен, имам јас свое објаснување за оваа, не знам како да ја наречам, еве идеја за марш. Додуша, објаснувањето не е логично, ама сепак е некое објаснување, а тоа се вика: бележење територија! Во случајов: бележење на улицата. Претпоставувам дека постои извесна доза (не)основан страв дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ би можела да изведе луѓе на улица, па е проценето дека е подобро „ние пред нив да го направиме тоа“.

Не сакам да бидам циничен, ама оваа логика ми изгледа токму како онаа на ВМРО-ДПМНЕ, додека беа на власт. Само проширена и надградена. Се сеќавате – на секој протест имаше контрапротест. Имаше дури и протести против опозицијата. На секој медиум имаше контрамедиум. На секоја невладина организација имаше контра-невладина организација. Е, сега нема контрамарш, бидејќи нема ни протестен марш. Има некаква прошетка од Собрание до судската палата.

Очекував дека оваа изборна кампања ќе биде валкана, бескомпромисна, со удари под појас. Впрочем, и овие избори се такви: по нив некој ќе се прости од политиката, а верувам дека и политичкиот пејзаж во земјава нема повеќе да биде ист. Ама, сепак, не очекував дека ќе започне во ваков монтипајтоновски стил.

За волја на вистината, адутите на власта на следните избори не се ниту сериозните постигнувања во надворешната политика, ниту робусната социјална политика, ниту приемот во НАТО, па дури ни евентуалниот датум за преговори за влез во ЕУ. Нејзините адути лежат токму неспособната, неинвентивната и до крајни граници здодевна опозиција. Како што сега стојат работите, власта има сериозни шанси да си ги избие овие адути од рака.

Но, да не бидеме толку скептични. Сепак, ќе има некакви резултати од маршот за правда: во Скопје повторно ќе има сообраќаен хаос.