Петок да се работи со половина работно време, односно најмногу до 13 часот, за вработените да имаат време повеќе да се посветат на семејствата. Ова како информација, по тајни шпионски канали, успеа да излезе од супертаинствената програма на ДУИ, наречена „Квалитет на живот“.
Некој можеби ќе избрза со констатацијата дека овој гест на интегративците за работничките права во Северна Македонија ќе биде кенгурски скок со орелски крилја, но внимателните аналитичари ќе забележат дека во праксата ова ќе значи само уназадување на најголемиот дострел на ДУИ во изминативе десет години, а и во историјата на работништвото – можноста да се добива плата без да се оди на работа.
Како што јавноста веќе е запознаена, уживатели на ова во историјата незабележано работничко право, беа само околу илјада одбрани работници. И наместо да успеат да го аплицираат на сите 200.000 административци, тие сега се обидуваат да им замачкаат очи така што ќе ги честат половина петок.
Добро, можеби ова е само прв чекор на приближување. Пред следните избори, ќе се добие и другата половина од петокот и половина четврток. И така постепено сите ќе успееме да станеме граѓани од прв ред, односно ќе го оствариме нашето право на плата, без да одиме на работа.
2.
Во тој контекст, ако за плаќање ДДВ се организира наградна игра, зошто да не го наградуваме и одењето на работа. Односно, покрај „Мој ДДВ, моја награда“, да се организира и „Моја работа, моја плата“. Откуцај се на влез на работа и освој вредни парични награди!
Има едно чудо награди што може да ги привлечат вработените административци на работа. На пример, замислете ако може да се освои уште половина петок слободен, две до три дневници плус или да се врзе викендот со среда.
Од најситни дневни награди, на пример продолжена пауза на два часа, до неделни награди – неработен понеделник, па сѐ до годишно извлекување за К-15, патување со службен автомобил, дневници за во странство за време на годишниот одмор и уште многу, многу вредни добивки.
Зошто да не одите на работа, кога колку повеќе пати сте отишле на работа, толку ви е поголема шанса за вредни добивки.
3.
И не само што знаеме сѐ, туку овој автор директно ни се вмеша во изборите. Српскиот претседател Александар Вучиќ, како што прочитавте веќе, индиректно ги повика Србите да гласаат за опозицијата во Северна Македонија, то ест за вмровците, затоа што власта, односно комуњарите, го бојкотирале наградувањето со Нобел на овој истакнат српски писател со австриско потекло.
Е сега, има тука еден мал заеб, да не речам превид, во тезата на Вучиќ. Имено, Хандке стана „српски великан“ така што отворено застана на страната на Србија за време на последните балкански војни, а особено за време на бомбардирањата на НАТО на Србија во 1999 година. Бомбардирања кои Македонија сесрдно ги помогна логистички, така што им ги отстапи на Алијансата и земјата за логистичките војски и небото за бомбардерите. А во 1999 година на власт во Македонија беше денешната опозиција, односно вмровците.
Така што, да резимираме, Вучиќ им порача на Србите, индиректно де, да гласаат за тие што им ги пуштија бомбардерите, за да ги казнат тие што осудиле австриски писател што го осудил бомбардирањето. Што не ви е јасно?
4.
Кога сме веќе кај темата ние и соседите, малку им беше на Бугарите што ни го зедоа Гоцета, сега претендираат да ни ги украдат најголемите дострели и од современата историја. Бугарските медиуми тврдат дека нивната престолнина Софија е на трето место во светот според загадувањето на воздухот. Вака покажале податоците на светските агенции за мерење на квалитетот на воздухот.
Според Европската агенција за животна средина, воздухот во Софија е со најголемо загадување и е реално опасен за човековото здравје. Позагаден воздух наводно дишеле само во индискиот град Њу Делхи и во пакистанскиот Лахор, пренесува БГНЕС.
Како тоа секој ден читаме вести де Скопје најзагаден град во светот, де Тетово најзагаден град во светот, де Битола… цело време сме тука некаде во врвот и одеднаш Бугарите нѐ бришат од светската мапа на најзагадени градови. Не е фер и не е во духот на потпишаниот Договор за добрососедство.
Можеби треба да се формира и мешовита група на екологисти, по примерот на онаа со историчарите, кои нема да ги чистат учебниците, нема додуша ни воздухот, ами барем ќе разговараат за фактите и ќе изнајдат некое заеднички прифатливо решение.
5.
Во меѓувреме, кај нас партиите ќе бараат заеднички јазик за Законот за јазиците. Оваа јазична игра со зборови покажува дека политиката внесува само забуна во нашата lingua franca. Кога јазиците се глагол за купување гласови и предмет на политички договарања, субјектите обично тонат како Венеција, дури и без епитетите за Законот од Венецијанската комисија.
6.
Германија објави до крајот на оваа година ќе побара 24.000 нови работници, а во наредната година планираат да вработат уште толку работници од странство, објавиле вчера во Минхен, менаџерот Мартин Сеилер и сојузниот министер за сообраќај Андреас Шоер.
Особено се бараат машиновозачи, диспечери и железничари. Со оглед на тоа што нашата земја сѐ уште нема железница ни кон Исток ни кон Запад, а линијата Север-Југ не ни функционира и чекаме Вучиќ и Мицотакис да се договараат за брз воз Белград-Солун, сите вие македонски граѓани што сакате возови, не губете време.
Македонските доктори и медицински сестри треба некој да ги вози во Германија, зошто тоа да не бидат македонски машиновозачи и железничари. Па, здравје, еден ден, кога ќе си имаме наш железнички сообраќај, наши метроа и тролејбуси, како и наше здравство, ќе си ги вратиме и тоа во полна работна форма.
7.
По името, сега не го даваме ни знамето. Се заклаа луѓе по социјалните мрежи чие било знамето на крилото на американскиот воен транспортер со кој Заев и Шекеринска опалија селфи. Жолти сончеви краци на црвена основа, кога ќе ги види човек, не може да не му стане топло на душата. Под агол како што своевремено ги нацрта Мирослав Грчев.
Е, арно ама, нашите вексиколози и хералдичари на Твитер и на Фејсбук мерејќи го аголот на зраците, утврдија дека не биле тие на Грчев, туку на крилото било знамето на Аризона.
За подоцна, по нови форензички прецизни анализи, да ни соопштат дека тоа е амблемот на авијацијата на Вирџинија. До затворањето на оваа колумна нема нови сознанија за мегаскандалот.
И џабе се фрлаат нови бомби од арсеналот на „Рекет“, со ништо нема да успеат да ни го свртат вниманието од гафот со знамето. Името го дадофне, ама знамето не го даваме!