Мала, а толку голема!

Оваа колумна ја пишувам во време кога речиси една недела не знам што се случува во Македонија. Не сум баш на пуст остров, ама е доволно запустен од интернет и од други дострели на цивилизацијата, што е можност за вистински одмор и мала дисконекција со вестите од татковината.

Од тие причини не знам како поминал вчерашниот празник – нека ни е честит и вечен Илинден! Не знам дали се славел на истите три локации – Скопје, Крушево и Пелинце, дали дошле гости од пријателска Бугарија на заедничко чествување, какви пораки се испратени, и како се прифатени.

Од аспект на долго очекуваниот, четвртиот Илинден, кој би почнал со реализирање на интегративните процеси, од овде многу појасно се гледаат сите аспекти на она што значи да се биде осамен и изолиран остров, а што дел од едно поврзано семејство. Во нашата јавност не постојат доволно сознанија за длабочината на последиците од децениската изолација на земјата.

Јавноста интуитивно ги чувствува и можеби површно ги гледа, но без јасна претстава колкава ќе биде нивната димензија ако Македонија и натаму остане надвор од интегративните процеси. Ситна како зрно песок, или како затворена школка што и најмал бран може да ја помести од моменталната позиција. За поголем – да не зборуваме!

Ако Заев нема друга татковина, ако Мицкоски постојано се повикува на „нашата мила мајка Македонија“, имаат шанса и, пред сѐ, обврска, да покажат што се подготвени да направат за неа, односно за нејзините граѓани

Старите идеи на Белград за решавање на проблемот со Косово преку размена на територии, е само еден од тие можни бранови, со потенцијал да предизвика регионално цунами. Македонија не смее да се замижи пред таквата опасност и мора што поскоро да стане дел од НАТО-архипелагот, пред да заплисне таков бран.

Ако се измешаат картите на Балканот на таков начин, потоа доцна ќе биде да расправаме зошто опозицијата била кратковида, зошто ги кочела интеграциските процеси, зошто имала дифузен став кон референдумот, зошто навреме не ја видела големата слика, туку се борела само за тесните интереси на големите мајстори во криминалната кујна.

Тие работи мора навреме да се видат, анализираат и превенираат. Но, се чини дека во моментов не е изграден внатрешен мост на кој власта и опозицијата ќе се најдат на една средна точка, не само за македонските интереси, туку за елементарен разговор. По непишано правило, првиот чекор треба да го направи тој што е на власт. Опозицијата треба да го прифати. Но, не како обид помирување заради нечие помилување, туку заради интересите на Македонија.

Предолго живееме во еднодимензионалност, во внатрешна омраза, плукање, мижење пред реалноста, неприфаќање аргументи. Таа санта мраз од некаде мора да почне да се топи

Ако Заев нема друга татковина, ако Мицкоски постојано се повикува на „нашата мила мајка Македонија“, имаат шанса и, пред сѐ, обврска, да покажат што се подготвени да направат за неа, односно за нејзините граѓани.

Македонија досега ја погоди сѐ и сешто: и ембарга, и конфликти, и земјотреси, и поплави, и кризи… Не ја погодиле само уште две работи: метеорит и внатрешно единство. Предолго живееме во еднодимензионалност, во внатрешна омраза, плукање, мижење пред реалноста, неприфаќање аргументи. Таа санта мраз од некаде мора да почне да се топи. За жал, топлината што ќе го почне топењето мора да биде автентично произведена во внатрешните односи, а не резултат на метеоролошки фактори. 

Мора да се надмине суетата, да се остават настрана старите практики и сите да почнат да се однесуваат како разумни политички опоненти, а не како закрвени непријатели. Да се разговара нормално, не преку нишанот на клетви, навреди и омаловажувања.

Во една колумна напишав, но би сакала повторно да ја посочам лекцијата што ја практикувал еден менаџер, кога ја проширувал својата компанија. На секој шеф во новите филијали му испраќал по една голема „бабушка“. Знаете како изгледа таа дрвена, декорирана фигура. Кога ќе ја отвориш, внатре има идентична помала фигура, во помалата уште помала, во следната – најмала, а во неа порака: „Ако се опкружиш со луѓе помали од тебе, ќе станеме компанија на џуџиња. Ако вработуваш и се опкружуваш со луѓе поголеми од тебе, ќе станеме гигантска компанија“.

Ако ова дава резултати на микрониво, може и на макрониво. На Македонија не ѝ требаат големи суети и големи манипулатори. На Македонија ѝ требаат големи луѓе кои ќе се опкружат со уште поголеми луѓе, со здрави и големи идеи како да изградиме единство, да продуцираме развој и да излеземе од атмосфера која го фрагментира општеството и ги дели луѓето по разни основи.

Ако секој инсистира и спроведе ваква порака во своето опкружување, ако системот на вредности зацарува на сите нивоа, ќе нема таков бран што ќе може да ја скрши земјата. Ќе биде мала по територија, но голема по резултатите! Македонија заслужува да ја издигнеме на таков пиедестал.