Илинден за македонската историја ќе стане она што е „Роки“ за холивудската историја: Илинден 1, 2, 3, 4… и Роки 1, 2, 3, 4… Како и да земеш, Свети Илија е еден вид религиски суперхерој, своевиден супермен што ем дели правда и морал, ем брилијантно ракува со громови и молњи, па зошто тогаш и ние да немаме некоја франшиза од овој тип – ем е акциска, ем патриотска.
Колку Илиндени има? Во времето додека нѐ лажеа комуњарите, актуелни беа два Илиндена – оној од 1903 и оној од 1944 година. Потоа некој го прогласи Референдумот од 8 септември за трет Илинден, а од пред некое време знаеме дека имало и четврти Илинден (поточно прв), оној кога се одиграла битката кај Херонеја, на Свети Илија, отприлика три века пред Исус.
Како што мене ми се чини, Илинден за македонската историја ќе стане она што е „Роки“ за холивудската историја: Илинден 1, 2, 3, 4… и Роки 1, 2, 3, 4… Како и да земеш, Свети Илија е еден вид религиски суперхерој, своевиден супермен што ем дели правда и морал, ем брилијантно ракува со громови и молњи, па зошто тогаш и ние да немаме некоја франшиза од овој тип – ем е акциска, ем патриотска.
Не би се изненадил ако во меѓувреме, или во некоја идна историја, не пронајдеме уште десетина Илиндени. Речиси сум сигурен дека и нашите браќа, Хунзите и Навахо Индијанците, следејќи ја традицијата имаат свои Илиндени, за кои уште не сме свесни, ама, што би се рекло, ќе се свестиме. Нема да помине многу време кога по булеварите на Општина Аеродром нема да ги гледаме само момчињата на коњи и фалангистите, онака спектакуларно опремени од скопската пластичарска улица (која, патем речено, се вика булевар „Александар Македонски“) туку и Навахо воините, како и храбрите борци од Хунзите. Една семакедонска античка воена парада.
Нека види светот со какво оружје била опремена македонската армија на сите континенти! Не знам, можеби новата историја ќе нѐ научи дека 1944 на Вис, кај Тито, биле Ченто, Навахо-поглавицата Препржен Ајвар и Мами Паша Хунза да бараат Македонија да се обедини од Ајова до Пакистан.
Знам зошто фалангистите го слават Илинден – Свети Илија функционира девет века пред Исус, па можам да поверувам дека Илинден го славеле и Филип и Александар, заедно со нивната војска, но не знам зошто одат кон Крушево. Освен ако старото име на Крушево не е Херонеја. Што ќе доведе до нови историски сознанија, дека Александар Велики наместо на исток, тргнал на запад. И, слично на Колумбо, кој можеби се раководел со неговите мапи, наместо во Индија стасал во Америка. И донел палми оттаму!
Ако се гледа низ оваа призма, тогаш навистина на тежина добива успехот на македонската дипломатија, дека со Бразил е воспоставен безвизен режим. Додуша и фактот дека таму најлесно се добива зика вирусот. Оној од кој новороденчињата добиваат оштетување на мозокот. На крајот од краиштата, и комарците се македонски бренд.
Можеби новата историја ќе нѐ научи дека 1944 на Вис, кај Тито, биле Ченто, Навахо-поглавицата Препржен Ајвар и Мами Паша Хунза да бараат Македонија да се обедини од Ајова до Пакистан
Со оглед на нашите спортско-туристички походи кон Бразил, јасно е дека Русија е засегната. Та, нели сме лидери во регионот што обично го нарекуваме „пошироко“. Затоа и забранија увоз на говедско месо од Македонија. Наводната причина е епидемијата на јазлеста кожа. Кај говедата. Со оглед на фактот дека „јазлеста кожа“, односно симптомите на оваа болест, на античко-македонски може да се преведе како „кожа ко ѓон“, не е најјасно на кој тип говеда мисли Русија кога го забранува увозот. Инаку и вирусот „јазлеста кожа“ се пренесува преку комарци. Уште еден доказ дека комарците се Македонци по потекло.
Но, Русија не може, а да не го следи лидерот во „пошироко“. Читаме дека деновиве има масовна петиција во Санкт Петербург со барање копијата на славната скулптура „Давид“ на Микеланџело, која деновиве е изложена во некогашната престолнина на царска Русија, да биде – облечена. По барање на санктпетербуршките жени. Поради расипување на моралот на децата и младината.
Но, немојте да бидете наивни: зад секое облекување скулптури, стари барем по еден милениум, стојат светските корпорации, темпларите и масоните. Познато е, имено, дека главниот менаџер на светската корпорација за производство на гаќи и костими за капење „Спидо“ изврши самоубиство откога разбра дека на нашиот Прометеј му се облечени гаќи. Корпорацијата процени дека е пропуштена шанса на милениумот да го закачи своето лого на гаќите на Прометеј. Ама ние не паѓаме на светски заговори.
Што се однесува до облекувањето на рускиот Давид на Микеланџело, според извори блиски до руската модна индустрија, во мртва трка се „Армани“ и „Диор“, a веднаш зад нив се „Долче и Габана“ и „Версаче“. „Тетекс“, за жал, не е во конкуренција. А, ете, Русите, паѓаат на светски заговори.
Затоа се без брска и злобните прашања околу новоотворениот парк во Општина Аеродром: демек каков е тој парк без дрвја, односно само ливада со неколу канделабри. Наводно, според сите дефиниции, парк морал да има и дрвја. Како да не! И паркингот е изведенка од парк, па нема ни дрвја, ни светла, ни бутур. Како никогаш да не слушнале за парк на исчезнати дрвја? Или за парк на облечени антички Навахо скулптури? Колку само еврообврзници беа потребни да се отвори овој парк за комарци, од оние што убаво ја цицаат крвта, а ние веднаш само да приговараме.
Ако не беше тој парк, каде ќе доаѓаше Мерил Стрип да снима филмови? А? А, таман се спрема светската премиера на новата македонска франжиза: Пржино 1, 2, 3, 4…